Фестивалот за европски авторски анимирани филмови „Флипбук филм фестивал 2023“ ќе се одржи од 10 до 13 август 2023 година, во летното кино на Кинотеката на Македонија. Оваа година, фестивалот е во знакот на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов и е под покровителство на претседателот на Македонија. Фестивалот ќе биде отворен со премиерата на четири анимирани омнибус филмови инспирирани од творештвото на Шопов, во режија на Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов. Во другите три вечери ќе бидат прикажани близу 100 филма во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.
Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година: „Уанлув“ на руската авторка Варја Јаковлева, годинашниот победник на „Анимафест“, номинираниот за „оскар“ „Трговци со мраз“ на Португалецот Жоао Гонзалез и македонскиот анимиран филм „Безбојно огледало“ на Бесар Илјази. Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 19 филма од хрватската, британската, унгарската и белгиската школа и два македонски филма, „Нонсенс“ на Ангела Грозданов, дипломски филм направен на Катедрата за анимација на „Еуропа прима“ во Скопје, и „Чил Стејси, Чил“, филм на Тамара Таскова направен на нејзините филмски студии во Словенија. Голем интерес на досегашните изданија на фестивалот предизвика натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, а меѓу десетте наслови, ќе бидат прикажани наградуваните „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ, „Артефакти за тебе, артефакти за мене“ на Белгиецот Брехт де Кок, францускиот „Бокс Катерс“ на Наоми ван Ниекерк. Во селекција на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно 19 анимирани видеа меѓу кои и два македонски, на Андреј Марјановиќ и Никола Радуловиќ.
За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Надја Андрашев од Унгарија, продуцентка и режисерка на повеќе наградувани анимирани филмови, Марко Дјешка од Хрватска, наградуван режисер и стрип-автор и основач на познатото студио за анимација „Адријатик“, и Гоце Цветновски, македонски автор на анимирани и играни филмови. За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција ќе одлучуваат Михал Бобровски од Полска, професор и теоретичар на филм, автор и приредувач на неколку значајни книги од областа филмот, Арба Хаташи од Косово, директор на фестивалот за анимиран филм „Анибар“, и Наташа Андонова, македонска аниматорка, сликарка, илустраторка и филмска и театарска костимографка.
За време на фестивалот ќе бидат претставени изложби на цртежи и колажи од анимирани филмови и флип-бук тетратки изработени од учениците во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Четвртото издание на „Флипбук филм фестивал“ е поддржано од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Екосвест и Кинотеката на Македонија.