Марија Стојковски или девојката со Инстаграм профил @mjaneska е маркетинг менаџер и консултант по професија, инспиративен пример за квалитетна содржина на социјалните мрежи. Таа е наш соговорник овој месец во рубриката Разговори со Роса и со неа поразговаравме за предизвиците со кои се сретнува во својата професија, за нејзиниот стремеж кон подобар и поисполнет живот и за практиките што ги применува на патот кон своите цели.
Вашиот професионален ангажман ве однесе во светот на маркетингот, каде ја градите вашата успешна кариерна приказна. Кога ве привлече оваа професија и кои се најголемите бенефити од неа?
Кога ќе се навратам 10 години наназад, на самиот почеток од мојата кариера, сфаќам дека интересот почнал многу пред првото маркетинг работно место. Бев дел од студентска организација за време на студентските денови каде го водев маркетинг тимот волонтерски. Тогаш сфатив дека тоа е тоа и на сите им раскажував како маркетинг не е само продажба. Овие години кај мене го развија чувството дека маркетинг како професија може да менува животи и можеме да пристапиме и етички кон него.
За мене клучно е колку многу вештини развиваш кај себе преку оваа професија. Лидерство, креативност, стратегиско размислување, комуникација.. и најбитното, постојано учење затоа што работите се менуваат на неделно или месечно ниво.
На кој начин се организирате за да постигнете максимална ефективност и продуктивност во еден работен ден?
Станување рано ми дава огромна предност пред да почне денот, од кога знам за себе сум ранобудник и наоѓам мир во утрото. Сакам обврските да ми се однапред испланирани, така што се ми е вметнато во календар, најчесто недела е денот за организација на следната недела (работа, оброци, дружби) и ден пред тоа во текот на неделата.
Ако нешто може да ме извади од колосек тоа е изместување на мојата веќе испланирана агенда 😀 Скоро и да немам простор за било што од денес за денес и на ова сум горда затоа што ми се докажа како препродуктивно.
Како поставувате граници помеѓу работата и приватниот живот особено што вработените во многу компании работат и од дома?
Со тоа што бирам за што работам и каде ја давам енергијата. Ова ми е многу битно да го акцентирам затоа што пола од работата е завршена кога благосостојбата е на место и гледаш дека твојата работа прави промена. Го водам маркетинг тимот и активностите за фитнес апликација за која целта е таа – благосостојба на вработените преку поттик компаниите да создадат балансирано место за нив.
Денес е многу тешко да најдеш работна средина каде твоето физичко и ментално здравје се ставени во топ 3 приоритети и се дискутираат на неделно ниво, па оттука иако работам од дома кога ќе го затворам лаптопот јас сум среќна и со нетрпение чекам да дојде наредниот ден.
Кои практики за грижа за себеси ги применувате секојдневно?
Спиење и доволно вода прават чуда. Со тек на време научив што му треба на моето тело а тоа е тишина и кога вежбам, што значи јога или утрински функционални тренинзи кога нема премногу гужва. Не сакам вежбањето да ми претставува анксиозност туку уживање и ми требаше долго време да го научам тоа.
Затоа наоѓам многу мир во прошетка со партнерот и кучето, на кеј, низ Скопје, на Водно. Тука ми се раѓаат и најдобрите идеи, кога сум опуштена и одморена. Уживам да готвам и денови кога не конзумирам домашно приготвена храна ми се полоши од тоа да не извежбам!
Технологијата е значаен дел од вашата професија и претпоставувам дека многу време поминувате користејќи електронски уреди. На кој начин се релаксирате и одмарате од дигиталниот свет?
Не бев горда на мојот “screen time” и направив нешто во врска со тоа, го сведов на минимум. Добивам нотификација и потоа не можам да користам одредени социјални мрежи. Ова го правам затоа што за време на работното време доволно време користам социјални мрежи, преку лаптоп.
