Музејот – складиште „Бојманс ван Бојнинген“ се отвори минатиот викенд и дава пристап до малку познати дела на Ван Гог, Леонора Карингтон и Салвадор Дали меѓу другите. Повеќето музеи во светот покажуваат само 10 проценти од делата што ги имаат, а менувањето на поставките трае подолг период. Но овој музеј во Ротердам најде ново решение, го отвори складиштето за посетителите. Овој музеј на иднината се планирал околу 20 години и е прв во светот како музеј-депо.
Во новата зграда, обложена со стотици огледала, делата се распоредени на шест ката а посетителите ќе мора да носат заштитни мантили. Тие ќе можат да ги гледат реставраторите како работат и да се движат низ пет различни климатски зони, приспособени за метал, пластика, хартија и црно-бела и колор фотографија, што овозможува артефактите да бидат складирани и изложени на соодветни температура и влажност. Музејот содржи над 63.000 слики, скулптури, фотографии, филмови, инсталации и прединдустриски и дизајнерски предмети, како и 88.000 цртежи и принтови. Поради недостиг на курирање, од музејот се надеваат дека посетителите ќе доживуваат авантура додека разгледуваат наоколу и самите ќе ја откриваат вредноста на делата.
„Навистина е неверојатно. Работевме на ова од 2004 година и имаше неколку фази во изградбата и решението“, изјави директорот на музејот, Сјарел Екс.
Првичниот музеј „Бојманс ван Бојнинген“ во моментов е затворен поради реновирање кое се очекува да заврши во 2028 година. Идејата за новиот музеј доаѓа откако складиштето на првиот музеј се поплавувало постојано и се барало друго решение.
„Низ годините ми стана јасно колку е вредно да се отвори складиштето за посетители. Ја гледав возбудата во групните и индивидуалните тури кога им покажував дела во депото на музејот. Тоа е искуство кое не се заборава“, вели Екс.
Извор: news.artnet.com