Досега сум имал вистинска среќа да соработувам со режисерки и режисери кои немаат проблем да си ги „убијат чедата“ и со кои постојано сме оделе на тенка линија помеѓу поетската чувствителност и детективската аналитичност.
Со Мартин Иванов, монтажер на многу успешни македонски филмови и проекти, разговаравме за предизвиците во оваа професија, за неговите почетоци, но и за македонската кинематографија и храброста на филмските уметници да излезат од комфорната зона.
Со оглед на вашето искуство со монтажа на многу македонски филмови, кој е најголемиот предизвик за монтажерите при подготвување на еден филм?
Монтажерот влегува во филмскиот процес кога се пребројуваат жртвите од снимањето и кога се разгледува уловениот плен. Во тој момент, режисерот честопати е полн со сомнежи, среќа, тага, радост и љубопитност да види што има зад хоризонтот и како ќе изгледа конечниот филм во кино или на „Нетфликс“. Па, така, еден од основните предизвици на секој филмски монтажер е да се приспособи на моменталната емотивна состојба на режисерот и да ја разбере неговата визија. Ова е реален предизвик затоа што сите други креативни предизвици зависат од квалитетот на комуникацијата помеѓу режисерот и монтажерот, а креативните предизвици се менуваат во зависност од снимениот материјал, јасноста на приказната, уверливоста на актерите и стилот на филмот.
Како почна вашата приказна со работа на филмови, со кои филмови растевте и како се едуциравте и надградувавте?
Како на секое дете од Македонија растено во последната деценија на 20 век, градењето на визуелната култура доминантно ми се состоеше од гледање филмови што се пласираа на локалните ТВ-станици. Се сеќавам дека уживав во хорор-филмови после кои трпев да одам во тоалет во ситните часови со страв дека под креветот се крие куклата Чаки или дека зад вратата ме чека Фреди Кругер во заседа. Искуството од тие филмови на несвесно ниво ми ја доловија моќта и магијата на медиумот. Откако сосема случајно ми влезе чивијата за „лепење слики“ решив дека би сакал поголем дел од времето во иднина да го поминам правејќи го токму тоа. По матурирањето ја имав среќата да се запишам на Факултетот за драмски уметности и таму сфатив што навистина значи филм. Нашиот професор и ментор Димитар Грбевски имаше холистички пристап во предавањата што не беа нужно врзани само и само со филмска монтажа, туку генерално со анатомија на филмот. Редовно анализиравме посебни аспекти од филмската уметност и тогаш сфатив дека филмот е тимска игра и дека сите автори се еднакво важни. Паралелно со факултетските задачи имав навика да премонтирам познати ремек-дела за да видам „каде лежи зајакот“. Уживав во вивисецирање на филмови како „Апокалипса сега“ и „Таксист“. При крајот на студиите случајно се најдов во „Филмтрик“, единственото студио во Македонија каде што постојано се монтираат филмови и каде што се мотаат најразлични луѓе од филмскиот занает и културно-научната сфера. Таму работев околу осум години како асистент на колегите Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, кои без грам себичност го споделуваа стекнатото знаење и искуство. Паралелно со асистентските ангажмани неретко монтирав студентски филмови во истите простории, првите професионални филмови на моите колеги, еден тон експерименти и што уште не. Вратите на студиото беа ширум отворени за свежата филмаџиска крв. Во меѓувреме се случи работата на „Исцелител“, моето деби како монтажер, и таа фаза ја сметам за трета, но не и завршна фаза од моето филмско образование.
Имате работено на „Сестри“, „Хомо“, „Налепница“, „Исцелител“… и сите носат одредена порака, се осврнуваат на општествени прашања и проблеми што бараат особено внимание во реалноста. Според вас, кои се најгорливите прашања на македонското општество и колку филмската уметност може да влијае на менување на свеста и подобрување на работите?
