Каја Тасевска е млада фотографка која има освоени голем број награди и учествувано на повеќе групни изложби, иако фотографијата ѝ е само хоби. Таа е втора година на студиите по медиуми, уметност, дизајн и архитектура на Амстердамскиот слободен универзитет во Холандија и онлајн на Институтот за фотографија во Њујорк во САД. Фотографијата е нејзино хоби и „банка“ на мемории.
„Почнав да фотографирам кога ja добив мојата прва компактна камера, не знаејќи дека тоа ќе ми стане стил на романтизирање на секојдневниот живот и уживање во сè што сакам на едно друго ниво. Фотографирањето ми ја дава слободата во изразување и можност за визуелно поврзување со публиката. Ја сакам фотографијата затоа што таа ја прави уметноста помалку ексклузивна и му овозможува секому да ја перципира без разлика на физичката дистанција од снименото дело.
Ме привлекуваат сцени што се целосно отворени за лична интерпретација и можеби не можат да се разберат на прв поглед или, пак, да им се допаднат на сите. На тој начин создавам некој свој свет, ја зголемувам „тензијата“ помеѓу фотографиите и публиката и оставам простор за индивидуално толкување на моментот реплициран со мојата камера. Токму тоа различно толкување за едиторијалот SHE побуди многу интересни дискусии помеѓу присутната публика на изложбата во Германија, во мај оваа година“, вели Тасевска.
Инспирацијата некогаш ја има во изобилство, но некогаш ѝ е потребна искра за да се разбуди: свеж воздух, прошетка, патување, експериментирање со друг жанр или вештина, проучување на делата на други фотографи итн.
„Иако сум млада хоби-фотографка и не сум поттикната од потребата да фотографирам, туку го работам тоа што го сакам и кога сакам, сепак постепено откривам дека имањето на јасна цел и план е она што навистина ме мотивира“, вели фотографката.
Тасевска вели дека трите варијабли што се најважни при фотографирањето се едноставни: светлина, објект и композиција.
„Се трудам да го држам фокусот на сцената, но и да тестирам различни агли или пози ако се работи за модел. А окото различно реагира во секоја пригода, но неретко ми бега и кон теми или објекти што вообичаено не се забележливи за фотографирање, дури и во мојот дом. Се сеќавам дека пред некоја година направив серија кадри од внатрешноста на кујнското ренде, со остатоци од ренданиот кашкавал. Иако звучи смешно, преку таквите сесии експериментирам и ги учам новите можности на мојата камера, а и го развивам стилот. А за да се долови моментот, дури и тогаш кога мислам дека сум направила добра фотографија, секогаш правам уште неколку само за да бидам безбедна и да имам избор. Тоа што најмногу сакам да го фотографирам повторно зависи од сцената, мотивот и објектот. Некогаш тоа е поглед на животите во минатото, настани и заборавените места, убави предели, луѓе, секојдневни, улични сцени или наменски фотографии што пренесуваат одредена порака. Сакам кога мојата фотографија раскажува приказна и пренесува емоции, расположение или пораки што со обични зборови не би можеле да се кажат. А како знам дека таа фотографија е најдобра? Не знам дали е. 🙂 Некогаш се консултирам со моите блиски, но најчесто е инстинктивен избор. Многу сум самокритична и сметам дека за добра фотографијата се потребни различни вештини и активна работа од барем две-три години за да се изгради самокомпетентност“, вели Тасевска.
Приказната со наградите почнала сосема случајно, всушност прво во Скопје, каде што ја освоила првата награда на 11-годишна возраст. Потоа се заинтересирала повеќе за оваа уметност, прво како забава, преку наивни постови на „Инстаграм“ и на некои популарни фотопредизвик-платформи, сè додека на 14 години не се пријавила на првиот посериозен натпревар во Сиднеј, Австралија, и влегла во финалето во категоријата за возрасни фотографи во конкуренција од преку 11.000 фотографии.
„Истата година, истата фотографија ’Daydreaming‘ победи на натпреварот во Виена, спонзориран од нобеловецот Алфред Фрид. Таа е дел и од постојаната изложба во Парламентот во Виена, на што сум особено горда. Оваа награда ми е многу значајна, затоа што ми отвори многу врати понатаму – учества на изложби, покани за нови натпревари, контакти, стипендии, што секако сметам дека е добар поттик за секој млад уметник, мотивација и можност за интернационален пласман. Сепак, ако сум искрена, наградите не ми се примарни. Придобивката ја гледам во тоа што тие ми отвораат влез и прават да сум дел од инспиративната фотографска заедница“, вели Тасевска.
Таа негува и хуманитарни цели преку нејзините фотографии, а последниот хуманитарен повик може да се види на инстаграм-профилот @kaia.phg. Според неа, уметноста има начин да допре до сите нас, да нè поврзе, да нè обедини, да ни даде надеж и во моментите кога некому му треба помош.
„Сметам дека секое уметничко дело добива поинаква вредност кога ќе им се даде хуман карактер и се надевам дека преку оваа моја креативна и хуманитарна иницијатива успевам да допрам до пријателите, до хуманите луѓе, но и до општествено одговорни институции и компании да помогнат во борбата за враќање на можноста едно младо момче да продолжи да го чекори својот пат. Уметноста и филантропијата ги зближуваат луѓето да работат кон заедничка цел, нешто што недостига во денешно време. Јас имам среќа и задоволство моите дела да бидат презентирани на повеќе локални и интернационални групни изложби. Последната и сè уште актуелна е во Трст, потоа минатата недела во културниот центар ’Лабораториум‘ во Скопје, во 2022 и 2023 година во Скопје на Денови на македонската фотографија, во 2022 година на Интернационалниот фотографски фестивал ’Xposure‘ во Шарџа – Обединети Арапски Емирати… Мојата прва самостојна изложба ’Visual Journey‘ се одржа оваа година во мај во градот Брајсах во Германија, на покана од уметничко семејство, кое во својата галерија одржува настани за промоција на млади уметници. Се претставив со сите мои омилени дела и проекти што ги направив во последните пет години. ’Visual Journey‘ беше мојот дневник што го прикажува светот низ моите очи“, додава фотографката.
Тасевска смета дека младите фотографи имаат огромна можност да напредуваат преку спој на техничка и креативна поддршка. Секогаш има корист од обука, а и можностите да ја изложат својата работа локално или онлајн.
„Можностите за вмрежување, и со искусни фотографи и со врсници, се клучни за соработка и инспирација. Конструктивните повратни критики за нивната работа помагаат да се усовршат вештините и да се развие окото. Поддршка од најблиските за да се охрабриме да ја споделиме својата работа на социјалните медиуми е нешто што, морам да признам, и мене ми е многу тешко. 🙂 Практиката е премногу важна дури и во денови кога немаме желба да фотографираме.
Генерално, холистичкиот пристап што се однесува на овие аспекти ги охрабрува и ги овластува младите фотографи да се занимаваат и да се вклучат во оваа уметност. Сепак, нагонот и страста за креативното изразување, за мене, отсекогаш биле темелот на мојата самодоверба“, завршува младата фотографка.