Ѓорги Димитров е сопственик на „Мала Корија“, продавница која нуди производи од локални мали производители и воведува целосно нов концепт во гастрономијата. Со долгогодишно семејно искуство во угостителството, тој успеа да создаде уникатно место каде што традицијата се спојува со модерниот начин на живеење. „Мала Корија“ нуди свежо подготвени сендвичи и автентични домашни производи, создавајќи вистинско искуство за љубителите на квалитетна храна. Во ова интервју, Ѓорги ќе ни открие повеќе за својата инспирација, предизвиците и визијата за иднината на „Мала Корија“.
„Мала Корија“ е ваша лична приказна и идеја, што има за цел да ги негува, промовира и поттикнува малите, македонски произведувачи. Што точно е концептот и како се роди идејата?
Дека има некоја посебна лична приказна, па и не би рекол. Како сите кои сакаат јадачка и пијачка и практикуваат кафани за општа социјализација, така и јас. И преку тие јадачки и пијачки кои се најчесто во мали семејни кафанчиња полни со душа (по нашки, биртии) сме научиле да си ги цениме нашите производи. Летна манџа во Јуни, патлиџан салата во Август, а кисела зелка и чварки во Декември. Практиччно, кафанските луѓе јадат локално и сезонски!
Епа така и јас поучен од кафаните, одлучив да отворам дуќанче за деликатесни производи од мали локални производители. Производи кои што се произведени во Македонија, овошки набрани во врвот на сезоната, џемчиња направени од две раце по рецепти од баби и тетки, сувомеснати зреени на традиционален метод, како и добро одлежани вина и ракија.
Бидејќи не сум трговец во душа, покрај препродавање на овие производи одлучив да правам деликатесни сендвичи користејќи ги производите од тие мали проиводители. Рустични со пинџури, кулени и макало; класични со крема од овчи кашкавал, пате од печурки и димен свински врат; модерни со путер од тартуф, ладен розбиф, путер од лешник и слатко од портокал со тартуф. Сендвичи со познат домашен вкус, како и модерна шаренаица, целат да го претстават Македонскиот вкус на туристи, да ѐ најадат во вторник во единаесет и пол на пауза и да ги претстават производите во најдобро светло , на кои можеби не би знаеле што да им правиме.
Како купувањето од мали локални производители влијае врз економскиот развој на локалната заедница?
Веќе неколку години сум член на организацијата Слоу Фуд која се залага за достапност до добра, чиста и правична храна, одржлива храна базирана на зачувувањето на биодиверзитетот и традицијата. Тоа го постигнува преку поддршка на малите семејни фарми, земјоделци, винари, разни локални производители, зачувување на мудроста на старите и искусните и гаењето на знаењето на новите генерации што доведува до одржлив развој.
Ако убаво размислиме, тешко е да се сетиме кога последен пат сме јаделе овчи кашкавал, што мириса на овчи кашкавал. Процедено кисело млеко, добри компири или грав, слатко од шипки, дуња или мушмула? Има многу производи, кои низ годините се помалку достапни и имаат ризик од исчезнување. Арката на вкусови е една од алатките на слоу фуд која се грижи за идентификување на овие производи, да го посочи кон нивно потенцијално исчезнување и да повика на преземање акција за тоа да се спречи. Во таа арка на вкусови во светот има индетификувано илјадници производи, од кои во Македонија се 36. Како на пример Буковскиот пипер, Галичкиот планински чај, Овчеполското сирење, Охридската цреша, грозјето Станушина итн. Покрај нивниот активистички пристап да се придонесе до сочувување на локалните традиционални јадења и производи, сите ние можеме да придонесеме со нивно купување и конзумирање.
Така што, важно е да се потсетиме на автохтоните сорти, локалните производи, на традиционалните рецепти и вкусови, кои ќе ги јадеме и пиеме, со цел да ги подржиме малите локални производители продолжат да постојат. Во спротивно, низ генерациите ќе ги снема и ќе ни остане да јадеме бургери и пица. Што е топ, ама не е биено сирење, к’цана сол и чварки.
Како ја селектирате вашата мрежа на локални производители- дали користите специфични критериуми или препораки за да се уверите во квалитетот?
Примарниот метод за селекција на производител е многу едноставен, пробување.Почетокот на моето пробувачко залагање започна со членовите на Слоу Фуд, кои во Македонија се повеќе стотици. Па со текот на времето, дознавав и сеуште дознавам и за други мали производители и го имплементирав мојот метод на проверка за квалитет. Јадење, пиење и зезање. Секако, на страна од вкус како примарен критериум, важно е производите да имаат континуитет во квалитетот и да ми е мерак да испијам една ракија со производителите на самите производи, нели дур ги пробувам.
Кои производители ги имате во моментов и со што се карактеризираат нивните производи?
Имаме повеќе од 100 производи, некои производи се традиционални, некои се помодерни, некои познати, некои не толку познати. Генерално би ги издвоил производите од тартуф на ТУФ, овошните ракии на Плетварски, вината на Тестудо, солениот чипс од лешник на Перески, путерите од јатки на Леска, макалата од Папас Фуд, млечните производи од Млеко од нашата фарма, сувомеснатите од Гавриловски и Рурал Фудс како и многу други. Не се зафркавам, имаме многу производители што ги подготвуваат производите со своите две раце, ама и со душа. Не е фер што набројувам 7 а не ги спомнувам останатите, ама тоа е, одговарам на прашање 😊.
Во секој случај, предуслов е производите да се вкусни, јадач сум и важно ми е да се јаде добро. Не е неопходно да имаат добар брендинг, етикета или амбалажа, бидејќи не сум маркетер. За тоа, сите се вкусни, а не сите имаат добра амбалажа.
Кои се главните предности за потрошувачите кога се одлучуваат да купат производ од мали, локални произведувачи?
Како што напоменав и претходно, да јадат добро, вкусно, локално! Да придонесат до зачувување на традиционалните рецепти и јадења, и да придонесат до опстанување и дополнителен развиток на нивната заедница и малите производители.
Кои се вашите планови за иднината на „Мала Корија“ и како планирате да го зголемите влијанието на мали локални прозиводители?
Првиот план за во иднина….. ми е да ја отворам Мала Корија, бидејќи по скопски…. локал се отвара со 3 месеци задоцнување. Па потоа, да правам сендвичи, да се искршите од јадење сендвичи и производителите да имаат причина да продолжат со тоа што го знаат најдобро, спремање добар деликатесен производ.