Поразговаравме со актерот и режисер Ивица Димитријевиќ за „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, за неговите филмови, но и за спојот помеѓу актерството и режијата. Ентузијазмот на Ивица е насочен и кон театарските и филмските проекти, инспирацијата ја наоѓа насекаде, а музиката е нераскинлив дел од неговото постоење.
Сакаш да создаваш, имаш потреба да кажеш нешто во однос на тоа како и каде живееш и целиш кон тоа да го оствариш. Скокни во дупката и копај.
Ја режиравте претставата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, по делото на Фасбиндер, приказна за љубовта и различните односи помеѓу жените во капиталистичкото општество што диктира сè. Како изгледаше да се работи по дело на Фасбиндер и со избраните актерки кои се дел од претставата?
Интересно, а истовремено и зачудувачки е зошто овој текст само по вторпат се поставува кај нас. Првпат во Народниот театар Битола од страна на Деан Дамјановски и сега во Македонскиот народен театар – МНТ. Можам само да претпоставувам зошто е така, но исто можам и да извлечам некаков заклучок дека поставувањето на Фасбиндер кај нас, за разлика од надвор, не било предизвик, за жал. Делото, иако пишувано во раните седумдесетти од минатиот век, е еднакво актуелно и сега, како што е случај со сите маестрални дела. Едноставно, ова, а и другите дела на Фасбиндер како драмски автор (и како режисер), можат да се стават под одредницата класици. Една од главните работи во процесот за мене беше одговорноста што ја имам кон авторот и кон текстот, а најмногу кон своите колешки и театарот. Одговорност, пред сè, да направиме претстава со која ќе сме задоволни сите, во која никој нема да се чувствува помалку важен, претстава со која ќе кажеме одреден став, која ќе комуницира со публиката… Соработката со актерките, а секако и со сите други соработници во претставата во еден прекрасен процес беше беспрекорна. Вистинско уживање и задоволство беше секој миг од процесот. Голема благодарност до сите што беа вклучени во создавањето на „Горчливите солзи на Петра фон Кант“.
Овој пат бевте во заднината на сцената, како режисер, не на неа како актер. Со оглед на вашето искуство и како актер и режисер, како е да се направи таа транзиција, да се биде и актер и режисер? Може ли да се спореди искуството, да се најдат заеднички и спротивставени нишки?
Ако се навратиме наназад во историјата на театарот ќе видиме дека позицијата на режисер е произлезена од актерите, исто така низ историјата имало, а и сега има многу актери кои биле и се режисери. Секако дека искуството од позиција на актер и од позиција на режисер е различно, пред сè во однос на точката на гледање и одговорностите. Како актер, иако треба да знаете да ја видите целината, секогаш сте концентрирани на својата улога и на нејзината актерска креација, додека како режисер, покрај следењето на улогите и на актерските креации, ја следите и целата слика и ја водите генералната идеја (односите помеѓу ликовите што сакате да постигнете со одредена сцена, со одредена слика што ја креирате – сценографија или музиката што ќе ја употребите итн.).
Ќе можете ли да направите паралела помеѓу вашите почетоци и денес. Каков бевте на почетокот, кои ви беа желбите, што научивте во меѓувреме, како израснавте на театарската и филмската сцена?
Не би можел да одговорам непристрасно на оваа прашање, но би рекол дека нешто што го имам од своите почетоци е упорноста, непресушниот ентузијазам и желбата да се креира да се создава. Тоа е она што е присутно од моите почетоци, а и сега, во меѓувреме се насобра и искуство што е од огромно значење за понатамошното мое креирање на театарската и филмската сцена.
Со оглед на тоа што голем број македонски филмови веќе се занимаваат со важни општествени прашања, филмските уметници почнаа да ја напуштаат матрицата на минатото. Сметате ли дека имаме прогрес последниве години во македонскиот филм и како гледате на иднината?
