Сандра, запознај не со тебе и со твојата работа, кога и како започна со работа на брендот ?
Правач. Тоа сум јас:). Во современиот речник креатор, ама никако моден, модата е крајно минлива. Креатор на решенија на лични фрустрации и потреби. Тоа не е ниту титула ниту звање. Тоа е порив да се создава нешто од ништо. Да и се даде облик на светлината од сијаличките во глава. Без разлика дали е тоа self-coaching алатка во вид на планер којa ги подобрува вештините на организација, планирање и само-рефлексија; книга која на новите генерации им доближува едно поинаквo детство од сегашното; или во случајов, чевли од природнa кожа и дрво кои во инат на брзата мода промовираат спор, нетрендовски и крајно носталгичен стил.
“ПланУМ” ми е сеуште асистент во организација на брдото идеи. “Здраво Скопје” е книгата која одново и одново ја листаме со моите деца како мост до градот, близок а сепак далечен. А “call me Margot. “ е мојот портал во минатиот век, во кој упорно верувам дека се уште припаѓам.
Идеата за кломпи е од пред речиси три години а активно на нејзина реализација почнав да работам пред точно една година. Се запознавав со магијата на производствениот процес. Сведочев како една обична талпа дрво и една рака клинци се претвораат во стилски производ. Сега му вдахнувам живот на тој производ креирајќи приказна за една посебна женска енергија. Приказната е доста лична, но верувам дека во неа се препознаваат, like-minded индивидуи.
Зошто баш кломпи?
Едноставно, имаат карактер. Безвременски се и отпорни на трендови. Имаат специфична целна група бидејќи изискуваат слобода на духот. Сепак доаѓаат од “ерата на водолијата”:). Впечатливи се и кога се во својата основна форма. Имаат став и она што ми се допаѓа во нивната порака е “Сум тоа што сум!”. Освен самоуверен став, стилски кломпи кои се воедно анатомски, овозможуваат и физички правилен став на телото. Во нив го чувствувате стабилно тлото под нозете , но вашата глава е високо во облаци :). Кломпи се дефинитивно посебно искуство!
Како може да се купат производите на Margo во Македонија?
Margot. кломпите ќе бидат секогаш и примарно достапни за онлајн нарачки на www.callme-margot.com. Доставата е eдноставна за регионот на бивша Југославија. Не исклучувам можност за соработка со концепт продавници кои се со сличен сензибилитет и вредности во работењето.
Кој стои позади преубавата кампања за твојата колекција?
Јас како автор на концептот. Го имав во глава подолго време и она што беше предизвик е да се најдат луѓето кои ќе направат реализација најблиска до визијата. Ја открив Марчела Занки, талентирана режисерка од Сплит која работи и живее во Белград. Нејзината естетика е она што ме освои. “Марго” е лик вон ова време. Антипод на современото живеење. Таков е и целиот бренд идентитет – аналоген, едноставен, непретенциозен. Марчела тоа совршено го долови во кампањата, со користење на аналогна фотографија каде неправилностите не се кријат со идеално светло и филтери, туку тие се вистински, под блиц, како што е вистинска и “Марго”.
Вељко е снимателот – надежен студент по камера на ФДУ Белград, кој извади супер кадри од Теодора и Марина. два совршено несовршшени лика – олицетворение на онаа женска “Марго” енергија која пред се зрачи со искуство и живот, отколку со убавина и сексипил.
Тука се и одличните Катарина како костимограф и Јелкица како шминка и фризура мајстор, кои го заокружија целиот ретро-шик стил од одприлика 70те години на минатиот век. Просторот каде е снимана кампањата е Музејот Мацура кој на уникатен начин ги има презервирано културата и ентериерот од тоа време.
Во која насока го гледаш развојот на твојот бренд?
Она што ми е битно е да останам доследна на себе… да не ја вклопувам “Марго” во некои општо прифатливи рамки. Верувам дека за вакви нестандардни и храбри потфати има публика која само треба да се соедини во заедница. Таа публика е помногубројна во светот отколку кај нас. На Балканот веќе се менуваат навиките во поглед на брза мода на сметка на домашни, автентични брендови. А има и канали кои овозможуваат продажба на вакви производи. Тука се концептуалните e-commerce продавници , физичките концепт ритеилери и секако малите саеми во поголемите метрополи, кои обединуваат брендови кои делуваат на полето на одржливата “мода”.