Во сабота 19.11 во 20 часот во Галерија МКЦ се отвора изложбата на уметницата и фотографка Соња Ставрова. Серијалот фотографии „Кралот Алкохол“ е фотодокументарен проект, кој вклучува визуелна изложба на фотографии посветени на традиционалниот кафански живот во тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци. Изложбата зема мотиви од романот „Кралот Алкохол“ или John Barleycorn (1913) од американскиот писател Џек Лондон. Во таа смисла, делата се потпираат врз мотивот на постојаното враќање кон алкохолот и средбата со пијалокот како засолниште од сомнежите поврзани со човековата доволност и достојност.
Фотографиите ја прикажуваат социјалната функција на консумацијата на алкохолот во релација со притисокот од средината и алкохолната зависност. Кафаната во таквите прикази секогаш зазема централно место и се доживува како крајно свратилиште, неочекуван дом и станица за постојано чекање на животот што тече. Таа е прв проточен пункт за гласини, но и место за кое се верува дека ги произведува „вистинските случувања“.
Изложбата сведочи за (не)посакувана блискост меѓу прикажаните тела, нивната гестикулација и подвижност во просторот. Таа ја илустрира општествено наметнатата слика за мажественоста и машкото пријателство, односно „братството“. Ова е зајакнато преку претставите на прифатеното однесување во друштвото, коешто ги предизвикува личните идентитети, испитувајќи ја издржливоста на поединецот од кого се очекува да не потклекне пред навредливи искушенија од потесното друштво. Наспроти таквите затворени кругови, жените се застапени како посебни субјекти, коишто имаат ограничени линии на циркулација во средините каде што главно доминираат мажите. Тие се прикажани во нивното внимателно движење на маргините на таквиот свет, најчесто како споредни ликови или посреднички во активирањето на вистинското дејство што се одвива околу „асталот“.
Соња Ставрова (1992) е родена во Кавадарци, живее во Скопје и е магистриран фотограф на катедрата по фотографија на интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Таа е еден од основачите и член на “Bulb”- асоцијација на фотографи. Во своето уметничко творештво фотографијата ја користи како медиум преку кој истражува општествени теми и актуелни глобални и локални случувања. Како најчест израз ја користи концептуалната фотографија и симболизмот. Во 2018 година го освои второто место во категорија акт на интернационалниот фестивал за фотографија „Rovinj photo days”, во Ровињ, Хрватска. Во 2016 го освои првото место на натпреварот за фотографија на националната кампања „Право на младинско информирањеинформирај се сега”.
Нејзините фотографии биле дел од повеќе групни изложби: „Here’s the artist” (Скопје-Загреб-Единбург, 2021), “All girls festival” (Скопје, 2019), „F8” (Скопје, 2019), „Идентитет” (Дортмунд- Скопје 2018), „Rovinj photo days” (Ровињ-Загреб, 2018), „Фото Софија 13” (Загреб, 2018), „Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости” (Кавадарци, 2014, 2017, 2019, 2020 и 2021), „Фестивал за урбана култура Мурал” (Скопје, 2019), „Скопје Креатива” (Скопје, 2017), „Времеграфии” (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија” (Скопје, 2018), „Влажен колодиумски процес” (Скопје, 2018), “Photo Video Applied Skills” (Баиле Туснад, 2016) и „Фотон” (Кавадарци, 2013).
Изложбата трае до 1 декември.