Оваа сабота (13 мај) на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО 11 ќе настапи Оља Грубиќ во продукција на ВИА НЕГАТИВА, српска уметница со перформансот Extima: Плодна почва во 20 часот во МКЦ. Билетите се по цена од 200 денари и може да се најдат на следниот линк https://bileti.mkc.mk/index.php?id=1221
Како што известуваат од Тиииит! Инк., засновано на истражувањето во блискиот однос помеѓу цивилизациската логика и околината, перформансот го разгледува непропорционалното влијание на еколошката деградација врз жените, со фокус на околината и родовата неправда.
Централната премиса на проектот е дека постои аналогија помеѓу искористувањето на жените и она на природата: недостатокот на почит кон нив и местото на кое им е доделено, правејќи ја нивната работа, нивното производство и слично – невидливи.
Плодна почва е првиот дел од четиригодишниот проект под заеднички наслов EXTIMA. Во него Оља Грубиќ ја истражува екстернализацијата на интимното како основен гест на уметникот од една страна, додека од друга страна ја отвора сложената врска помеѓу приватното и јавното, личното и општественото.
Бојана Вунтуришевиќ и Алембик од 21 часот ќе имаат концерт во денсинсг салата во МКЦ.
„Бојана Вунтуришевиќ една од најактуелните кантавторки во регионов, доаѓа во МКЦ на 13 мај! Вунтуришевиќ ја знаеме како како пејачка на инди поп бендот Svi na pod!, а од 2016 година почнува и со соло кариера. Нејзиниот деби албум Daljine доби многу позитивни критики и признанија, а во 2021 година со песната „Пари“, го најави и вториот албум „Ljubav“, кој го издаде во февруари оваа година. Вунтуришевиќ го опишува нејзиниот стил како „капиталистички блуз“ и црпи влијанија од инди поп, трип хоп и денсхол. Заедно со Бојана доаѓа и Пеџа Милутиновиќ, да растури на бубањ!“, објавија од Тиииит!Инк.
Алембик се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола, вокал) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи (оттука и идејата позади името).
Билетите се на следниот линк: https://bileti.mkc.mk/index.php?id=1222