На Светскиот ден на поезијата, кога по повод 100 години од неговото раѓање, делото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов ќе се чествува и во седиштето на УНЕСКО во Париз, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) објави нов превод на неговата песна „Љубов“ на француски јазик.
Авторка на преводот е Гаел Лекок, учесничка на школите на МСМЈЛК при УКИМ и магистрантка по македонистика на ИНАЛКО, под менторство на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро.
Како што е наведено во објавата на МСМЈЛК при УКИМ, во овој превод на „Љубов“ на Шопов е впишана и големата љубов на Гаел Лекок кон македонскиот јазик, литература и култура, која почна токму на ИНАЛКО, на Лекторатот по македонски јазик кој деновиве прославува половина век постоење. Но и воопшто љубовта и посветеноста на новите генерации македонисти во Франција на кои таа им припаѓа.
-Уште една потврда дека сме должни да вложуваме во иднината на македонистиката на ИНАЛКО! Да вложуваме во новите генерации македонисти во Франција, но и секаде низ светот! 50 години Лекторат по македонски јазик во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов!, нагласуваат од МСМЈЛК при УКИМ.
Остварувањето на програмата „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, почна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која беше во чест на делото на великанот, со учество на странски македонисти од четири континенти. Како што беше соопштено и тогаш, на Школата, поезијата на Шопов доби нови вреднувања, толкувања и преводи преку прочитот на странските македонисти од напреднатото рамниште, на кои се надоврзува и овој превод на француски јазик од магистрантката по македонистика на ИНАЛКО, Лекок.