Култниот портрет на Мерилин Монро од американскиот уметник Енди Ворхол достигна цена од 195 милиони долари (нешто над 184 милиони евра) на наддавање во Њујорк, што го прави најскапото уметничко дело од 20 век продадено на аукција, според аукциската куќа „Кристи“.
Делото Shot Sage Blue Marilyn од 1964 година, со димензии 101,6 х 101,6 сантиметри, е засновано на фотопортрет од актерката и било користено т.н. „свилено печатење“. Уметничкото дело, кое заедно со канчињата супа „Кемпбел“ е едно од препознатливите дела на Ворхол, беше на наддавање во аукциската куќа „Кристи“ вчера.
Сликата доаѓа од фондацијата „Томас и Дорис Аман“ во Цирих, која има намера да ги употреби приходите од наддавањето за добротворни цели.
Почетната цена била 170 милиони долари, а дека добро ќе помине на аукцијата можело веќе однапред да се предвиди, бидејќи околу оваа слика имало голема „возбуда“ и пред самата аукција.
Енди Ворхол, чиј живот во моментов може да се погледне и во документарниот филм на „Нетфликс“, ја насликал Мерилин две години по нејзината смрт во 1962 година. Својата работа на портретот ја базирал на извадоци од филмот „Нијагара“, фокусирајќи се на нејзиното лице. Од аукциската куќа „Кристи“ велат дека станува збор за едно од најпрепознатливите дела досега во историјата, споредувајќи го со „Мона Лиза“ на Да Винчи и „Раѓањето на Венера“ на Ботичели.