Јана Гарванлиева е основачка на онлајн-галеријата „Пионери“, платформа посветена на поддршка и промоција на младите уметници. Со желба да создаде простор каде што креативните гласови на новата генерација ќе бидат слушнати, таа ја претвори својата визија во реалност. Галеријата „Пионери“ претставува мост помеѓу младата уметничка сцена и пошироката публика, отворајќи нови можности за иновација и културна размена.
Вие сте сопственичка на кураторската платформа „Pioneri Art Platform“, која има цел да ги поддржи новите македонски и балкански уметници и да ги промовира нивните дела. Како дојдовте до оваа идеја и што беше пресудно да се одлучите на овој чекор?
Уметниците во подем се растечка сила што опфаќа сè поголем дел од пазарот на уметност во светски размери. Нивниот развој е поддржан преку претприемачкиот пристап на галериите, кои, покрај согледувањето на нивниот талент, постојано работат на нивна промоција што ќе овозможи поголема видливост на националниот и на интернационалниот пазар на уметност. Така се создаде идејата за „Пионери“, преку согледување на потенцијалот на креативноста и можностите што ги нуди оваа групи уметници во Македонија и регионот.
Недостаток на интерес и изложбен простор, ниска свест за поддршка, се само дел од проблемите со кои се соочуваат младите уметници кај нас. Како онлајн-просторот може да ја подобри состојбата и да го подигне интересот за определен уметник и неговите дела?
Онлајн-просторот овозможува уметниците да стигнат до поширока публика, што значително ја забрзува распространетоста на нивната работа преку промотивни и едукативни содржини. На тој начин, се создава заедница на колекционери што не зависи од географските ограничувања.
Како сте задоволна од досегашната ваша работа и од интеграцијата на младите уметници со кои работите, со современата уметничка сцена?
Како дел од македонската современа уметничка сцена, младите уметници се најексперименталната група, кои играат со стилови, медиуми, изрази, простори. Улогата на галеријата е да го истакне нивното присуство преку курирана програмa и едукативна содржина, со цел да создаде нова заедница на љубители на уметност насочена кон оваа динамична уметничка сцена. Кога зборуваме за интернационалната уметничка сцена, покрај умеењето и занаетот на уметникот, многу е важен претприемачкиот пристап на галеријата, на пример како нашиот проект ќе се разликува и ќе го изненади пазарот на уметност во однос на преостанатите галерии.
Вашата работа и залагање се многу важни, зашто создаваат подобри услови за развој на македонската уметничка сцена. Каква е вашата визија за иднината на „Pioneri Art Platform“?
Ние целиме кон сè поголема меѓусекторска соработка што на оваа група уметници ќе овозможи полесно пробивање на интернационалниот пазар на уметност. „Пионери“ уште од почетокот создава домашна и интернационална сцена, остварувајќи проекти и соработки за премостување на границите. Нашата цел е учество на високорангирани курирани саеми, каде што нашите креативци ќе бидат рамо до рамо со уметниците во подем од најдобрите интернационални галерии.
Како ја дефинирате улогата на кураторот во обликување на наративот за определен уметник?
Кураторот соработува со уметник или група уметници за одредена тема или тенденција и го поврзува наративот преку заеднички карактеристики. Оваа соработка развива нови трендови во современата уметност, овозможува подлабоко истражување на актуелни теми, прави подлабока анализа на уметничкиот пристап или презентира важни аспекти од уметничкиот опус.
Вие сте дел од тимот на Фестивалот на музика и филм „Ѕирни“, кој пред еден месец се одржа на неколку локации низ Скопје. Колку уличната уметност и култура е важна за развојот на едно општество?
Со големо задоволство ја прифатив поканата на Маргарита Поповска, архитект и куратор на „Гужва“, за која главна насока беше да направиме изложба на талентирани и веќе многу успешни млади македонски уметници кои работат со нови медиуми. Во „Гужва“ учествуваа Филип Велковски, Мила Добревска, Ана Спасова и Доротеј Нешовски. Големата посетеност на фестивалот „Ѕирни“ од различни генерации покажува колку е важно присуството на богата и квалитетна културна програма што придонесува за развој на културните заедници во Скопје. Двете курирани изложби што беа организирани за време на фестивалот, самостојната изложба на Љубомир Трајковски-Бубе „Mosaic in Grain“ и „Гужва“, беа посетени во голем број и побудија интерес за приказната и начинот на кои беа изработени делата, составени од аналогни фотографии, перфорирани графики, везови, таписерии и скулптури од боички.
Минатиот месец бевте во посета на Art Week во Торино. Кои се вашите импресии?
Добивме покана да присуствуваме на „Артисима“, најпознатиот саем за уметност во Италија. Не сме воопшто изненадени од изборот на галериите и делата што се поврзуваа преку темата „Daydreaming“, бидејќи се работи за исклучително селективен избор на галерии, чиј фокус се практиките на уметниците.
Истовремено, во Торино се случуваат уште неколку саеми на уметност, меѓу кои е „Паратисима“, саем за откривање на нови таленти, каде што учествуваше нашата уметница Мила Добревска. Мила се истакнува како една од најиновативните млади уметници, која по завршувањето на додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности и мозаик во Равена лесно зачекорува на интернационалната уметничка сцена. Како што споменав, минатиот месец се претстави со таписерии под наслов „Riccordi Intrecciati“ на „Паратисима“ како дел од кураторската изложба „Come la Pelle che mi Nasconde“ на кураторот Марио Бронѕино, која беше истовремено и најдобро курирана изложба на саемот. Во истиот период се одржа и нејзината самостојна едномесечна изложба на современи мозаици во Љубљана, а потоа имаше групна изложба во Болоња со дела реализирани на уметничката резиденција во Сардинија, Trameuropee 2024, во организација на „Македонида“ и „Ottovolante Sulcis APS“.