На 30 декември на малата сцена во МНТ со почеток во 12:00 премиерно ќе биде одиграна монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, а во изведба, режија и продукција на првенецот на Македонскиот народен театар, Ѓорѓи Јолевски. Тој е добитник на низа национални и меѓународни награди и еден од најуспешните македонски актери со многубројни театарски и
телевизиски проекти позади себе.
„Последната лента на Крап” е претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во Кутија три – ролна пет! На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А, стариот Крап, сега има
амбивалентен однос кон тоа што го слуша. Ова е претстава за изолацијата, за стареењето, за кревкоста на сеќавањето, нашиот комплексен однпс со технологијата, во еден свет во кој времето неповратно минува, низ бројни ограничувања со кои не соочува самиот живот.
Претставата е ко-продукциски проект помеѓу Македонскиот народен театар и „Перипетија продукција“ од Скопје. Продуцент е Ѓорѓи Јолевски, а извршен продуцент е Никола Кимовски. Преводот на текстот од англиски на македонски јазик го направи драматургот
Владимир Јанчевски. Сценографското решение, дизајнот на плакатот и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, костимографијата е на Ивана Каранфиловска – Угуровска.На светло дизајнот работеше Дарко Младеновски во соработка со светло – операторот Игор Митревски, а на дизајнот за тон – Ненад Трпеноски. Билетите се достапни онлајн на следниот линк , како и на билетарницата на МНТ.