Небојша го забележавме случајно на „Инстаграм“, а поради спојот на фотографии и интересни дизајни кои му се всушност примарна професија, ви го претставуваме со краток разговор во нашите рубрики во кои секогаш поддржуваме креативност на сопствени дела и идеи.
За еден графички дизајнер да твори е најважно… Сметам како и за секое творештво важно е да се ужива во работата, да се биде љубопитен/-на, да се истражува, а клучно е можеби да се биде упорен/-а и да не се биде мрзлив/-a… да се работи на сите идеи, да не се откажува човек лесно и веднаш… да не се блокирате на стартот. Што би рекол Џон Кејџ – „ПОЧНИ!“
Инспирација и мотиви за дизајни наоѓам во… Насекаде и во сè! Книги, улица, природа, фотографии, во комуникација со луѓето… Ќе ви звучи можеби морбидно, но на гробишта сликам надгробни плочи, натписите ме поттикнуваат за изработка на фонтови.
А за фотографии… Ме привлекува неочекувана композиција, геометрија, бои, светлина, чувство… Тогаш речиси инстинктивно ми доаѓа да го „врамам“ и сочувам моментот што сум ја здогледал.
Најпредизивикувачки дизајн што сум го изработил досега ми бил… Предизвик ми се нестандардни корици за книги. Како пример би ја посочил едицијата Градот во издание на Темплум. (Линк до фотки )
Креирање фонтови ми е исто така предизвик. Многу ми е драг фонтот „Екран“ кој е дигитлаизација на писмо кое се користело во Македонија, па и ширум Југославија, во 1970тите.
Со фотографија почнав… Некаде во 1984-1985, со фотоапаратот на татко ми, Зоркин 4.
Пресудно за добра фотографија е… Да го погодите моментот, тајмингот и композицијата.
Најважно за успешен графички дизајн… Естетика и функционалност. За разлика од „чистата“ уметност, графичкиот дизајн е применета уметност, има своја функционалност, служи на/за нешто.
Во твојата работа се среќаваш и со позитивни и негативни критики, како се справуваш со тоа… Секоја критика и комплименти се рефлексија на она што го сработуваме. Низ годините, голем дел од креативните решенија што сум ги направил биле предмет на пофалби и комплименти. Ме радува кога луѓето ќе ја прифатат пораката изразена низ визуелното решение кое сум го направил или ако ги насмее мојот хумор. Имам јас и строги критичари и искуства кога не сме се препознале во очекувањата со одредени нарачатели. Секогаш ми било клучно да учам од грешките, да пораснам во ситуацијата… Независно какво е искуството, позитивно или негативно, гледам да продолжам да уживам во работата и да го дадам најдоброто од себе.
Дизајнери и фотографи кои ги следам се… Социјалните медиуми ни го ставија светот на дланка. Тешко ми е да одвојам дизајнери и фотографии, зашто списокот е долг. Исто така, ме фасцинира креативноста на сите, не само на професионалците кои се посветиле да бидат дизајнери и фотографи, креативноста која стана видлива со постоењето на социјалните медиуми. Само како пример, на Инстаграм следам преку 2.000 луѓе и секое лизгање на прстот по екранот ми ја покажува таа креативност, тоа препознавање на убавината кое е во сите нас.
Социјалните мрежи даваат широк спектар на можности за некои професии… Социјалните медиуми се интересен феномен. Таа наша виртуелна вмреженост навистина нуди широк спектар на можности, од размена на мислења, креирање публика, промоција, информирање… За визуелните комуникатори, социјалните мрежи се одлична платформа за споделување фотографии, дизајн, видео, уметничко дело…
Фотографијата и дизајнот се слични за мене по…, а различни по… Ако можеме некако да ги споредиме, би рекол дека се слични во композицијата, возбудата да имаат порака и поента, во доловувањето на приказната… Дизајнот е суштествено различен зашто неговата креација подлежи на бекрајни можности на доработка, на бескрајната креативност на уметникот, додека фотографијата, иако има простор за доработка, е феномен надвор од нас, нешто веќе зададено…