Пред осум години „Портрет“ почна како срамежлива творба на две жени кои сакаа да бидат финансиски независни, да имаат сопствени средства и да се чувствуваат економски слободни. Во овие осум години на тие две жени им се приклучија уште многу жени, кои ја имаа истата цел да имаат сопствени финансиски средства и да дојдат до посакуваната финансиска слобода.
Но, за жал, многу голем број жени во нашата земја не можат да се остварат во овој процес што ниту малку не е едноставен и лесен. Постојат голем број жени, особено од најранливите категории, кои се финансиски невидливи и кои не го користат финансискиот систем. За жал, поради тоа што се невидливи за системот, не можат да користат ни основна помош од државата. Од Платформата за родова еднаквост постојано алармираат за овој проблем низ бројки, а ние, како медиум, од почетокот работиме на подигнување на свеста и значењето на подобрување на положбата на жените во економијата и бизнисот во земјата.
Токму поради тоа остваривме соработката со Халкбанк, кои креираа интегрирана платформа за поддршка на жените во земјава, за која сметаме дека е многу важна за подигнување на финансиската писменост и женското претприемништво. Нивното настојување да се зборува за овој проблем, производите и големиот број олеснителни услуги што ги нудат за женските сопственици на микро, мали и средни претпријатија, поттикнувањето и помошта на голем број женски стартап-бизниси, ја прави оваа компанија главен сојузник на женскиот економски просперитет. Нашата заедничката борба за финансиски независност, родова рамноправност ја крунисавме со уште една наша омилена, заедничка љубов, а тоа е љубовта кон македонската уметност и врвните креативци. Па, затоа ги поканивме и им ја отстапивме нашата насловна страница на петмина графички дизајнери и илустратори, од нашата земја, преку своите дела да ја испратат својата порака, својот став на оваа многу значајна тема. Голема благодарност до: Ертунч Сали, Ирина Атанаскова, Гоце Илиевски, Руки Чуки и Ѓорѓи Десподов, кои со големо задоволство прифатија да бидат дел од овој проект. Тие ја визуализираа состојбата, ги обоија надежите, ги нацртаа очекувањата за подобра иднина и ја доловија жената која е вистински слобода.
За крај, бидете храбри, побарајте помош, понудете помош, негувајте деловни практики, вложувајте во себе, во своето образование, поддржувајте женски бизниси, борете се секогаш да создадете подобри услови, што ќе ги урнат сите финансиски бариери.