Индиа Мулен, мултидисциплинарна уметница од Ирска која една деценија работи во театар, телевизија и филм, појавувајќи се како актерка во низа проекти признати од критиката, ќе има своја самостојна изложба на 20 март во 19часот во галеријата Пионери.
Оваа уметница на јавноста ѝ е особено позната по улогата во прочуената ТВ-серија „Нормални луѓе“. Во последниве години Мулен се занимава и со филмска продукција и визуелна уметност. Нејзините фотографии се објавувани во Wonderland, W Magazine, NME и други списанија, а во моментов е во претпродукција за својот прв филм како сценаристка/режисерка.
Неодамна, Мулен се претстави со свои дела во Have A Butchers Gallery во источен Лондон, во рамките на изложбата Strange Quarks, курирана од Алегра Вентури во соработка со уметницата и дизајнерка Џоана Лордан.
,,Од секаква суштина” е колекција на фотографии кои го истражуваат идентитетот и нашиот однос кон себеси на возраст од 20 до 30 години, со фокус на прекумерната потрошувачка и чувството на изолираност во опкружување од боја и шум.
„Нормални луѓе“ е позната ТВ-серија базирана на истоимениот роман на Сали Руни. Приказната ја следи комплексната врска меѓу Мериен (Дејзи Едгар-Џонс) и Конел (Пол Мескал), двајца тинејџери од Ирска кои припаѓаат на различни општествени слоеви, преку нивните искуства во соочувањето со љубовта, класните разлики и идентитетот, од средно училиште па сè до последните години на колеџ. Серијата ги собра сите пофалби за суптилниот пристап кон раскажувањето, интимната визуелна естетика и трогателната изведба на Едгар-Џонс и Мескал. „Нормални луѓе“ со ретка автентичност ги доловува комплексните чувства на младешката љубов, а деликатната обработка на темите на ранливост и блискост ја издвојува оваа серија како една од највпечатливите драми за созревањето во последниве години.