Нашата поетеса, Ивана Јовановска, учествуваше на 26 издание на интернационалниот поетски фестивал LeseLenz во Германија како авторка на номадизмот/авторка во движење , а викендов ќе биде дел од фестивалот „35. Поетска ноќ во Велестово“ чиј фокус годинава е македонската поезија пишувана од жени. Ивана досега ја има издадено стихозбирката На ракавот на градот во која е забележлив односот кон Скопје, изразен преку дилемите за заминувањето или останувањето некаде, додека во песните од втората стихозбирка, што треба да излезе во септември, се осврнува на миграцијата и движењето, поетиката на просторот и домот. Нејзината поезија е и дел од изданието „САМОДИВИ ‒ панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ чија промоција ќе биде во Велестово.
Учествувавте на 26. издание на интернационалниот поетски фестивал LeseLenz во Германија. Што ви донесе ова искуство да бидете најавена како авторка на номадизмот/авторка во движење но и да читате дел од вашите песни кои се преведени и на германски јазик пред многу поети од целиот свет?
Да се биде дел од овој значаен фестивал беше голема чест за мене, од повеќе причини. На покана на поетската платформа Версополис како најмлада авторка која се претстави во Хаусах, имав можност да се поврзам со важни имиња на современата германска, но и европска книжевна сцена и тие неколку дена да учам многу од нивното творештво и нивниот пристап кон литературата. Навистина беше прекрасно искуство кое на некој начин ја зголемува и сопствената критичност кон тоа што го правам, поттикнувајќи ме повеќе да читам и да работам., подобро да ја разбирам и истражувам поезијата и литературата воопшто. Тоа го понесов како приоритет со моето враќање дома, покрај прекрасните реакции од публиката и некои можни идни соработки. На фестивалот беше промовиран буклет со превод на мои избрани песни на германски и англиски и тоа беше убава можност за поврзување со германската книжевна публика, а моето творештво беше претставено од Микаел Вогел како претставник на Версополис. Исклучително благодарна сум за сите прекрасни луѓе кои ги запознав и можноста ова искуство да рефлектира многу на тоа што во иднина ќе го пишувам.
Како се роди желбата за поезија, како се сеќавате на почетоците, што ви беше најголем предизвик?
Желбата да пишувам за мене е во најтесна врска со идејата да читам повеќе, да се развивам повеќе и суштински да ја истражувам книжевноста. Ова секогаш бил мојот предизвик, а како што поминува времето, станувам покритична кон самата себеси и се трудам да работам повеќе и подобро. Пишувам од дете, но вистинските предизвици ги сретнав пред објавувањето на На ракавот на градот во процесот на уредување на текстот со драгата Јулијана Величковска од ПНВ Публикации. Се сеќавам дека тогаш се сретнав со прво сериозно критичко толкување на песните, од кое никако не сакав да избегам. Токму во нејзините зборови при уредувањето на книгата наидов на многу важна лекција која ја следам и денес – важноста на критиката и согледувањето на своите недостатоци е многу важно за подобрување на сопствениот текст. Кога пишувам, секогаш се чувствувам мало и неважно, токму затоа што секогаш може да биде подобро. Ова е натпреварот кој го имам во мојата глава со себе, кој само ме тера теориски подобро да ја разбирам литературата и потоа тоа да го пресликам во текстот.
Што ве водеше и од што се инспириравте за првата поетска збирка „На ракавот на градот“, а што низ втората „Номадски затвори“ што треба да биде објавена во септември? Како би ги опишале овие две збирки?
Првата стихозбирка наивно и младешки го отслика мојот темперамент и односот кон градот, немирот кој секогаш сум го носела во себе за Скопје, изразен преку дилемите за заминувањето или останувањето некаде. Миграцијата и движењето, поетиката на просторот и домот секогаш биле тема која ме опседнува, а тоа подлабоко и подиректно се отсликува во мојата втора стихозбирка Номадски затвори која треба да излезе наскоро. Голем дел од песните настанаа додека живеев во Шпанија, но и патувајќи во Хрватска, Романија, Бугарија и Србија. Таа е обид за освојување на личната слобода далеку од дома, борбата со сопствените демони и пред се љубовта која толку интензивно се чувствува со поинакво тло под нозете– љубовта за луѓето кои веќе не се во нашите животи, но и оние кои се дел од нашето секојдневие и со кои заедно ја промислуваме слободата. Номадски затвори е мојот нов обид да излезам од сопствената глава и да се поврзам со болката на другите, она што го носат во себе кога се дома, но и на илјадници километри, барајќи нови простори за себе.
