Да се направи дигитален фонт од ракописот на еден од најдобрите македонски книжевници, Кочо Рацин, е успех за кирилицата, за македонската азбука и воопшто за македонскиот литературен јазик. Со Ласко Џуровски поразговаравме за неговата љубов кон кирилицата и напорите да се зачува кириличното писмо во дигитални фонтови за следните генерации како уникатно богатство што треба да се чува.
Фонтот на Кочо Рацин предизвика одушевување кај јавноста, ракописот на еден македонски великан да биде достапен како фонт во дигитална форма. Која беше инспирацијата да почнете да го правите фонтот Рацин?
Директна инспирација ми беа стиховите напишани со неговиот ракопис во кои препознав безвременски емоции што како на сликарско платно го сликаат тогашното време, љубовта, страдањата, маките, болката на македонскиот народ, кој сепак пронаоѓа причини за борба, за живот, за љубов и наоѓа сили да крикне: – Силно светнал ден! Рацин е неисцрпна инспирација. Во дванаесетте песни од стихозбирката „Бели мугри“ можете да прочитате сѐ за состојбата на македонската душа во тоа време. Сето тоа ме инспирираше да почнам да го работам фонтот. Додека ги истражував неговите ракописи наидов на многу интересни ситуации. Имено, неговиот ракопис не бил секогаш ист, тој варирал зависно од емоциите што Рацин ги преживувал додека пишувал. Беше навистина невозможно да се направи негова идеална репродукција, токму поради тие варијации. Затоа, одлучив да направам анализа на начинот на кој Рацин ја пишувал секоја буква поединечно и резултатот на тоа истражување го преточив во дигитално генериран фонт приспособен на барањата за негова примена во денешната технологија, се разбира, базиран на Рациновиот оригинален ракопис.
Досега имате дизајнирано и многу други фонтови, посветен сте на македонските кирилични фонтови. Кој е најголемиот предизвик при изработка на еден фонт, како изгледа процесот?
Да, досега имам дизајнирано околу 400 авторски фонтови. Процесот на изработка на оригинален фонт, според мене, е еден од најтешките процеси во графичкиот дизајн. Тој опфаќа многу истражување, цртање, споредби, тестови, програмирање, беспрекорно познавање на функцијата и конструкцијата на безиерови криви, типографија… многу, многу работа. А сѐ најчесто почнува од една напишана буква, една мала скица што ве предизвикува да продолжите, додавајќи други елементи, линии, точки, сѐ додека не создадете низа букви што формира фонт со кој ќе можете да пишувате и, уште поважно, кој ќе можете да го читате лесно. Повеќето од моите фонтови содржат латинични и кирилични букви затоа што се наменети за светскиот пазар. Благодарение на денешната технологија фонтовите овозможуваат пишување на повеќе светски јазици, на пример, со фонтот Рацин можете да пишувате на 93 јазици.
Освен со типографија, вие активно се занимавате и со графички дизајн. Кажете ни нешто за тоа.
Активно работам и графички дизајн за светскиот пазар, преку директен ангажман од страна на американска компанија, поточно дизајнирам етикети за алкохолни пијалаци. Во последниве осум години имам дизајнирано етикети за околу 480 алкохолни пијалаци, вино, бренди, виски, вотка, џин, рум, пиво и др. Би сакал да споменам дека, на мое големо задоволство, автор сум на етикети за пијалаци што се изработени за клиенти од Јапонија, Италија, Чиле, Англија, Аргентина, Шпанија, Австрија, Шведска, Норвешка, Германија, Франција, Холандија и многу други.
Дали сметате дека во Македонија доволно се обрнува внимание на кириличните фонтови и, воопшто, на зачувување на кирилицата?
За жал, не. Во Македонија не се обрнува внимание на правилното користење на македонската кирилица. Погледнете ги внимателно сите медиуми и самите тоа ќе го заклучите. Тажно. Земјата која на светот му ги подарила Кирил и Методиј, сесловенските просветители, треба да биде пример како се чува, негува и се унапредува нејзината уникатна кирилична азбука, која е темел на нашиот идентитет, на нашата посебност. Институциите што би требало да се грижат за тоа посветуваат повеќе внимание, би рекол сепак недоволно, на употребата на јазикот. Јас би прашал: – Што би било со нашиот јазик ако не ја почитуваме и негуваме кирилицата, ако ја изгубиме неа, ќе го изгубиме и јазикот, а ако немаме свој јазик, свое писмо, ќе нѐ има ли нас како народ? Кирилицата е вградена во нашиот генетски код, токму затоа треба да се однесуваме кон секоја буква од нашата азбука со должна почит, затоа што азбуката е нашиот печат што сме го оставиле во минатото и фундаментот врз кој ја пишуваме нашата иднина. Не треба само да ја чуваме, треба да ја унапредуваме, да ја промениме ако треба, со цел да се вклопиме во трендовите што го движат светот напред, а типографијата е неизоставен дел од иднината на сите светски нации. Каква би била таа иднина ако нема соодветно писмо за да се запише таа?
Споменавте дека почнувате да работите и на дигитализација на ракописот на Блаже Конески по повод стогодишнината од неговото раѓање. Што значи за вас дигитализирањето на ракописот и на овој културен деец и кога можеме да го очекуваме?
Сѐ уште сум на почеток на овој проект. Истражувам, читам, пишувам, исцртувам букви преку неговите за да навлезам во суштината, да го уловам потегот со кој Конески ги пишувал текстовите. Ќе се обидам, односно ќе морам да го завршам овој проект до крајот на оваа година, како мој придонес кон чествувањето на стогодишнината од неговото раѓање. Мене ми значи многу, исто како и проектот Рацин, затоа што сметам дека тие, нивното дело, а сходно на тоа и нивниот ракопис се неизоставен дел на македонското културно наследство. Жал ми е што проектот Рацин и сега овој, Конески, не наидоа на апсолутно никаква реакција, ниту, пак, интерес од страна на соодветните државни институции на Република Македонија. Сепак, мене ми е доволна сатисфакција поддршката што ја добив од илјадници Македонци на социјалните мрежи. Ќе продолжам и понатаму да работам на вакви проекти што сметам дека ќе остават трага во оваа дигитална ера за постоењето на македонската кирилица, која има значајно место рамноправно со другите светски кирилични писма.
Што ви значи вам посветувањето на македонските кирилични фонтови? Која е вашата крајна цел?
Креирањето на кирилични фонтови ми се наметнува како нешто сосема логично во мојата работа од областа на типографијата. Не можам да кажам дека имам „крајна цел“, но секако дека имам цел, а тоа е да дизајнирам и да оставам како наследство за идните генерации колку што е можно повеќе фонтови што ќе содржат автентични, македонски кирилични букви, со кои ќе можат гордо да се испишат безвременските стихови на Конески: – Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот, во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто ми навира река… во книгите на вечноста, како дел од светското културно наследство, каде што Македонија има што да даде.