Наивно би било да сметаме дека кој било филм може радикално да го смени светот, но добро е да веруваме дека филмот може да направи провев во застоената колективна мисла. По „Исцелител“, значителен број луѓе од повозрасната публика го омекнаа ставот за канабисот, со „Сестри“ се изложи веќе постојниот проблем на дигитална неписменост и врсничко насилство, „Редакција“ дигна прашина во јавноста со соголување на грозоморните скандали врзани со високата корупција. Од друга страна, не значи дека само темата на филмот може да иницира промена. Сметам дека еднакво е важно секој филм да содржи или барем да се стремиме да содржи иновација во начинот на продукција. Со демистификација на процесот ќе инспирираме и ќе поттикнеме нови филмаџии и така ќе додадеме мало камче во мозаикот на прогресот. Екстремно важно за кое било општество е образованието. Нашето образование е во коматозна состојба и во голема мера не се темели на негување космополитизам, туку на продуцирање „климачи“ со глава без фантазија. Крајно време е да се размрда таа тема.
Претпоставувам дека е тешко да се исечат сцени, да се одвојат кадри, да се доловат вистинските моменти и емоции за гледачите… Како би можеле да ја споредите работата на краток и долгометражен филм?
Единствената разлика помеѓу монтажа на долг, краток, игран или документарен филм е во времетраењето на процесот, а целта е иста – да се раскаже приказната на најдобар можен начин. Монтажа на филм е долг процес што постојано бара преиспитување и честопати бришеме сцени, па потоа ги враќаме, па ги кратиме, па ги мешаме со други сцени, последната сцена може да ја ставиме на почетокот или на средината или воопшто да ја нема… и така сè додека филмот не процути со својата „сексуалност“. Одлуката за вадење кадри и сцени е потешка за режисерот отколку за монтажерот. Јас немам трошка пристрасност за снимениот материјал и ме интересира само големата слика. Кога сум експериментирал со режирање и кога сам сум го монтирал материјалот, монтажерот во мене сакал да брише сцени и кадри, а режисерот не сакал да чуе за тоа, зашто не му се фрлал вложениот напор во канта. Досега сум имал вистинска среќа да соработувам со режисерки и режисери кои немаат проблем да си ги „убијат чедата“ и со кои постојано сме оделе на тенка линија помеѓу поетската чувствителност и детективската аналитичност.
Екстремно важно за кое било општество е образованието. Нашето образование е во коматозна состојба и во голема мера не се темели на негување космополитизам, туку на продуцирање „климачи“ со глава без фантазија. Крајно време е да се размрда таа тема.
Македонската кинематографија последниве години е некако „похрабра“, повеќе се решаваат филмаџиите да раскажат приказни што имаат суштински делови, да ја интерпретираат македонската реалност, да комуницираат со публиката. На што сметате дека се должи ова темпо на снимање на вакви филмови?
Клучен елемент во домашната продукција на свежи и автентични филмови е фактот дека филмаџиите си ги тестираа личните граници и направија милион грешки пред да го работат првиот професионален филм. Треба да ги охрабруваме младите постојано да прават грешки за да ги прележат сите „детски болести“. Конечно расчистивме со грандиозни теми од минатото и почнавме да се занимаваме со приземни теми од сегашноста. Парите што граѓаните ги инвестираат во филм преку даноците, демократизацијата на медиумот во глобални рамки преку евтина и достапна опрема, интернет-изворот на безбројната филмска литература, интернационалните програми за развој на филмови преку кои се шират познанства и се разменуваат искуства, играат исклучителна улога во прогресот на македонскиот филм во последните години. Но, сето ова не би значело ништо без главните мотори за продукција на храбри филмови – инаетот и индивидуалниот напор на филмаџиите кои немаат план Б и не се плашат од грешки.
Успесите се неминовни исто така, повеќето од филмовите на кои имате работено постигнаа големи успеси на светските фестивали и пред светската публика. Според вас, дали постои рецепт за добар филм?
Постојат рецепти за реклами, музички спотови, за лимонада филмови со суперхерои во хеланки, за добар авторски филм нема рецепт, а и не треба да има. Филмот е јазик и секој автор треба да го користи на автентичен начин ако сака да каже нешто што го притиска и пече, а притоа да не биде досаден и неразбран под плаштот на „високата уметност“.
Дали има некои наши или светски филмски работници чијашто работа ја почитувате, следите и им се восхитувате? На какви филмови сте љубител, што најчесто гледате?
Додека монтираме ретко имам енергија да гледам филмови. Обично ги складирам актуелните наслови во листа и во првиот момент откако ќе ја завршиме монтажата се пуштам во гледање. Сакам да гледам сè што се наоѓа на спектарот помеѓу Роберт Бресон и Џон Вотерс. Меѓу другото, едвај чекам да го гледам последниот филм на Шон Бејкер.