Клара Ведис е глобално почитуван и препознаен уметник, чиишто клупски и сценски настапи во живо оставаат уникатен отпечаток кај слушателот.
– Мојата љубов кон електронската музика почна… хмм… веројатно многу рано во детството, иако моите корени и инволвираноста во светот на класичната музика не дозволуваа навистина да го восприемам тоа. Имав девет години кога ја открив психоделичната и гоа-транс музика, благодарејќи на татко ми и некои тогашни артисти (од крајот на деведесеттите) кои споделиле музика со него и веднаш почнав подлабоко да се интересирам за сцената и да снимам свои микстејпови. Тоа беше и времето на Ем-ти-ви, „Орб“, „Продиџи“… веќе знаете дека нема бегање од нив во нашата генерација. Ние растевме покрај тоа. Сепак, дури во тинејџерските години одново ја открив суштината на електронската музика во подлабока смисла, по кој што можам да кажам дека навистина се вљубив и таа љубов само продолжува да се продлабочува и да расте.
– Македонската клупска сцена, за жал, ги „убива“ своите таленти, не давајќи им доволно простор за изразување, вредност и почит колку што заслужуваат. Можеби прашањето не е соодветно во однос на условите и времето во кое живееме, па можам да одговорам само од кратка призма на минатото. Имавме периоди низ годините кога се приближувавме до светските стандарди на клабинг, но некако чудно, истите ги снемуваше за кратко време, речиси до степен како да никогаш не биле тука. Од нив е останата само реминисценција во духот. Сепак, тоа не ме спречува да верувам во потенцијалот повторно да создадеме услови за сцена што ќе се приближи до најдобрите светски стандарди, имајќи ги предвид сите млади (па, и постари и поискусни) умови и таленти, кои со огромна страст, посветеност, неуморна работа и љубов се вложуваат за истите идеали и вредности.
– Од деведесеттите години па до денес, имаме значаен придонес на електронската сцена со забави на отворено, особено оние што произлегуваат и се насочени на психоделичната денс-музика. Тие отсекогаш биле високоинспиративни за мене. Во однос на локалните клупски искуства, „Капан ан“, „Епицентар“, „Сектор“ беа клучни артефакти на електронската андерграунд сцена, каде што и јас израснав како артист. Сепак, со текот на годините, своето место повеќе го пронајдов на поголемите фестивали на отворено низ светот, па така и најдобрите искуства од својот пат ги наоѓам и ги креирам таму. Благодарна сум што во својата досегашна, релативно кратка кариера, сум имала можност да ја претставам својата уметност или своето креативно дело на уникатни локации, кои, секоја за себе, запишале своја приказна. Дел од нив се Планетариумот во МКЦ, Црквата „Св. Илија“ во Дојран (отворачки концерт на „Д Фестивал“, 2017 година), малата сала на Македонската филхармонија (соло АВ концерт како дел од „Таксират“ и „Десонанз фестивал“), езерото Бадовац во Косово, Фестивалот „Озора“, Унгарија, и двата настапа од ова лето (со моите два проекта Клара и Ведис) на фестивалот „Mo:dem“ во Хрватска итн.
– Омилено место… веројатно Озора, тоа е еден мал психоделичен град, каде што слободата и унијата преовладуваат и сите сме исти еден пред друг, сплотени во љубов и пасија за добра музика. Мој омилен сет е настапот во живо на легендарната уметница на техно-сцената Cio D’or, во 2015 година, во клубот „Трезор“, Берлин, како дел од десетгодишнината на постоењето на „Full Panda Records“ – издавачката куќа на Dasha Rush, уште една проминентна артистка на сцената, со руско потекло. Потоа морам да го издвојам лајв-сетот на AES Dana, Ultimae Records, од Франција, кој беше создаден и претставен за мојот прв куриран фестивал Ласја (оваа година претставен во виртуелна – стрим-форма), на платформата 9128.live.
– Изминатава година по првпат најдов успех во соработка на дистанца… соработка во која моментално сè уште многу вложувам и која продолжува да се развива во повеќе насоки. Се однесува на сплотување на светот на еден млад уметник од Франција – Џереми Каган под неговиот псевдоним Solarythm, со мојот. Иницијално, оваа соработка почна преку моето гостување со диџеј-микс за канал во кој тој фигурира како основач и партнер наречен „Introspectiva“. Потоа, двајцата бевме дел од првичната компилација која го зачна постоењето на издавачката куќа од Берлин – „Charybdis Records“. За кратко време, тој стана мој клиент на мастеринг услуги… Потоа следуваше и музичка соработка помеѓу мојот техно-проект Клара и неговиот. Во моментов активно работиме и развиваме ЕП-материјал, а истовремено тој гостува на мојот деби-албум, што наскоро ќе излезе за издавачката куќа „Annuled Music“, Шпанија. Покрај наведеното, тој гостуваше и на мојата емисија „Lasya“ со уникатен аудио/видеозапис од Нов Зеланд, за Амок радио. Топло ви препорачувам да го погледнете на нивниот канал на „YouТube“.
– Еднаквоста на сите нивоа и толеранцијата се основните вредности што клубот и музичката сцена отсекогаш ги поддржувале. Техно-сцената се заснова на овие вредности и принципи и ние активно настојуваме да ги одржиме. female:pressure е културен колектив од над 2.000 женски, трансродови, небинарни и квир-членови од светот, зачнат во деведесеттите години од страна на Electric Indigo aka Сузане Кирхмајер, артистка од Берлин, кој точно се залага за овие вредности да бидат практично остварени. Големата дискриминација кон маргинализираните групи артисти, постојните проблематики во индустријата во која твориме и намалената свесност за постоењето на овие проблеми го поттикнала создавањето на овој колектив, кој неуморно вложува и работи за промена и постигнување на еднаквост на сцената.
Сепак, квир-сцената во електронската денс-музика е во подем, иако е надвор од радарот на мејнстрим медиумите. Веројатно тоа се должи на фактот дека е полесно за помалите групи да станат централна точка доколку се локални и персонални. Но, кога гледаме од глобална, поширока перспектива, станува многу потешко да се задржи вниманието на маргинализираните групи на сцената. Во моментов, вниманието сè уште се сведува на примарно стрејт, бели припадници од средната класа, кои задржуваат внимание како порелевантни примери кои пишуваат историја на електронската музичка сцена.
– Идни проекти… Во моментов активно работам на својот уметнички запис со кој веќе се планирани неколку изданија за разни актуелни издавачки куќи низ светот.
Звучниот дизајн е мое огромно поле на интерес, во кое неуморно се вложувам… се надевам дека наскоро ќе го однесам овој чекор повисоко, креирајќи композиции и звучни ефекти за филмската индустрија и за театарот.
Покрај тоа, би сакала да остварам повеќе интерактивни звучни работилници за деца и адолесценти.
Во однос на локалната сцена, се надевам дека наскоро повторно ќе имаме можност да го активираме проектот „Vehemence“ заедно со девојките Diah, Ана Мало и Елена и ќе ни биде овозможено да организираме музички и културни настани во земјата и регионот.