Дел сте од изданието „САМОДИВИ ‒ панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, навистина впечатлива антологија за македонската поезија чија промоција ќе биде денес (18 август) на поетска ноќ во Велестово. Што значи за вас да бидете вклучена во оваа антологија, но и што значи воопшто ова издание за македонската поезија напишана од жени?
Ова издание приредено од поетите Јулијана Величковска и Славе Ѓорѓо Димоски е особено важно за македонската книжевност бидејќи нуди еден сеопфатен приказ на женските авторки во земјава. Во оваа смисла, би рекла дека важноста на панорамата е многу голема зашто станува релевантен ресурс преку кој во иднина читателите можат да ги читаат, толкуваат и воопшто, да се запознаат со поетесите во нивната земја. Јас би можела да кажам само дека ми е чест да бидам вклучена таму, а и да им честитам со полно срце на Јуле, Славе, авторот на корицата Никола Пијанманов, но и на сите други кои учествувале во процесот на подготовката. Промоцијата на панорамата ќе се случи овој викенд на Поетска ноќ во Велестово, за сите кои можеби ќе бидат во Охрид и околината.
Колку поетските фестивали кај нас ги отвораат вратите за младите македонски поети и поетеси и каква поддршка пружаат? Колку културните институции вложуваат во поддршка и промоција на младите кои пишуваат поезија?
Она што јас го забележувам и се радувам е дека полека, ситуацијата во земјава се менува, особено ако земеме предвид алтернативните фестивали и настани, мислам дека има поместување на досегашните практики, пред сè овозможено од неколку издавачи и алтернативната сцена кај нас. Во друг наврат споменав и дека национална стратегија за книжевноста во Македонија може директно да влијае и да рефлектира на просторот за поддршка на млади автори во земјава, но тоа се процеси за кои е потребно време. Факт е дека е неопходно издвојување на поголеми финансии и интерес, па затоа се радувам што алтернативната сцена на градот ги презема работите во свои раце и се бори за она што недостасува од културните институции.
Како би го опишале вашето учество на поетските фестивали, што претставуваат лично за вас, какви чувства будат и носат?
Ми значат исклучително многу, имајќи предвид дека се добра можност за поврзување на младите автори со нашата книжевната сцена, но и во рамки на Европа. Ми даваат надеж дека може да се промени праксата на затвореност која сум ја имала како впечаток и на крајот на денот, дозволуваат бранување на постоечката сцена со отворање на просторот и за нови автори кои допрва треба да работат и учат. Затоа и секогаш сум благодарна за секоја покана толку многу. Интернационалните фестивали преку преводите на странски јазици го овозможуваат и контактот со европската публика, што за мене како млада авторка е бесценето.
Македонската поезија изобилува со многу успешни и познати поети и поетеси чија поезија е поттик за многумина. Кој момент од македонската поезија низ годините за вас лично е највпечатлив и инспиративен?
Секоја нова поетска книга на Лидија Димковска ја гледам како настан во македонската поезија Секој препев на млад автор на некој светски јазик, исто така. Развојот на современата поетска сцена кој е доста комплексен е момент кој многу години подоцна, од дистанца, верувам ќе биде интересен за анализа и дискусија. Излегувањето на Viola Arsenica од Влада Урошевиќ, за мене е исклучително важен момент за македонската поезија, понатаму, добрите препеви на светска поезија на македонски од малите издавачи кај нас… Развојот на нашата современата книжевност, воопшто, е процес кој секогаш ми бил интересен за следење преку поддршката од малите и независни издавачки куќи во земјава.