Изложбата „СКОПЈЕ – ГРАДОТ ФЕНИКС“ е подготвена по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес кој се случи во Скопје на 26 јули 1963 година. Организатор е Музеј на град Скопје. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос-советник историчар во Музејот, која исто така ќе учествува на мултимедијалниот настан на #Терапија: „ЗБОРУВАЈ ЗА СКОПЈЕ”.
Изложбата ја раскажува приказната за катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963 година. Животот во градот непосредно по земјотресот и сето она што ќе следи во првите месеци по катастрофата, е раскажано на паноата и преку изложените музејски предмети и материјали. Изложбата нуди можност да се ѕирне во најинтимните мигови во деновите по земјотресот; да се ѕирне во шаторските населби, во времето кога градот Скопје станал „град под шатори“.
Помош за настраданиот град стигнувала од сите страни на светот. Посебен акцент е ставен на големата димензија на југословенската и меѓународната солидарност. Посебен дел е посветен на меѓународната манифестација „Средба на солидарноста“, еден исклучително значаен настан за градот Скопје во 1960-тите години на 20 век. Паноата содржат куси текстови, информативни, како воведи во она што го објаснуваат фотографиите, музејските предмете и материјалите кои ја збогатуваат содржината. Предмети од збирката „Скопје, 26 јули 1963“ се изложени во повеќе витрини.
Дел од предметите се сместени и во полуамбиентите. Музејските материјали кои ги обликуваат амбиентите и полуамбиентите, се поставени во отворениот изложбен простор.
85 знамиња обликуваат амбиент кој ја симболизира светската солидарност дадена на градот Скопје по земјотресот. За изложбата е подготвен пригоден каталог, кој ќе им овозможи на посетителите да понесат со себе дел од меморијата на Скопје, од 1963 година.
„Терапија / Terapija“ организира мултимедијален настан во знак на одбележување на 60 години од скопскиот земјотрес.
„Од 26-ти до 28 јули, во Музеј на град Скопје, ќе организираме изложба на три истакнати македонски уметници, како и музички дел со домашни изведувачи и диџеи артисти. Многумина ќе се спротистават на славењето на природна катастрофа, која земала многу животи и уништила илјадници домови, јавни објекти и установи. Но, ние ги истакнуваме вредностите кои се случија по оваа непогода во 1963 година. Солидарноста, хуманоста, емпатијата како основни водилки, кои придонесоа Скопје повторно да се изгради и да стане метропола. Токму овие вредности очајно ни фалат денеска. Токму овие вредности недостасуваат на Скопје, на луѓето, на сите ентитети кои сакаат поубав град и поквалитетен живот“, се вели во соопштението.
Меѓу артистите и диџеите што ќе настапат се и Андреј Мицајков и Соња Исмаил, а Тамара Тодевска ќе биде главен музички артист.
„Тамара ќе нѐ потсети на некои од најубавите македонски евергрини, кои ќе ги отпее во придружба на оркестарот на Здружението на џез музичари и слободни уметници. На некои од подзаборавените македонски поп песни ќе им даде нова вредност и ќе ги информира помладите за музичкото богатство на Македонија. Се гледаме на 26 јули, во Музеј на град Скопје, од 20:00 часот“, велат од „Терапија“.