Модната дизајнерка Ирина Тошева ја претстави новата колекција „Муур“, обединувајќи петнаесет локални креативни дејци и индустрии, кои учествуваа во реализацијата на видео кампањата и промотивните фотографии за нејзина презентација.
„Oблеката не е само апстрактна претстава на креативната визија, колку и да е иновативна. Самата изработка и занаетот прават таа да заживее, како израз на човечката опиплива и извонредна креативност. „Муур“ е прослава на сè она во што верувам. Отпечаток, жиг на едно време“, истакнува Тошева.
Во составот на моделите се застапени текстурирани еколошки материјали во природни тонови, како што се рустичниот памучен жакард, конопот и јутата проткаени со сирова свила, муслин од органски коноп и лен со European Flax сертификат. За првпат дизајнерката работи со макраме – древна техника на рачно врзување јазли. Чевлите, пак, произведени се од пресувана плута во соработка со брендот Schuster.
Секое од парчињата има посебна приказна, деликатно поврзувајќи ги минатото и сегашноста. Налик на „муур“ за старо-новото време.
Истовремено се работеше и на освежување на веб страницата, благодарение на Moonwise, каде може подетално да се погледне и нарача колекцијата или закаже термин за посета на ателјето на дизајнерката.
Проектот поврзува 15 локални креативни дејци и индустрии, како стимул за раздвижување на културната сцена, взаемна поддршка и соработка и презентација на талентот кој нè опкружува. Заштитно лице на кампањата е моделот Надја Миланова од модната агенција „Подиум“. На триминутното промотивно видео работеа режисерката Ана Алексовска и Владимир Димоски како директор на фотографија. Двоецот асистенти на камера го сочинуваа Марјан Петковски и Антонио Станков, а Искра Младеновска асистираше на сетот.
„Колекцијата потекнува од место на прагматизам, со ограничените ресурси што ги имавме на располагање, а, во суштина, токму ограничувањата ни дадоа поостар фокус во сите аспекти. Видеото и едиторијалот се снимени на две монументални, но по малку заборавени локации во градот. Ги одбрав скопскиот Аквадукт и тврдината Кале со цел да се разбуди колективната свест за зачувување на нашето културно-историско наследство“, вели дизајнерката.
Автори на наменски создадената музичка тема за видеото се Katerinha, македонска артистка која живее и работи во Берлин, заедно со продуцентот Антоние Весковски. Имиња за кои допрва надалеку ќе слушаме.
Фотографиите за едиторијалот се одново дело на Александра Костадиновска, графичкиот дизајн е на Кристина Манчева, за шминката беше задолжен Виктор Мирчевски, додека за фризурата Дарко Петковски од студиото Hairhouse. Со секое купено парче облека од „Муур“ ќе се засади дрво именувано според купувачот, и тоа на различни локации во државата благодарение на партнерската соработка со „Трибенкс“. Колекцијата е дел од поддржаните проекти од Национален интерес за 2020 година од Министерство за култура и проект од локален интерес во културата на Град Скопје за 2020 година.