Во низата лажни вредности и искривени слики за секојдневието што редовно се пласираат на социјалните мрежи, за поздрав е кога некој ќе сподели реална слика или некоја своја лична борба и ќе им покаже на останатите што поминуваат низ истото, дека не се сами. Затоа ние поразговаравме со водителката Нина Ред, која е една од ретките кај нас која отворено и транспарентно зборува за својот проблем и борба со акните и проблематична кожа на лицето.
Неодамна на вашиот Инстаграм профил споделивте искрена и реална слика од моменталната состојба на вашата кожа на лицето и ја покажавте вашата рутина во борбата со акни и проблематична кожа. Како се решивте на овој чекор и што беше пресудно да одлучите да зборувате за овој проблем со кој се соочуваат и многу други?
Па мислам дека беше редно време да споделам, зашто само така може еден човек да се ослободи од тежината која ја носи, а тоа е да се сподели јавно. Најискрено, сакав да им се спротивставам на мислите кои неуморно ме следеа каде и да се движев, кога и да застанев пред огледало. Ме убедуваа дека луѓето ќе ми се смеат на таквото лице, а впрочем се случи обратното. Поголема поддршка не сум добила досега. Сега мислите како да ги снема. Тишина е. Убаво е.
Вашите следбеници ви дадоа огромна поддршка и бевте инспирација на многу девојки со сличен проблем, да споделат фотографии или свое искуство. Како се чувствувате кога знаете дека сте позитивен пример за менување на свеста за отворено зборување за оваа појава?
Ни на крај памет не ми беше кого ќе инспирирам, дали до некого ќе допрам, дали ќе ми пишуваат пораки, дали ме споделиле по веб портали, ама воопшто. Мислам дека најголем фокус ми беше дали ќе имам доволно храброст да објавам јавно. Излезе дека не сум ни најмалку свесна што сè можам, па така и до сите кои во најмала рака ја споделија маката со мене. Ми значи, не можам да кажам не и навистина сум горда на сите девојки, па и момци што ми пристапија на убав начин, бидејќи ваков третман заслужува секој што е присутен на социјалните мрежи. Сакам да верувам дека може и подобро.
Проблематичната кожа има различни фази, подобри и полоши варијанти. Од вашето искуство што директно влијае на акните и нивното појавување?
Кај секого е различно. Можете да слушнете дека кај некого е од едно обично не миење на лице со соодветен чистач, кај друг полицистични јајници, хормони, трети стрес, четврти алергични на некој производ, петти нездрава и брза храна, обработена, конзервирана итн. Според моето искуство, ми се чини како да не се трудиме ни малку да прочитаме што сè има на некои производи за храна и дали тие нешто му прават на организмот. Не ги слушаме знаците што ни ги дава телото. Земаме тоа што е готово, брзо и наједноставно за колку да се најадеме. Како да се изгуби љубовта кон храната, како да се дисконектиравме од сè што е природно, да се готви, да се одвои време, бидејќи сметам дека тоа е длабокото решение. Мислам дека она домашното јадење од порано ни беше вистински лек за сè, бидејќи се тргнува од внатре.
Кои моменти ви беа емотивно најтешки и што најмногу ви помогна да ги пребродите?
Најемотивен момент поврзан со акните ми беше кога ќе станев наутро и ќе се погледнев во огледало. Тогаш онака детално забележував дали некоја акна се повлекла или не, или пак се појавила нова. Ако беше нова, веднаш мисловно и потајно влегував во мини депресија. Не ми се излегуваше еден период, откажував состаноци, не ми се одеше на работа, мразев ако некој ме праша што ми е со лицето итн. Среќа, па знам колку вредам и тоа сега поретко се случува. Но, за помладите генерации многу е важно некој да е со нив во тие денови, да им го насочи вниманието на друга тема, да ги изведат да прошетаат надвор. Едноставно да им правите друштво, да им дадете љубов. Да знаат дека сте тука за нив. Верувајте, тоа многу помага. И мене тогаш една драга личност ме извади од тие мисли. Вечно ќе и бидам благодарна.
Инстаграм и останатите социјални мрежи пласираат нереална содржина и директно влијаат на самодовербата и менталното здравје на многу луѓе. Имате ли некој совет за луѓе што се чувствуваат несигурно или се жртви на интернет навреди и говор на омраза по било која основа?
Уф… Најважно е да имаат на кого да се обратат, да чувствуваат дом во нечии прегратки, да се чувствуваат добредојдено и комфорно да се доверат и да ги искажат чувствата. Треба да се зборува што погласно на оваа тема. Ниту едно дете, ниту најобичен човек не заслужува таков третман. Можеби, би предложила да поминуваат време во природа, да прочитаат книга за самопомош, да почнат да ги пишуваат чувствата на лист хартија, да спортуваат, тоа исто многу помага. Јас да сум некое име и презиме во политиката, би ставила предмет ментално здравје во секое основно и средно училиште. Не знам дали луѓето воопшто ја разбираат тежината на оваа проблематика што е се поприсутна кај помладите. Само погледнете го македонскиот филм Sisterhood и сè ќе ви биде јасно. На сите нас ни треба огромна доза на љубов. Многу љубов кон себеси и кон другите, затоа се случува ова на што сведочиме.
Може ли на кратко да ја опишете вашата дневна рутина за нега на кожата што покажала најголеми резултати?
Прво и основно, не бадијала кажале дека убавината доаѓа одвнатре, па така би советувала да применувате што повеќе здрави оброци, многу вода, чаеви и активен живот (планинарење, трчање, фитнес, танц), а како второ, за аплицирање на кожата би рекла само хидратација и хидратација. Тоа подразбира серуми, креми и маски. Одете барем два пати месечно на третмани или масажи за убавина и ќе бидете супер. Чувајте си го здравјето. Телото памти.