„Се надевам дека еден ден и нашето знаме ќе биде дел од големите светски натпреварувања“
Многу луѓе негуваат огромна фасцинација од уметничкото лизгање, спортска дисциплина што плени со грациозност, елеганција и креативност, но бара и огромна посветеност и упорност. Лара Герасимовска е една од нашите најуспешни лизгачки и на само 20 години веќе има освоено низа награди и признанија.
Гледањето уметничко лизгање ни е еден од најубавите детски спомени, речиси на сите нас. Како вие се одлучивте за овој спорт?
Уметничкото лизгање е еден од најелегантните, зимски, олимписки спортови, бидејќи е и уметност и натпревар, и воедно тоа е она што најмногу ме привлече кон овој спорт. Сакам да сум елегантна, но притоа да си го истакнам силниот борбен дух, кој е нешто што особено ме дефинира и кој е причината што сѐ уште сум тука во овој спорт. Иако имам 20 години, мојата мотивација веќе не е освојување медали, туку сакам да придонесам колку што е можно повеќе за уметничкото лизгање во Македонија, со цел во иднина некој иден талент да има можност да нѐ претстави и да го однесе нашето знаме на светските и на олимписките пиедестали. Мило ми е да бидам мотивација на идните генерации, некој да рече дека тоа го прави како Лара и тоа навистина ќе ми значи. Вистината е дека не се откажуваш кога сите карти се против тебе и ти е тешко, туку кога си задоволен од работата и си спремен да го отстапиш местото на идниот најдобар и тоа е моето мото.
Капацитетите и условите на нашите спортски објекти се минимални во однос на високоразвиените земји. Каква е моменталната состојба на спортистите кои се занимаваат со овој спорт?
Точно е дека капацитетот и условите се минимални, но благодарна сум за тоа што го имаме и целата работа на федерацијата која е вложена и инвестирана во спортистите. Ова го немав согледано сè додека не дојде тренер од Белорусија, како и на крајот од мојот натпревар во Нови Сад, Србија. Таму се случи нешто што не верував дека е возможно за мене. Моментот кога требаше да настапам не се пушти музиката, што за мене беше првпат, и покрај тоа што ваквите работи знаат да се случуваат. Притисокот што го чувствував од тренерите, родителите и гледачите и најмногу од себеси ми беше голем. Судиите беа смирени и ми дозволија да настапам последна за да успеам да ја најдам музиката или да ми ја пратат на УСБ. Во прашање беа неколку минути, додека да поминат сите слободни програми на натпреварувачките во мојата категорија и за тие неколку минути водечките луѓе од федерацијата направија сѐ, беа премногу ефективни, за да ја имам музиката и да можам да настапам. Сѐ заврши во ред, но кулминацијата беше кога седнав со мојот тренер на крајот од мојата програма, кој беше од Белорусија и кој ми кажа дека не сум ни свесна колку сум среќна што федерацијата го направила тоа за мене. Кога би била во неговата земја или која било друга, тие луѓе не би се ангажирале околу мене или кој било друг натпреварувач. Тогаш сфатив дека е голема предност што сум дел од помала заедница, која го прави тоа затоа што знае дека има таленти и одлични спортисти кои нема да дозволат љубовта за овој спорт да замре.
Што се случуваат во уметничкото лизгање на глобално ниво?
Интересно прашање, светските достигнувања постојано се менуваат, сега повеќе од кога било, а со тоа и лизгањето станува позабавно за гледање. Во женска дисциплина почнуваат по првпат во историјата да се скокаат четирикратни скокови, и тоа девојчиња кои имаат само 15 години. Во машка дисциплина постојано има нови феномени од целиот свет. Спортисти кои имаат многу посветено и тоа се луѓе кои треба да бидат видени и слушнати, бидејќи спортскиот живот е најтешкиот животен пат што некој може да го избере, сите спортисти знаат.
Секогаш спортистките што се занимаваат со овој спорт носат фасцинантни костими. Постои ли тренд на некој вид активизам, односно испраќање порака преку костимот за натпреварување?
Во врска со костимот, задолжително е да одговара на музиката, зашто лично сакаш да бидеш продукт на песната и да им ја пренесеш приказната на гледачите. Песната ја одбираш сам, секако во договор со тренерот. Убавината е во тоа што сами ја шиеме облеката и тоа ни дозволува креативност. Одреден тренд на костим нема, тука тренд е она што добро ќе се адаптира на телото на спортистот и тогаш кажуваме дека тој костим е убав и успешен, а сè друго што имитира едноставно не поминува. На пример, ако некој има подолги нозе ќе цели кон подолг фустан, некој што има поширок струк гледа во страните тоа да биде материјал во потемна боја итн. Сето тоа да биде во границите на дозволеното, односно да не се покажува премногу гола кожа, а тоа што сакаме да биде голо треба да биде покриено со материјал во боја на кожа. Едно поради климатските услови под кои настапуваме кои се минусни поради одржување на мразот, а друго поради пристојноста и комотноста на лизгачот. И хулахопки 70с сатен се задолжителни доколку не одбереш комбинезон наместо фустан. Во однос на лизгалките, ги нарачуваме директно од Италија, што исто така е по препорака на тренерот. Одбираме фирма на лизгалки во однос на ногата и според вештината на натпреварувачот се одредува цврстината. Лизгалките ги менуваме во однос на ногата и тие се склони на кршење од притисокот на постојаното виткање.
Кај нас капацитетите за тренирање се ограничени, односно се тренира во зимските месеци. Што се случува летно време, продолжувате со некаков вид тренинзи или друг вид на физички подготовки?
Нашите тренинзи не запираат ни во летните, топли денови, бидејќи во лизгањето, техничкиот дел прво се учи на суво, па потоа се префрлаш на мраз. Сите тие ротации ги вежбаме на суво, како и пред секое влегување на мраз прво се загреваме, се подготвуваме на суво, па потоа влегуваме на мраз. Во лето е истото, само со зголемена кондициска активност и атлетски вежби. Освен тоа, се организираат кампови во странство. Досега се имаат организирано во Бугарија, Чешка, Словачка, Словенија, со одредени програми и тренинзи, на затворени лизгалишта и, секако, натпреварите што се одржуваат во летните периоди се повторно еден вид изложеност на мраз. Сето тоа претставува шетање и дружба што не би ја имале да не беше лизгањето.
Постои ли интерес кај децата и младите за овој вид спорт?
Секако. Таленти се раѓаат на места каде што најмалку ги очекуваме и така првите чекори прелесно се учат, а со малку дисциплина може да се постигне сѐ.