Несомнено е дека во последниве години македонскиот филм се позиционира како препознатлив на светската филмска мапа. Тоа се должи на поединци (секоја пофалба ним) и нивниот ангажман и работа, а не на некаква организирана национална стратегија. Но, се надевам дека успесите на овие поединци ќе иницираат и подобра сеопшта организираност во однос на иднината на македонскиот филм. Што се однесува до темите на филмовите, најверојатно авторите се задоволиле со потребата да раскажуваат приказни за минатото и се свртеле кон тоа што им се случува сега. :)))) :))))
Според вас, на што се должи охрабрувањето низ филм да се зборува и да се потенцираат недостатоците и проблемите во нашето општество и да се слават предностите?
Не мислам дека тоа е некое посебно охрабрување, филмот кај нас секогаш се занимавал и со социјално општествени теми, кога повеќе и поуспешно, а кога помалку и неуспешно. Најверојатно моментално имаме потреба повеќе да зборуваме за тоа, да се занимаваме и да зборуваме за тие теми.
И самиот како режисер во филмовите „ТМ“ и „Копање“ обрнувате внимание на меѓучовечките односи и општеството. „ТМ“ е критика за тоа како политичката состојба го поткопува поединецот, а „Копање“ го отсликува пријателството. И двата филма се независно снимени, без институционална поддршка и финансии, со таканаречен буџет од „нула“ денари. Како дојдовте до идејата за овие филмови и што ви значат лично нивните успеси?
Нема посебна мистификација околу тоа како ги направивме „ТМ“ и „ Копање“, како дојде идејата и сл. Сакаш да создаваш, имаш потреба да кажеш нешто во однос на тоа како и каде живееш и целиш кон тоа да го оствариш. Секако, треба да се создадат услови, да се направи, собере вистинската екипа и да се крене во таа авантура на правење филм. Ќе повторам, без некакви мистификации и филозофирања. Скокни во дупката и копај. За мене, пред сè, успех е што направивме два филма со прекрасна екипа и дека нема да застанеме тука. Што се однесува до другите, ако можеме да ги наречеме успеси, како учество на фестивали, кино-прикажување, награди, тоа е само потврда дека она што го работиме има своја вредност и публика. Велам направивме и секогаш зборувам во множина кога се работи за правење филм, претстава, затоа што во креирањето и создавањето на делата биле вклучени повеќе луѓе кои придонеле и за успесите.
На што работите моментално, каде наоѓате инспирација? Што ве влече повеќе, театарот или филмот?
Прво е тековниот репертоар и ангажманите во МНТ, паралелно со тоа собирам енергија и правам некое лабаво истражување за следниот театарски проект што го работам и треба да биде готов некаде на крајот на октомври или почетокот на ноември. Се работи за playable theater (игрив театар), претстава што ќе биде прва од ваков тип кај нас. Исто така, во однос на филмот имам за работа еден проект што подолго време ни стои во фаза на монтажа, а и некои нови ангажмани за кои во моментот не би можел да зборувам. Инспирацијата е насекаде и затоа е непресушна. Што се однесува до прашањето театар или филм, би рекол музика. 🙂 Тоа е неразделното тројство (театар, филм, музика) во кое сè уште имам еднаков предизвик и желба да работам.
Покрај театарската и филмската уметност, сте биле и сте член на неколку рокенрол-групи „The Hip“, „ТБ Трачери“, „СИЗ“, „Rib“. Музиката е дел од вас. Што работите на тоа поле, кои се последните остварувања?
Само би додал уште нераскинлив, музиката е нераскинлив дел од моето битисување и творење. Целата ситуација со кризата со Ковид-19 и последиците од неа малку нè стопира во однос на проби и концертни активности со „Rib“, но тоа не значи дека не работиме на нов четврти по ред албум. Освен тоа, оваа година е и десет години од постоењето на „СИЗ“ и од издавањето на првиот албум „Responsibility“, па можно е да има и пар јубилејни концерти по тој повод.
Што гледате и слушате во слободно време?
Сè и сешто, но зависи која ми е зоната на интерес во тој момент. Па, така, од тоа зависи и дали ќе слушам и гледам нови музички изданија и филмови или ќе се навраќам по којзнае кој пат на бендови и албуми што ги слушам со години или, пак, на стари филмови или филмови што ги имам гледано повеќепати.