„На еден начин, се испазаривме со природата: нашите деца ќе бидат тешки за одгледување, но нивниот капацитет за ново учење ќе ги зголеми шансите за опстанок на човечкиот вид“, „Рајските змејови“, Карл Саган (слободен превод)
„Цената на созревањето е да се откажеш од она што те прави да се чувствуваш безбеден, „Сенката на заборавените предци“, Карл Саган.
Кога работев на мојата дипломска работа во 2016 година, разговарав со Петар Андоновски како еден од главните автори обработувани во трудот. Една од темите што ја форсирав, најверојатно свежо инспирирана од тогашните настани (Шарената револуција ја одбележи 2016 година), беше и темата за револуција. Андоновски во разговорот ми кажа дека не верува, дека нема револуција, дека таа не е можна – истото што во интервјуата го повторуваше Исак Роса, шпанскиот писател чие дело „Темната соба“ паралелно го работев во трудот. Преку интимниот и ранлив текст „Како да се борам за подобро утре, кога веќе не ни верувам во утре?“ и во својата „ода за откажувањето“, читавме како авторката на текстот Калиа Димитрова се прашува дали навистина можеме нешто да промениме во оваа баналност? Интересно е како речиси сите што ги познавам околу себе, неколку години по завршувањето на долгогодишното образование, пуштени во „дивината“ во светот на возрасните, не знаејќи која е следната етапа (нова пандемија, војна?), почнуваме да се навикнуваме во неуспехот на промената. Дали сме утнале некоја поента?
За часовниците застанати во времето
Кога за време на моето детство ќе влезев во некаква државна институција: болница, пошта, општината… не работеше ниту еден од старите часовници. Изгледаа гротескно, поставени толку високо и гордо над нашите глави за да можеме сите да ги видиме и да глумиме дека работат. Никој не се трудеше ниту да ги поправи или барем да ги тргне – си стоеја како постулати на некое заборавено време. Или, уште потажно, можеби немаа никаква симболика црвените часовници „Искра“, освен да нè потсетат дека имаме проблем со промена макар да се работи и за застанат часовник.
Мислам дека генерацијата на нашите простори е специфична по тоа што повеќето сме растени со нашите баби и дедовци и нивниот испланиран животен тек (детство, образование, брак за цел живот, работа за цел живот, градење семејство, пензија) од една страна и генерална параноја од неименуваниот непријател: соседот шпион/недоверливиот напредок/развратниот Запад од друга. И со генерацијата на нашите невротични родители кои се обидуваа да го следат истиот пат, ама и најискрено да се обидат и да најдат свои нови начини на живот. Секоја генерација е убедена дека може да промени нешто. Секоја генерација верува дека е подобра и попаметна од генерацијата на своите родители.
Денес, како деца на интернетот и социјалните мрежи, премногу информации, лажни вести, нови можности и со уште некој часовник „Искра“ застанат во времето, дали навистина сме спремни за промена или сѐ уште го чувствуваме стравот на нашите предци?
Одбивност кон домаќинството
Се сеќавам кога како тинејџер(к)и покажувавме посебен цинизам кон сѐ што е домашно. Во обидот да бидеме сосема различни и спротивни луѓе од генерацијата на нашите родители, се научивме целосно да го игнорираме искуство од нивните неуспеси и да бидеме глуви за придобивките од успесите. Се „кринџавме“ од нашите авторитети додека на А1 гледавме како шефот на мафијата од Њу Џерси добива панични напади и одговорно посетува психијатар, иако сѐ уште верува во идејата дека може да го постигне американскиот идеал на „the strong, silent type“.
Следењето на новата кул треш балканска и славјанска естетика чии зачетоци од пред неколку години се моделите на Гоша Рубчински и squatting slavs мимови на некој начин е обид да го прифатиме нашето специфично поднебје и да надоместиме за нашата одбивност низ годините. Почнува да ни станува удобно да се смееме на мимови и да уживаме во естетика што некогаш зајадливо сме ја препознавале на нашите простори. Правиме моден успех од нешто што сме утнале да го препознаеме како наше. Се вадиме на добропознатиот трик дека правиме интелигентна пародија кога всушност за да се прифатиме мораме прво да се видиме во очите на поголемите земји.
