Во последно време се фаќам во ситуации постојано да се правдам, обвинувам, преиспитувам за одлуки или ситуации во кој се наоѓам. Ме допираат туѓи зборови, ми влијаат туѓи мислења и целата онаа храброст што ми беше моја омилена карактерна особина некако полека исчезнува. Не можам да проценам зашто се чувствувам така и што ми било тригер на ваквото однесување но знам дека не сум баш своја, односно се однесувам несвојствено. За да ви биде појасно на пример, кога ми се јави наставничката дека едното дете не пишува редовни домашни, се преиспитував дали мислат дека е тоа така зашто е дете на разведени родители. Кога ме сретна познаничка, а не се чувствував доволно средена, пола саат се правдав, болна бев, онака излегов, не ми е добро. Кога ме сретна родител на соученик на моите деца и ме праша за нешто, за што не бев информирана, толку многу се вознемирив што без престан кажував оправдувања, иако немаше никаква причина. Не сум отворила меил, имав некој проблем, не ми стигаат често… Бев свесна дека апсолутно нема потреба да се однесувам така, а не можев да си помогнам. Ако одев на викенд без деца, се објаснував со моите родители, кои буквално не ме пршауваа ништо. Не можев да се сопрам, следниот ќе одам негде со деца, другава недела ќе ги носам ваму, таму, кажував непотребни информации, празни ветувања, изнудени реченици.
Кога размислував подлабоко зашто токму сега се чувствувам и однесувам вака, а имало периоди во кои мојот живот и мојата приватност, многу повеќе биле јавно изложени, немав објаснување. Мислев дека годините ќе ми донесат сигурност, самодоверба, а искуството ќе ме направи самостојна и своја, но реалноста беше поинаква.
Објаснувањето го добив случајно, кога бев на прошетка со мојот најмал син. Додека тој си играше, забележав две дечиња, кои имаа околу пет години, машко и женско кои не знам дали беа брат и сестра, роднини или блиски другари, но добро се познаваа. Во паркот имаше и друго девојче кое спокојно си играше со некоја кукла. Момчето дојде и веднаш и ја грабна куклата на девојчето. Неговата сестричка или другарка, скокна веднаш му ја грабна и ја врати на другото девојче. После тоа уште неколку пати одеше кај девојчето и ја слушав како и објаснува:- Тој е неумен, ама ќе го казни мајка му и ќе биде добар. Ја викна да се лула место неа и кога си одеше преслатко и мафташе.
Тогаш ми стана јасно, дека ние жените постојано носиме туѓ товар, што не држи во невидливи стеги. Постојано трчаме по туѓо одобрување, прифаќање и почитување.Се правдаме за постапките на нашите родители, се објаснуваме за ставовите на партнерот, ги браниме и правдаме нашите деца. Постојано сме во грч, како изгледаме во очите на другите, дефинирани од туѓи постапки, туѓи зборови, напикани во туѓи животи и етикетирани од туѓи морални норми. Секогаш кога сум била најсреќна во животот имало невидливи сенки што ми виселе на глава, зашто било како за некого нешто било чудно, неприфатливо или едноставно не се согласувал со моите одлуки, избори и слично. Во моментот кога сфатив дека апсолутно ништо не должам на никого, дека мојот живот е моја работа, се доближив најблиску до вистинското јас. Секако сега за сега само теоретски, но се надевам во иднина ќе го применам и во пракса. Зашто како и секоја лоша навика што се искоренува со дисциплина на умот, така и на оваа треба напорно да се работи. За почеток со мантра во себе: -Ништо освен мојот живот не е моја работа и не е мој проблем.