Препознатливиот диџеј од „Скопски Грув“ и „Амок Радио“ што ги носи хип-хоп, соул и електро-журките и настапите на ново ниво ни раскажа за неговите почетоци, музиката што најмногу влијае на него, како и условите на денешната диџејска македонска сцена.
Почетоците како диџеј
Веројатно сè почна од четвртоците во „Сектор“ со Гоце САФ, па до првото купче со валкани плочи на вујко ми, каде што од стотина наслови издвоив една, „Street Beat Vol. 1“ на „Шугархил рекордс“. Неколку купени плочи, подоцна дојде и првата опрема, првите домашни журки со сегашниот состав на „Скопски Грув“ и конечно официјализирање на колективот. Сè се движеше многу брзо гледано од сегашна перспектива.
За Street Struck
Идејата зад Street Struck доаѓа од моето воодушевување кон огромното количество квалитетна музика што произлегува од маргинализираните општества, не обрнувајќи внимание на жанрот, периодот или географската позиција. Иако нема ограничувања, доминантна музика е хип-хопот, како еден вид на моја одговорност да ја носам единствената емисија на нашето радио во која доминира овој жанр. Кога се работи за што најмногу сакам да пуштам, сè зависи од локацијата, публиката пред мене и расположението. Уживам во еклектични сетови, драстични разлики во темпо и жанр, од соул и реге, па до диско и електро.
Настапи, журки, настани
Подготвувањето за настап варира во зависност од настапот – типот на настан, големина, локација. Главно, се состои од селектирање на поголем број песни, групирани жанровски, според брзина или вајб. Доколку се работи за видео-/аудиострим, можам да спремам и точен редослед на песни, со претходно испробани комбинации и транзиции. За клупска вечер често музиката сакам да ја испробам на малку погласно озвучување, за подобар осет како би звучело во таков сетинг. Моментално, со делумното враќање во нормала на ноќниот живот, често настапувам во некој од локалните барови и клубови, а моја препорака е посебно внимание да се обрне на журките и настаните што се во наша организација, каде што загарантирано се вложува труд за да се добие едно комплетно аудиовизуелно доживување во пријатна и топла атмосфера.
Потребата од нови уметнички идеи и „Амок Радио“
Се должи на целата моментална ситуација и „сцена“ во државата. Време е за нови идеи и ентузијазам, па затоа со фузијата помеѓу другарите од „Скопски Грув“ и „Убли“ го креиравме „Амок Радио“, кое веќе една година остава белег на домашната и интернационалната сцена. Посветени сме, пред сè, да креираме простор каде што ќе можеме самите да твориме и да се чувствуваме слободни, а потоа и сите истомисленици и музичари/уметници. Идејата е да го пренесеме домашниот квалитет надвор, како и да претставиме екстра квалитетни диџеи и селектори од целиот свет. Да се биде дел од „Амок“ значи константен труд, желба и разбирање, како и многу трпение и истрајност да се опстане во оваа таканаречена држава во која живееме.
Музички влијанија
Хип-хопот отсекогаш бил присутен и има голема заслуга во градењето на мојот музички вкус, почнувајќи од „A Tribe Called Quest“, па до Снуп Дог, конкретно „Догистајл“, кој, заедно со „Кроникс“ од Д-р Дре сметам дека имале најголемо влијание врз мене. Со купувањето плочи допрев и подлабоко во културата, па така почнав да истражувам рани соул и фанк мелодии, брејкови и примероци од старата школа, кои се заслужни за целата креација на овој жанр. Електро, електро фанк, буги фанк и сè што го прави автентичниот звук на западната страна ме возбудуваат до денес.
Квалитетната музика на нашите простори
Сметам дека на овие простори имаме голем проблем со проценување на квалитетна музика и кои параметри ја прават таква. Термини како андерграунд и алтернативна музика многу често се користат сосема погрешно, фрлени од ракав без никаква тежина. Од моја гледна точка, за ваква мала држава, постои голем број на квалитетни диџеи кои треба да се борат со сите препреки што се пред нив, од еднакви (ниски) хонорари независно од квалитетот, посветеноста или опремата што ја користи артистот, па до немањето услови, штетен звук во клубовите и слично. Со сето тоа кажано, основата е тука, но треба големи промени за да се дигне некое ниво во кој било аспект, особено во диџејството.