Олгица Ѓоргиева со години работи на градење на својот моден бренд кој веќе е препознатлив, успешен и е синоним за квалитет и успех. Таа оваа година започна нова приказна, почна да дизајнира чанти, кои треба да ја продолжат нејзината успешна кариера и да го прошират нејзиното креативно поле.
Долго време сте дел од македонската модна сцена, создадовте голем број на колекции, препознатлива сте по вашиот личен печат и моден израз. Како добивте инспирација да почнете нов професионален предизвик и да креирате чанти?
Ова е време кога сите сме ставени пред различни предизвици на еден или друг начин. Целата ситуација со глобалната, светска пандемија ми покажа дека некои работи мора да се сменат барем на одредено време. Но креативноста не е привремена состојба, ја имаш или немаш, а кога ја имаш ја практикуваш во сè што правиш. Ја пренасочив мојата креативност во друг правец, ме исполни со нова, креативна енергија, која создаде нови продукти кои на некој начин претставуваат надградување на мојата работа. Станува збор за специфичен производ од повеќе аспекти, за чија реализација никогаш не ми остануваше доволно време да му се посветам и да го реализирам. Карантинот и дополнителното слободно време ми овозможија да ја реализирам мојата идеја и сум многу среќна поради тоа.
Како изгледаше самиот креативен процес, од идеја до реализација, на што најмногу внимававте при создавањето на оваа нова приказна?
Јас сум позната како тематски дизазјнер, во мојата работа секогаш има „зошто“, па така беше и сега. Пробав да вметнам нешто лично и да дадам вредност на тоа што сум го создала. Моето омилено модно парче е една јапонска, свилена марама што сум ја добила како подарок и чиј дизајн е стар повеќе од 40 години. Таа марама ја употребував во различни варијанти на врат, на рака, на чанта и сл. Еден ден си реков сама на себе, оваа марама толку многу ја сакам, но ако продолжам да ја употребувам сигурно ќе има свој крај. Така почнав да размислувам како можам да и го продолжам векот и дојдов на идеја да ја скенирам, да изработам материјал со истиот принт и од тоа да направам чанти. Втората варијанта за дизајнот е од слоганот GOrgeous кој некако стана мој заштитен знак. Првите две букви се иницијалите од моето име и презиме, како дел од еден прекрасен збор, за кој не верувам дека постои девојка која нема да се почувствува прекрасно кога ќе го прочита. Успеав да запознаам прекрасни луѓе што се дел од овој проект и помогнаа да биде успешна приказна. Засега нарачките на чантите ќе се одвиваат онлајн со кратко време предвидено за достава. Ова е нов производ кој во иднина сигурно ќе претрпи одредени промени, така да самата работа сигурно ќе покаже кој е најдобриот систем.
Што научивте од животните предизвици што ви ги донесе оваа година, како се боревте со неочекуваните моменти?
Покрај сите предизвици што ги имаме оваа година, јас сум благодарна за сè. Животот не бил никогаш права линија, па така и ова. Искусивме време кое најверојатно во нормални услови никогаш немаше да си го дозволиме. Кога ќе размислам за оваа година и покрај тоа што сите сакаме да ја класифицираме како најлоша до сега и со душа чекаме да заврши, можам да кажам за себе дека ова беше „голема година“, ширна, среќна и исполнета продолжувам по патеките што се креираа за мене и мојот животен пат.
Ова интервју ви го пишувам од Виена и се радувам што оваа новост ја споделувам со вас! На пат е нов интернационслен проект за мене, костимографија за балетската претстава Аллез Варзер во „Словенската опера и балет“. Дефинитивно е нов предизвик, нов чекор во мојата кариера на кој навистина му се радувам и сум благодарна, зашто тоа е производ на цела моја работа во изминатите години. Креативноста нема граници и освен технички кработи потребни кај различна професија, креативноста, иновативноста и оригиналноста се секогаш добредојдени. Ова е нова гранка во мојата кариерера која ја започнав пред 2,5 год и за мене е едно големо искуство затоа што сите проекти од костимографија имаат интернационален карактер, ме натераа да научам нови работи, ми отворија различни погледи, поинакви искуства, преиспитувања од различни аспекти, што претставуваат прекрасни предизвици за градење и дооформување на својата личност и професионалност.