Просечниот човечки живот не е над 80 години, туку барем трипати по толку, да кажеме најмалку 240 години. Тој не почнува во моментот кога се раѓаме, туку најмалку во моментот кога се раѓа нашиот дедо или некој друг возрасен човек со кој сме постоеле на истата временска линија и оставил некаков печат врз нас, а трае сè до оној момент додека траат и новите генерации кои сме ги инспирирале и врз нив сме оставиле некаков печат.
И токму часовниците и парчињата безвременски накит, пренесувани од генерација на генерација најдобро ја раскажуваат оваа приказна. Затоа, како „Божиновски часовници и накит“ сериозно ја сфативме задачата дека покрај продажбата на часовници од особена важност е да ги истакнуваме луѓето кои се околу нас и се инспирација, кои знаат како секундите да ги претворат во музика, уметност, во чувство што останува во просторот засекогаш. Нашата идеја е да ги „славиме“ и да ги истакнеме токму тие безвременски луѓе, кои се тука да ни покажат дека животот е многу повеќе од само бројка.
И нема поинспиративно од тоа ова наше патување да го почнеме со приказните на пет жени, врвни професионалци, секоја во својата професија, кои се наша инспирација, да бидеме подобри, да работиме понапорно, да се трудиме повеќе и, секако, да го броиме времето само по убави моменти.
Мими Поп-Алексова Атанасовска е наша примабалерина која со години успешно ја гради својата кариера и неуморно се труди да внесе свежина и да остави свој личен печат во балетскиот простор и на сцената. Со неа поразговаравме за она што ја мотивира и ја инспирира низ улогите, за постојаната посветеност кон оваа предизвикувачка професија, но и за перцепцијата на времето како релативно и карактерните особини што ја опишуваат.
Часовник – Longines Primaluna
Накит од капучино-керамика, розово злато и дијамaнти – Damiani D.Icon
Да се биде примабалерина во Македонската опера и балет е голем предизвик и успех на балетската сцена. Со оглед на тоа што се работи за професија што бара голема посветеност, како наоѓате мотивација и инспирација во работата, што ве води низ процесот на играње на улогите?
Мотивот и инспирацијата речиси секогаш доаѓаат сами по себе кога го работиш тоа што го сакаш, а не тоа за што си платен. Нашата професија е многу тешка и доколку во потполност не ѝ се посветиш, доколку ја изгубиш дисциплината и амбицијата, тогаш се губат и предизвикот за нешто ново и внатрешната сила што те поткрева да креираш уметност. Лично, ме инспирира мислата и потребата за свој сопствен развој како уметник, особено сега кога сфаќам дека зрелоста на еден танчар му дава поинаква визија на тоа дека балетот во која било уметничка форма значи да ја раскажеш приказната. Со текот на годините се добива некоја посебна длабочина во нашата интерпретација и тоа како гледаме на претставите. Убавината е во тоа што на секоја улога можеш да ѝ дадеш бесконечни нијанси, да ја збогатиш, да ја облагородиш, да го дооформиш карактерот на ликот кој го играш, исто како на човекот кој е желен да учи нешто ново, да се збогатува како личност, да биде подобар. Тоа е предизвикот и затоа нашата работа никогаш не може да биде досадна. Кога си помлад, енергијата и желбата да бидеш добар во нешто се твојот мотив, желбата да се докажеш, да покажеш сè што можеш да направиш, но како поминува времето сфаќаш дека има многу повеќе од тоа. Навлегуваш сè подлабоко во ликовите кои ги играш, бараш поголемо значење на техничките моменти, го запознаваш сопственото тело на поинаков начин, пронаоѓаш патишта што ги немало порано. Претставите се повеќе од мене, тие се кратко бегство од мојот реален свет, моето секојдневие, издувен вентил од она „обичното“ и тоа е она што ме држи во живот и ми дава мотив за понатаму.
Која улога досега ви била најголем предизвик да ја одиграте, а која улога ви е омилена?
Драмските балети се оние во кои се чувствувам најисполнета. Јас сум балерина која сериозно навлегува длабоко во ликот кој го толкува, бидејќи не сакам никогаш публиката да ја види „Мими“ во претставата. Сакам да го види ликот кој го играм со сите негови карактерни особини, да го запознае однатре и да биде веродостоен на делото. Затоа, омилени ми се оние балети што имаат богата драматургија, кои имаат покомплексни човечки особини, кои ми овозможуваат да ги реализирам сите уметнички трансформации што ги нуди таа улога. За да го постигнам тоа, кореографијата што ја играм треба да ми биде удобна, треба да одговара на моите предиспозиции, треба да се чувствувам своја. Од друга страна, најголемиот предизвик е тоа да ја поминам таа граница на интерпретација на одредена улога. Понекогаш е тешко да го доловиш комплетниот лик на претставата, доколку концентрацијата е насочена кон техничката изведба. Затоа, досега за мене балетот „Заспаната убавица“ претставува еден од најголемите предизвици во мојата кариера, дали затоа што двапати се повредував подготвувајќи ја, дали затоа што некои технички моменти беа голем предизвик за моите способности, дали моментот што во подоцнежните години ја подготвував, не знам, но фактот дека излегов од мојата комфорна зона и дадов сè од себе ме прави многу среќна. Таа е една од најтешките класични балети на „железниот“ репертоар што бараат огромна физичка, техничка и психичка подготвеност испреплетени со сложен софистициран и академски манир. Ја имав среќата низ тој процес да ме водат долгогодишните првенци на балетот Александра Мијалкова и Горан Божинов, бидејќи улогата на менторот и кој те води низ тој процес во тие моменти е многу значајна за мене како уметник.
