Во Агенцијата за млади и спорт денеска се одржа прес-конференција по повод заминувањето на нашите спортисит на Специјалната олимпијада во Берлин, што ќе се одржи од 17 до 26 јуни.
Секој спортски собир носи свои специфики и значење, доминантно од аспект на натпревар и стремеж за постигнување резултати.
„Посебноста и спецификата на Светските Специјални Олимписки Игри е токму во надградувањето на спортскиот стремеж на едно многу повисоко и возвишено ниво – преку учеството, атлетите играат за победа – спортска, но и победа над предрасудите. На едно место, ова светско случување обединува различни луѓе, со и без попреченост, луѓе од различни нации, култури, ставови и религии, демонстрирајќи како може да се надминат секојдневните бариери меѓу луѓето преку моќта на спортот. Со учеството во Светските Специјални Олимписки игри, го демонстрираме нашиот стремеж за инклузивно општество, општество за сите нас, вклучително и за лицата со попреченост. Во оваа прилика сакам да им пожелам на Атлетите од Специјалната Олимпијада на Северна Македонија успех во Берлин и да ги охрабрам на натпреварите на кои учествуваат да го покажат целото знаење, умешност и секако, сила. А сите ние заедно, несебично поддржани од помагателите на нашата Организација: Агенцијата за Млади и Спорт, НЛБ Банка и Горска вода сме тука за вас да ве охрабруваме и бодриме“, изјави Моника Бишковска, претседателка на Специјалната олимпијада, Македонија.