Во две одделни експедиции на брегот на Охридското Езеро, албанските и странските археолози можеби се сретнале со најстарите познати живеалишта на континентот, пренесува „Балкан Инсајт“.
Адријан Анастаси, албански подводен археолог, е полн со возбуда по резултатите од овосезонските археолошки ископувања во две праисториски населби во југоисточна Албанија, со откритија кои можат да го променат начинот на кој го разбираме овој период на човечко постоење.
Првото откритие беше на проектот „Лин 3“ , во општината Поградец, на брегот на Охридското Езеро на населба „наколни живеалишта“ која датира од 5.800 до 5.700 година пред нашата ера.
Второто откритие, во близина на селото Дунавец, на околу 45 километри јужно, е изградено врз претходните дела на албанските археолози од пред неколку децении.
„Судејќи според видот на наколните живеалишта откриени на „Лин 3“, веруваме дека ова е најстарото во Европа од она што го знаеме досега“, изјавил Анастаси за „БИРН“.