Името на брендот „Minnimal“ потекнува од зборот „минимализам“ (стил во уметноста што има чист и едноставен естетски карактер). Моделите на брендот се состојат од едноставни и структурирани линии, текстури, бои и тонови и нивната облека е родена да биде безвременска…
Историја и модели
„Почетоците на нашата работа се во 2020 година како онлајн-бутик, како и на социјалните мрежи ’Инстаграм‘ и ’Фејсбук‘, каде што секојдневно ја испишуваме нашата историја“, велат од брендот.
Главните парчиња облека на „Minnimal“ се безвременското кимоно што лесно може да се нарече ДНК на брендот, класични палта, практични костуми, лелеави панталони и кошули, кои ќе направат да се чувствувате посебно во секојдневните комбинации. Женските костими, класичните мантили, волнените капути се едни од парчињата што можете да ги најдете во секоја есен/зима колекција, додека ленените фустани и кимона, како и најпродаваните дводелни комплети од лен и памук се неизбежен дел од пролетните и летните колекции. Парчињата се создадени од најфини природни материјали, како лен, памук, вискоза, волна…
Нова колекција
Новата летна колекција е инспирирана од таканаречениот „old money“ тренд. Овој стил е класична, безвременска елеганција и софистицираност. Овој тренд се карактеризира со фокусирање на квалитетот пред квантитетот, ставајќи акцент на добро скроените парчиња направени од луксузни ткаенини. Новата колекција е карактеристична по тоа што секое парче е создадено да може да се користи во сите летни комбинации од секојдневни комбинации до вечерни комбинации.
Преовладуваат земјените тонови од сива, кафеаво, маслинеста, до бакарно-црвена и песочна нијанса. Неслучајно, кампањата е сликана на француската ривиера, која сама по е извор на безвременска елеганција.
Континуитетот во работењето и доследноста кон квалитетот се ставовите на брендот за развој на локалната модна сцена. Брендот работи по начелото на квалитет, а за тоа зборува и враќањето на клиентите да купат секоја нова колекција по некое ново парче. Во период од три години, откако постои брендот, успешно се распродадени десетина колекции.
„Покрај многубројните пофалби во однос на квалитетот и кројот на парчињата, еден комплимент што многу често го добиваме од клиентите е дека, носејќи ги нашите модели, клиентките се чувствуваат поженствено, посамоуверено и помоќно“, велат основачите на брендот.