Од 1 јули целосно се забранува продавањето на пластични ќеси и оксобиоразградливи ќеси, односно оние кои во маркет се продаваат за 15 денари. Дозволени ќе бидат само биоразградливи ќеси.
Оваа одлука доаѓа по усвојување на новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Според истиот, ќесите од 2 денара, поскапеа на 15 денари пред година и половина.
Претставници на производителите велат дека материјалот за изработка на биоразградливите ќеси е тешко достапен за македонскиот пазар, па затоа е тешко и континуирано да се произведуваат.
Бараат измена во законската регулатива и да се направат поголеми напори за обезбедување на еднакви услови на пазарот, односно да спречување на нелојалната конкуренција со нудење на бесплатни пластични кеси. Побараа и намалување на надоместокот за биоразградливите пластични ќеси кои би се продавале по 1 јули 2023 година.
Голем дел од фабриките ставија клуч на врата по владината одлука една ќеса да се продава по 15 денари. Според информациите од производителите на ќеси, од 32 фирми, дваесетина веќе затвориле.
Сепак за овошјето и зеленчукот, и во маркетите и на пазарите, сè уште се користат пластичните ќеси. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани компаниите во земјава произвеле околу 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и ќеси.
Од Министерството за животна средина тврдат дека употребата на пластичните кеси е за 10 пати намалена, а особено намалување има во маркетите и тоа за околу 85%.
Земјите-членки на ЕУ веќе почнаа да забрануваат употреба на пластика за еднократна употреба, како цевчиња, чепкалки за уши, чинии, чаши и пластичен прибор за јадење за еднократна употреба. Во некои земји пластичните кеси се целосно забранети, во други се даночат, а во трети се наплаќаат.