Не сум скролач, постирам што имам да постирам и тоа ми одзема преку сила саат време во денот. Тоа е само една десетина од еден ден на било кој од нас. Природа и зеленило, сакам да читам книги и да правам долги прошетки без телефон, тоа ми е мало делче посветено на моето ментално здравје.
Вашиот Инстаграм профил е вистинско уживање, постојано споделувате балансирани оброци, корисни и поучни видеа и убави места. Што сметате дека е најважно за еден креатор на содржини да пропагира на социјалните мрежи?
Благодарам! Ова е прекрасно да се чуе особено кога навистина се трудам мојот профил да остане хоби во кое уживам и сакам да правам позитивни промени преку него. Сметам дека трендовите доаѓаат и си одат, но твојот глас и тоа што сакаш да поттикнеш останува.
Луѓето знаат да го препознаат тоа, 80% од мојата содржина е органска и планирам тоа да остане така. За поздрав се и неколку компании кај нас кои го заобиколуваат стандардното делување на социјални медиуми и придонесуваат кон рушење на стереотипи како и залагање за убави вредности.
Еден креатор на содржини сметам дека што и да прави треба да го прави со љубов, да остане доследен на тоа што е во вистинскиот живот и крајната цел да не е само заработка.
Во нашето општество често владее некоја индиферентност и многу важни теми не се третираат воопшто. Кои промени според вас се неопходни да се случат кај нас за да се подобри квалитетот на живеење?
Порано многу се мачев да разберам зошто сме тука каде што сме. Како наближувам накај 30 сфаќам дека не секој доаѓа од исто место на свест, едукација, разбирање..
Затоа би рекла дека солидарноста меѓу себе е клучна! Да ја развиеме од најмала возраст преку едукација и колку што е можно повеќе од дома. Кога сме кај едукацијата, би додала многу теми.
Битни теми кои не секој ќе ги научи од дома: финансии, грижа за себе и животните, самодоверба и лидерство, односи и љубов.
Јас секогаш ќе бидам поборник за промени, од секој аспект. Лично ме интересираат премногу теми на страна од професионалните ангажмани и сакам своето знаење и поглед на светот да го пренесам, и да продолжам да сум гласна. Можеби звучи утописки но вечен оптимизам го менува светот.
Една од поголемите предности на модерното живеење е можноста да се развиваш и надградуваш професионално и лично, сама со помош на голем број видеа, поткасти, онлајн курсеви. Што најмногу ви помогнало за да остварите некој ваш личен просперитет?
Прекрасно е колку бесплатни ресурси имаме на дофат! Доедукација е секогаш потребна, размена на искуства и вмрежување. Единствениот начин како јас напредувам е преку љубопитност, книги и поткасти на теми кои ме интересираат, но и личен ментор кој ми е една од најдобрите одлуки затоа што и јас сум менторка на млади девојки и знам колку е битно да бидеш насочена. Да останеме љубопитни и со желба да направиме било што подобро од што моментално е.
Што ви е најважно кога бирате продукти за здрава и избалансирана исхрана и добра хидратација?
За добра хидратација, најбитно ми е доволно вода во текот на денот. Звучи клише но ако пробаш да пресметаш колку вода пиеш во текот на денот некогаш ќе се разочараш. Никогаш не ми било проблем во друштво да си нарачам газирана вода со лимон на искачање ако се осеќам дека немам друг избор.
Кога е можно, сакам да изберам локално произведени продукти, а со тоа и да подддржам мали бизниси (јајца, млеко, овошје и слично. Многу често одиме на село и земаме колку што ни треба од бавчата, а ако патувате низ Македонија ќе приметите по пат и колку луѓе продаваат локална храна измеѓу секој град. Застанете, купете им нешто.
Невозможно е да пазиме на се, но можеме да избегнеме високо процесирана храна која никако нема да ни донесе здравствен бенефит, а да се фокусираме на разновидна локална храна, домашно приготвена.