Чие е делото? На Густав Климт? Џејмс МекНил Вислер? Фрида Кало? Имате четири обиди да погодите.
Новата дневна игра Artle е како Wordle (или македонскиот клон Зборле), но за љубителите на уметност. Креирана е од Национална галерија за уметност во Вашингтон и ги поттикнува играчите да научат повеќе за уметноста.
„Појавата на дневни игри за погодување го инспирираше нашиот тим за дигитална продукција да создаде дневна игра користејќи ги колекциите од Националната галерија“, изјави за магазинот Смитсонијан, Стивен Габарино, сениор продукт менаџер на музејот. Тој вели дека играта е дизајнирана да им помогне на љубителите на уметност да дознаат повеќе за уметниците и делата.
Музејот сака да ја направи подостапна својата колекција од 150.000 слики, фотографии, скулптури и други дела. Artle вклучува погодување на името на уметникот што го создал делото. Прво се појавува делото и треба да се напише името на уметникот под него. Доколку не е точно, на вториот обид се појавува друго дело од истиот уметник. Има четири обиди за погодок и секој ден е нова слагалица со ново име.
„Artle е брза вежба за мозокот. Но не е толку за предизвикот да се погоди, колку што е за откритието. На крајот се учи за самиот уметник и поттикнува да се дознава повеќе за разни уметници и нивните дела со цел погодување на следното Artle“, вели Габарино.
Играјте го Artle тука.