Марко Марковиќ GP е предводник на новата генерација млади креативни, успешни и влијателни луѓе, кои користат дигитални платформи за изразување. Тој ни го раскажа своето искуство со говор на омраза и негативната страна на неговата професија.
На вашиот Јутјуб канал креирате содржина која едуцира, забавува и инспирира. Како се одлучувате што конкретно ќе работите и за што ќе биде моменталната интеракција со вашата публика?
Актуелните трендови и случувања во светот, или пак во нашата земја, се еден од повеќето фактори кои влијаат врз тоа што ќе снимам следно на мојот Јутјуб канал. Со тоа, содржината што ја прикажувам е секогаш во тек, свежа и интересна за големиот дел на гледачи кои исто така се интересираат за новонастанатите случки: нова видео игра, нов производ или пак нешто сосема друго. Но, повеќето од видеата се базирани врз тоа што мене лично ми се случува во секојдневниот живот, и ако сметам дека е интересно, поучно или забавно да се сподели – го споделувам на мојот канал, најчесто во вид на „влог“. Ако ништо не ми се случува што е интересно во тој период, снимам гемплеј (играм) некоја нова игра. Ако пак ни во гејминг полето нема нешто интересно, споделувам или коментирам за некои новости, трендови што се актуелни во моментот. И така натаму…
Стримови, видеа, кратки филмови, гемплеј од игри се само дел од вашата работа. Која форма на комуникација по вас е најподлежна на говор на омраза, клевета и негативни коментари?
За жал, нема форма на комуникација која не е подлежна на говор на омраза во денешно време. Секако, со Интернетот сметам дека како и многу други работи, така и говорот на омраза стана екстремно лесен да се шири во коментари по социјални мрежи, стримови, видеа и практично секаде каде што е дозволено корисник да искоментира нешто. Но, ако треба да издвојам, би рекол дека формите за коментирање под некоја онлајн слика, видео, стрим, пост, што и да е, се местата кои што се најзаситени со говор на омраза на Интернетот. Секако, и приватните пораки по социјалните мрежи, односно „чатовите“, би рекол дека се исто толку подлежни да содржат говор на омраза.
Веќе неколку години сте соголени пред јавноста и сигурно имате начин да се заштитите од навреди. Но како беше на почетокот, како се чувствувавте првите години, имавте ли непријатни ситуации?
Како гледач на Јутјуб уште од помали години, бев сведок на многу коментари од типот говор на омраза кај странски Јутјубери, и полека сфатив дека едноставно постојат такви луѓе кои без разлика на тоа што ти правиш и каква содржина објавуваш, ќе зборат негативно за тебе. Така, уште на самиот мој почеток, доста јасно ми беше кои коментари содржеа конструктивна критика, а кои беа исполнети со говор на омраза. Конструктивната критика секогаш ми беше добредојдена, а останатото едноставно го игнорирав и не дозволував да допре до мене. Иако овие лоши коментари беа многу малку на број, сепак постоеа и сразмерно сѐ уште постојат, но, човек мора да научи да не дозволува говорот на омраза да влијае врз неговиот личен и професионален живот, колку и да се сурови коментарите. Секогаш покрај доброто ќе има и зло, и што побрзо го изигнорираме, тоа подобро. Така што за моја среќа, цел мој пат на Јутјуб доста добро се справив со говорот на омраза, и не памтам никаква непријатна ситуација поврзана со истиот.
На кои начини вие се трудите да влијаете на вашите следбеници да внимаваат на клевета и навреда и говорот на омраза?
Сметам дека причината кај луѓето, особено младите луѓе како моите следбеници, која предизвикува истите тие да шират говор на омраза е пред сѐ недостатокот на воспитување од дома. Често можете да ме слушнете во моите видеа како кажувам „слушајте ги вашите, учете во школо“, што и најискрено го мислам и го посакувам на секој мој следбеник што мене ме гледа. Бидејќи родителите и образованието се најбитните фактори во воспитувањето на еден поединец. Од дното на душава сум благодарен на моите родители за тоа како тие ме воспитале дома, и од аспект на бонтон и од аспект на училишно образование – дека треба да учам, дека училиштето е важно, и истото тоа сакам да го пренесам, здравје и на моите деца кога јас ќе бидам родител, а дотогаш и на секој мој следбеник што ме следи. Што повеќе поучна содржина се објавува за младите, толку повеќе говорот на омраза индиректно ќе се искоренува. Затоа се трудам истата да ја креирам. И секако, не е само содржината, туку и самиот јас лично треба да го практикувам тоа што го проповедам, па така до ден денес образованието ми е на прво место, студирам веќе трета година на ФИНКИ, и давам сѐ од себе да секое мое видео влијае позитивно врз гледачите.
Дали сте запознаен со некои ситуации во кои некој ваш близок бил жртва на говор на омраза, навреди или клевети на Интернет?
Секако дека да. И тоа неколку мои блиски пријатели. Секогаш сум ги советувал и сум им помагал да го игнорираат тој говор на омраза и да не дозволат да допре до нив, или пак доколку било потребно, сум преземал чекор јас да ги одбранам нив, да дејствувам во нивно име. Патем, не само на Јутјуб, туку и пред да почнам со Јутјубот, уште во моето основно образование, сум се наоѓал во многу ситуации каде што јас сум бил тој што е исмејуван и жртва на говор на омраза. И многу добро знам како е да си понижуван, па можеби затоа толку „лесно“ го надминав тоа кога почнав да се споделувам пред јавноста, бидејќи веќе го имав изживеано. И знаејќи колку гаден и непотребен е говорот на омраза, и колку лошо може да влијае врз индивидуа која не може да се справи со истиот, никогаш не сум дозволил и нема да дозволам врз некој тоа да влијае.
Сите сме погодени од светската глобална пандемија, живееме во нова реалност. Како тоа влијаеше на вас и вашето секојдневие?
Секако дека како и врз сите, така и врз мене пандемијата не влијаеше позитивно. Но, благодарение на Интернетот, можев и покрај ситуацијата да продолжам со моите студии на факултет и секако, со креирање содржина на Јутјуб. За среќа, освен што можеби ми скрати некои видео идеи кои требаше да ги реализирам со луѓе и/или надвор од дома, пандемијата не влијаеше драстично врз моето снимање на Јутјуб бидејќи поголемиот дел од моите видеа веќе ги снимав од дома. И благодарен сум што Јутјубот и Интернетот ми дозволуваат да продолжам да си го правам она што го сакам. Но за сѐостанато, едноставно мора да се навикнеме и да се приспособиме на новонастанатата ситуација. Мислам дека веќе на сите ни е јасно дека навистина живееме во нова реалност, која сигурно уште неколку години ќе остане таква каква што е сега, и мораме колективно да сме зрели, информирани и воспитани, и правилно да постапуваме со цел што побрзо да се врати нашата стара реалност.