И сѐ уште цинични кон својот дом, си чини дека придобивките од развојот на технологијата од Западот, дигиталниот нов свет и достапноста кон поголем број работни места во светот се користат за лични придобивки и капитално збогатување отколку за грижа на нашата заедница и колектив. Дали очекуваме некој друг да се погрижи за квалитетот на животот овде кога најчесто се фаќаме и паѓаме на готовите формули за индивидуален напредок (како girl boss естетиката) спакувани од западните земји?
Што можеме да научиме од Пепелашка?
Уште од мали, преку волшебните приказни, учиме дека треба да поминеме одредена иницијација и тешкотија за да преминеме во следниот стадиум од нашиот живот. Во случајот на Црвенкапи, Снежани и хероините од повеќето фолклорни приказни, најчесто се работи за пубертетска или свадбена иницијација. Иницијацијата на Пепелашка никогаш не ми правела смисла. Пепелашка е најдобар пример за искачување на социјалниот статус по принципот fake it till you make it. Пепелашка се снајде и најде начин да влезе во замокот, направи успешна имитација на класниот непријател и, на полноќ, во страв да не откријат сите дека е сиромашната Пепелашка, почнува да трча како цел живот да ѝ зависи од тоа. Таа не го освоила принцот заради својата скромност, доблест и убавина, го освоила со тоа што се инфилтрирала во неговиот круг. Напорната работа, послушноста како неправедно злоупотребена и маргинализирана хероина не ѝ помогнале да биде среќна и рамноправна во својот дом. Волшебниот фустан имал функција на тројански коњ.
Стануваме свесни дека не можеме (или не сакаме) да ја следиме испланираната животна шема на нашите баби и дедовци. Нашата промена не е скалеста. Животот не ни е испланиран и стратегизиран како за време на нашето образование кога по првото одделение следуваше второто, по основното – средното и по вториот час – големиот одмор. Стануваме посвесни дека нашиот живот не е училиште, но тоа не нѐ прави помалку анксиозни. Повеќето од нас „фејлнавме“ да ја следиме скриптата и во тој неуспех ја живееме својата слобода да донесуваме поризични одлуки, да откриваме нови светогледи и кога ќе ни се појави тешкотија што нема потреба да ја поминуваме: да ја заобиколиме и да тргнеме по посмели и помалку пристапни патишта.
Слободата доаѓа по неуспехот
Епизодата „Носедив (Nosedive) е една од најуспешните на серијалот „Црното огледало (Black Mirror). На многу начин текот на настаните ме потсетува на приказната за Пепелашка доколку на Пепелашка не ѝ успееше имитацијата и инфилтрацијата. Главната хероина Лејси (Lacie) се обидува да се снајде во свет што функционира на меѓусебно рангирање и оценување од еден до пет ѕвездички по секоја човечка интеракција. Со ентузијастична насмевка на лицето и со нападна љубезност, Лејси, работи да го зголеми својот рејтинг за да се пресели во полуксузно место на живеење. Планот на Лејси не ѝ успева. По неколку патетични и неуспешни обиди завршува како отпадник на општеството во затвор за најлошо оценетите. И тогаш, затворена спроти друг згоден отпадник, по првпат ќе ја видиме вистинската Лејси како катарзично се празни, зборувајќи сѐ што ќе ѝ дојде на ум. И во моментот кога почнува да изгледа луда – добива нова, човечка димензија. На болен и екстремен начин, епизодата нè учи дека слободата доаѓа по неуспехот за приспособување на барањата на вештачко создадено општество со измислени структури и шеми.
Не верувајќи во голема револуција (може да се работи и за лична револуција), правиме чекори, мали секојдневни и постојани промени, пишуваме текстови за нашите надежи и желбата да се откажеме, но не се откажуваме. Секоја нагла и голема промена е лажна. Истрошеното „Mr. Robot“ филмско сценарио дека еден чудак-генијалец ќе го спаси светот од лошите е детски сон. Ако нешто нè научи пандемијата, тоа е потребата за здрава и солидарна заедница и колку е важно да помогнеш на тоа што го гледаш пред себе. Последниот Бетмен игран од Роберт Патисон целосно „фејлна“ како Бетмен. Но, во моментите кога пропаѓаше Готам, а со тоа и шансата да направи нешто филмско, грандиозно и големо, го направи она што е најчовечно – домаќински почна да им помага на луѓето кои ги гледа пред себе, да помогне таму каде што може.