Кинескиот уметник Аи Веивеи го откри своето уметничко дело Водни лилјани #1 направено од лего коцки, со цел оддавање почит на уметникот Клод Моне како реинтерпретација на една од најпознатите слики на францускиот импресионист. Делото е најголемото уметничко дело создадено од лего коцки, долго е повеќе од 15 метри и се состои од околи 650.000 коцки лего во 22 бои.
Делото ќе биде изложено во Музејот на дизајн во Лондон во склоп на изложбата „Аи Веивеи: Има смисла“ која се отвора денес и ќе биде првата изложба на уметникот која се фокусира на дизајн и архитектура, како и неговата најголема соло изложба во последниве 8 години.
Иако познатата слика од Моне е епитом за природна убавина, мочуриштето и градините се всушност човечко дело, дизајнирани и креирани од самиот Моне на почетокот на 20 век. Во делото на Веивеи, лего коцките покажуваат еден симплифициран јазик од пиксели и бои.
„Нашиот свет е комплексен и оди кон непредвидлива иднина. Затоа е важно за индивидуалците да најдат персонализиран јазик за да ги искажат своите искуства во предизвикувачки услови. Без личен наратив, наративот на уметникот го губи квалитетот. Во Водни лилјани #1 го интегрирам импресионизмот на Моне и конкретните искуства на мене и татко ми во еден дигитализиран и пикселизиран јазик“, вели уметникот за делото.
Според главниот куратор на музејот Џастин МекГирк, делото е монументално, комплексно и моќно и претставува чест Лондонскиот музеј да биде првиот музеј во кој ќе биде изложено.