Која е главната карактерна особина што ја пренесувате од генерација на генерација во вашето семејство и за која сте сигурна дека има безвременска вредност?
Сите се раѓаме со потенцијал за доблесно однесување, сè друго е домашното воспитување и средината во која живееме. Сите имаме особини што ни се пренесени од дома. Една од главните карактерни особини што е многу важна во моето семејство е моралот или етиката. Во моето семејство секогаш се трудиме да ја пренесеме вредноста на почитување на моралните принципи и правила, како чесноста, човечноста и емпатијата. Овие карактерни особини имаат многу важно и долготрајно влијание врз постапките и однесувањето кон луѓето, како и врз нашите меѓусебни односи и социјалната интеракција. Занемарувањето на етичкото однесување и моралните вредности е занемарување на човечноста и сочувството кон другиот.
Имате пет секунди да ја раскажете својата животна приказна. Како ќе звучи таа во својата најкратка форма?
Јас сум вечно дете кое е своеглаво и секогаш водена од сопствениот инстинкт и емоција правам животни одлуки за кои никогаш не сум зажалила досега. Или е лекција или е предизвик или е успех. 😆 Иако сакам мир и спокојство, секогаш сум како на лудата железница, од гимнастиката, која ми ги отвори патиштата кон уметноста, до децата, кои ми се сè во животот, до повторното враќање во театарот како мој втор дом.
Накит од бело злато и дијаманти – Damiani Mimoza Flexi
Часовник – Longines Dolcevita
Омилен момент од животот кога сфативте дека времето е релативно?
Човек сум кој многу сака да патува и секогаш кога патувам се соочувам таа мисла дека времето е релативно. Опкружена со различни култури и начини на живеење, сфаќам дека времето се доживува толку различно кај луѓето, дека во различни делови на светот луѓето имаат различна перцепција за времето и различни концепции за кажување на истото. Кога патувам за мене времето секогаш минува брзо, бидејќи е забавно и интересно, а за сите други луѓе околу мене, за локалното население кое е задушено од секојдневието времето тече бавно, опуштено, бидејќи таму луѓето се фокусираат на моменталната радост и на споделувањето со другите. Ваквите искуства ми го отворија умот и ми помогнаа да ги освестам различните перцепции за времето и да сфатам дека сето тоа е субјективно и во голема мера зависи од сопствената перцепција и искуство.
Според вас, која е разликата од тоа кога времето го броите во секунди и минути и кога го броите во моменти?
Би се надоврзала на претходното прашање, разликата е во начинот на перцепција и доживување на времето. Кога го броиме времето во секунди и минути, често се фокусираме на тоа колку време поминало или колку време ни преостанува до одреден настан или нешто што треба да го завршиме. Од една страна, сето тоа ни овозможува да го планираме и да го организираме своето време, но нè прави и подложни на стрес, премногу да се грижиме за времето што истекува или неизвесноста на она што доаѓа. Од друга страна, кога го броиме времето во моменти, пристапот е поинаков. Во моментите, не се фокусираме само на бројките и стрелките на часовникот, туку го насочуваме вниманието на квалитетот и доживувањето на тековниот момент. Се трудиме да бидеме присутни и да уживаме во тоа што го правиме, без да се грижиме за тоа што било или за тоа што следува. Во секој момент, бидејќи сме фокусирани на доживувањето и смислата, времето може да се прошири или да се скрати, па оттаму и чувството дека тече поинаку. Со овој пристап, времето се гледа од поширок аспект, а тоа ни овозможува да го цениме животот повеќе и да изградиме подлабоки врски со луѓето и со средината во која се наоѓаме. Секој начин на сметање на времето има свои предности и може да се приспособи нашите потреби и контекстот во кој се наоѓаме, затоа тоа не значи дека едниот начин е правилен, а другиот не. Сè е до нашето моментално чувство, средината во која се наоѓаме и начинот на којшто размислуваме.
Стилистка: Бојана Максимовска
Шминка и фризура: SASHIONS
Облека: MANGO
Локација: МОБ