Во рамки на проектот „Тајните архиви на Скопје – Раѓањето на градот“ вечерва премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за Старо Скопје, „Раѓањето на градот”, чиј автор е Катерина Габунија, а носител на проектот НУФЦ „Вардар Филм“ – Скопје.
Филмот ќе биде прикажан во рамки на Фестивалот на нем и класичен филм, кој прв пат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката и здружението Кино Балкан. Проектот е поддржан од Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката.
Проектот „Тајните архиви на Скопје – Раѓањето на градот” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски и дизајнер на звук Сашко Потер Мицевски.
„Раѓањето на Скопје” претставува колаж од дигитализирани осум милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни, креираат емотивна, забавна но и носталгична филмска сторија за Скопје и скопјани раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето на нов живот се клучни елементи на овој видео колаж. Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8мм ленти. Се продолжи со Дигитализација и дигитална обработка на истите а потоа се премина кон монтажа на слика и звук.
Како што соопштија од Кинотеката, граѓаните кои со своите ленти ќе учествуваат во проектот, ќе добијат свои дигитализирани копии и секако ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж. На овој начин преку архивирање и Дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 милиметри) од домашната архива на Скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.