„Секоја фотографија ја гледам како еден вид загатка што треба да ја решам“.
Мери Бошкоска со фотографија активно се занимава во последниве четири години откако станува член на Фото-кино клубот „Прилеп“. Фотографијата за неа претставува креативен излез од секојдневието, но и медиум преку кој станува посвесна за прекрасните мали нешта што нè опкружуваат секој ден. Работи како редовен професор на Економскиот факултет во Прилеп.
„На обуките и работилниците на Фото-кино клубот ’Прилеп‘, кои секоја година се реализираат од актуелните членови-фотографи на клубот, како и од реномирани фотографи од земјата и странство сфатив дека постои голема разлика меѓу т.н. snapshot и уметничка фотографија. Имено, snapshot-фотографиите се направени спонтано и брзо, најчесто без уметничка или новинарска намера. Додека, пак, уметничката фотографија е создадена во согласност со визијата на фотографот кој ја користи фотографијата како медиум за креативно изразување. Ова ја разбуди мојата љубопитност и желба да научам повеќе за уметничката фотографија, како и за софтверите за уредување фотографии. Забележувам работи, како светлина, сенки, сцени, обрасци и бои на коишто воопшто не обраќав внимание до неодамна, а коишто сега се составен дел од моите фотографии“, вели Бошкоска.
Таа вели дека фотографијата, како и која било друга креативна работа бара од нас да бидеме постојано креативни.
„Што значи дека кога станува збор за наоѓање инспирација треба да имаме на ум дека креативноста се учи така што не можеме само да седиме и да чекаме да ни дојде инспирацијата сама по себе, туку треба да излеземе надвор и самите да ја побараме. Затоа што во моите фотографии преовладува уличната фотографија, главно инспирацијата ја црпам од секојдневието што нè опкружува. Друг начин што го користам за да напредувам и да пронајдам инспирација е учењето од работата на светски познатите фотографи. Доколку, пак, се чувствувам заглавена во рутина, настојувам да си поставам одреден предизвик или одредена цел. Така, до овој момент моите фотографии биле дел од повеќе групни изложби, во земјата и во странство, со што мојата следна цел е да почнам да се подготвувам за мојата прва самостојна изложба што, се надевам, ќе се случи наскоро“, вели фотографката.
Нејзиното активно учество во многубројни национални и меѓународни натпревари за уметничка фотографија резултира со над 350 примени фотографии и повеќе од 50 освоени награди.
„Заради постигнатите резултати се стекнав со назив кандидат мајстор на фотографија на Националната фотоунија на Северна Македонија (НФУ), а воедно сум и добитник на признание за трет најуспешен изложувач за 2021 година врз основа на бодинг-системот на Меѓународната фотографска асоцијација – ИААП (IAAP). За мене, најголемиот предизвик во фотографирањето е тоа што секоја фотографија ја гледам како еден вид загатка што треба да ја решам. Всушност, преку фотографирањето настојувам да го овековечи моментот на колку што е можно помоќен начин со цел подолго време да го задржам вниманието на гледачот“, завршува Бошкоска.