Романот „Водни тела“ на Ана Аврамовска и збирката раскази „Вечерен автобус“ од Стефан Алијевиќ се меѓу наградените на годинешниот регионален избор „Штефица Цвек“ за ангажирана феминистичка и квир книжевност.
Добитничките и добитниците на вториот по ред регионален книжевен избор „Штефица Цвек“ беа прогласени деновиве, во рамки на книжевниот фестивал „Крокодил“ во Белград.
Сега, кога сите недоумици се испеглани и критичките шевови зајакнати, жири-комисијата на „Штефица Цвек“ ги додели признанијата на следните седум автор(к)и, набројани по азбучен ред:
- Ана Аврамовска, Водни тела (роман, Паблишер, 2022)
- Дуња Матиќ, Мировање (роман, В.Б.З., 2022)
- Маја Солар, А хтела сам (збирка поезија, Енклава, 2022)
- Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Лијета с Маријом (роман, Фрактура, 2022)
- Селма Асотиќ, Реци Ватра (збирка поезија, Buybook, 2022)
- Стефан Алијевиќ, Вечерен автобус (збирка раскази, Или-Или, 2022)
- Желимир Периш, Грација од чемпреса (збирка раскази, OceanMore, 2022)
„Станува збор за книжевни текстови кои на вистински бунтовен начин обработуваат феминистички и квир теми“, велат од „Штефица Цвек“.
Првиот круг од жири-комисијата беше во состав: Ана Фазекаш, Ања Томљеновиќ, Дара Шљукиќ, Мања Величковска и Милица Улемек.
Врз основа на собраните предлози од регионалната книжевна заедница, во која учествуваа 130 писател(к)и, критичар(к)и, новинар(к)и, беа номинирани 131 книга. Од нив, во прелиминарниот избор направен од првата жири-комисија се најдоа 24 дела од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Србија.
Вториот круг на жири-комисијата беше составено од книжевните критичарки и бунтовни читателки Грација Атанасовска, Ивана Дражиќ и Маја Абаџија. Тие ги издвоија горенаведените седум наслови како најзаслужни да го понесат името на познатата хероина на Дубравка Угрешиќ од романот Штефица Цвек во челустите на животот.
„Ана Аврамовска е млада писателка чиј прв роман успешно ја обработува темата на актуелната (локална) еколошка катастрофа, тематизирајќи ги проблемите со загадениот воздух и со губењето на значајните природни предели во нејзиното родно Куманово. Преку своите протагонист(к)и таа ја нагласува важноста на пријателството и на взаемната грижа, кои неминовно ја надминуваат
средината во која живеат. Оваа екокритичка перспектива, со доза магичен реализам, е редок пример во современата регионална книжевност и е вистинско освежување за македонската – и пошироко – екс-југословенската и балканската книжевна сцена“, стои во образложението на жирито за наградата на Аврамовска.
За збирката на Алијевиќ се вели дека е одлично дебитантско дело кое комбинира автофикциски и фиктивен наратив.
„Со јасен и едноставен јазик, Алијевиќ успешно обединува различни теми, почнувајќи од сеќавањата на детството, релацијата на квир момчето со неговите баби, до општествените очекувања за наметнатите родови улоги. Како збирката што напредува, се чини дека добива сè поголем замав и продолжува со потресни приказни кои говорат за насилството и предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето, како и другите малцински групи во конзервативните и малограѓанските средини“, велат од жирито на „Штефица Цвек“.
Фондот за стипендии за признанието „Штефица Цвек“ исто така го создаде регионалната книжевна, културна, феминистичка и активистичка заедница преку кампања за краудфандинг која траеше 46 дена и собра вкупно 2.162,45 евра, солидарно донирани од вкупно 94 луѓе и организации. Во основањето на оваа стипендија учествуваше и PEN International, кој за потребите на фондот донираше 600 евра. Паричната награда ќе биде подеднакво поделена меѓу добитничките/добитниците.
Овогодинешниот избор е по иницијатива на регионалната мрежа книжевни критичарки „Бунтовни читателки“, а во соработка со партнерите Kulturtreger/Booksa (Хрватска), ПЕН центарот во Босна и Херцеговина и Коалиција МАРГИНИ (Македонија).