Во свет преплавен со филтри и ветувања на убави пакувања, ретко кој се осмелува да го сврти шишенцето и да ја побара вистината во состојките. Ирена Гогова ја изгради NOMI & YOU токму на таа транспарентност, претворајќи ја личната потреба во стандард за квалитет. Нејзин совршен сојузник во ова патување е Чарна Невзати, која по светските модни писти научи дека највредниот моден додаток е самодовербата што доаѓа одвнатре. Заедно, тие го отвораат прашањето: Дали знаеме што нанесуваме на нашето лице и зошто „чистата убавина“ е единствениот тренд што вреди да се следи?
Ирена Гогова, oсновач на NOMI & YOU
Во време кога поимот чиста козметика сѐ почесто се користи како маркетиншки израз, како Nomi прави јасна разлика помеѓу тренд и вистинска вредност, и каде ја гледате вашата улога во едукацијата на потрошувачите?
Искрено, ова е прашање кое ме прати од првиот ден. Во светот на козметиката денес, зборовите се евтини: зелено пакување, фини ветувања, натпис „natural“, но кога ќе го свртиш шишенцето, често приказната е различна. И тоа допира до мене како жена и корисник на козметика, не само како основач на бренд. Затоа кај Nomi го направивме обратното, не сакаме никој да ни верува на збор, сакаме сами да се уверат и спознаат. На nomiandyou.com имаме библиотека на состојки каде секоја жена може да види што точно нанесува на кожата, NOMI Magazine со статии за рутини и состави, и прашалник за кожа кој помага да се најде вистинскиот производ за секоја проблематика. Нашата улога не е само да продаваме – нашата улога е да им дадеме на нашите клиенти и нивната проблематика знаење и решение. Жена која знае да чита INCI листа никогаш повеќе нема да ‘падне’ на убаво пакување и тоа е најубавиот подарок што можеме да и́ го дадеме.
Вашата приказна започнува од едно лично искуство. Колку е важно еден бренд да има искрена почетна идеја, и како таа мотивација влијае врз одлуките што ги носите денес?
Nomi не настана од бизнис-план, настана од лична потреба која никој не ми ја реши. Минував низ сите фази: чувствителна кожа која реагираше на сѐ, бременост кога секој состав доби ново значење, разочарување од производи кои ветуваа многу, а испорачуваа малку. Тоа не беше еден момент, беше цел процес, но секоја таква приказна остава трага. Денес кога го бирам следниот производ за nomiandyou.com, во главата имам две прашања: не „дали ќе се продава?“ – туку „дали би го ставила на мојата кожа? Дали би го препорачала на мојата другарка?“ Ако одговорот не е да, тоа не е за Nomi. Тоа е силата на искрената почетна идеја. Нашите клиентки, верувам, тоа го чувствуваат, дека зад секој производ стои доверба, не само уште еден производ за продажба.

Донесувањето високи меѓународни стандарди на локалниот пазар често значи и соочување со различни навики и очекувања. Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте во Македонија?
Предизвиците растеа заедно со мене и тоа, искрено, е можеби најубавиот дел од оваа приказна. На почетокот, најголемиот предизвик беше логистика, да донесеш сертифицирани производи од Австралија, да поминеш низ сите административни процедури, да изградиш нешто од нула. Она што е поинтересно е тоа што дојде потоа. Кога производите веќе ги имаш, тогаш почнува вистинската работа: да го промениш начинот на кои работите се гледаат. Кога на некој ќе му кажеш дека серум пудра чини 5.000 денари, првата реакција е шок. Но, кога ќе објасниш дека таа серум пудра нема силикони, дека содржи пигменти кои ја негуваат кожата додека ја носиш и се’ она како дошло до таа повисока цена, приказната се менува. Потоа е довербата во онлајн купување, жените сакаат да видат нијанса, да почувствуваат текстура, а тоа онлајн е тешко. Затоа вложивме во детални свочови, видеа, рецензии од реални корисници и лична комуникација со секоја клиентка. Но знаете што научив? Дека предизвиците не се пречки, тие се учители. Секој ме направи подобра, потрпелива, и поблиска до жените на кои им зборувам. А жените кои еднаш пробаа, остануваат. И споделуваат позитивно искуство со своите пријателки.
Nomi не нуди само производи, туку и начин на размислување. Како ја градите заедницата на жени кои не само што купуваат, туку и ја прифаќаат оваа филозофија?
Најубавата работа кај Nomi е што нашите клиентки не се само купувачи, тие се заедница која се грижи една за друга. Кога една девојка ќе проба производ кој навистина и́ одговара, таа не молчи, препорачува, пишува рецензија, споделува на социјалните мрежи. Тоа е затоа што секоја од нас знае колку тешко е да се најде производ кој ти одговара и кога ќе го најдеш, сакаш да помогнеш и друга жена да помине пократок пат. Тоа го формализиравме преку NOMI Club, нашата лојалност програма каде клиентките собираат поени не само за купување, туку и за рецензии, препораки на пријателки и активност на социјалните мрежи. Имаме и афилијација програма каде жените можат да заработуваат препорачувајќи производи во кои навистина веруваат и тоа не е продажба, тоа е доверба. Но заедницата не се гради само со програми, туку со содржина и со слушање. Кога клиентка ми пишува дека конечно нашла пудра што не и́ ја иритира кожата, или серум што за прв пат и́ дал резултати, ми се топли срцето. Тие пораки се посилни од секоја рекламна кампања.
Во рамки на оваа соработка, што ја прави Чарна повеќе од препознатливо лице, односно вистински симбол на вредностите што ги застапува вашиот бренд?
Чарна е првото лице на Nomi (читај: најава за повеќе 😊), таа е девојка чија приказна се совпадна со нашата. Нејзиниот однос кон убавината, автентичен, свесен, без компромиси, едноставно природно се вклопи во тоа што Nomi го застапува. Не баравме позната личност да ни го продаде брендот, се препознавме во вредностите. И тоа не е случајност. Глобално, сѐ повеќе јавни личности ширум светот се враќаат кон чистата убавина, не затоа што е модерно, туку затоа што е логично. Жени кои имаат пристап до сѐ, избираат сертифицирано, органско, транспарентно. Чарна е дел од тој бран кај нас и за мене чест е што од сите брендови со кои можеше да се поврзе, таа го избра Nomi.
Чарна Невзати, Мис Македонија
Како титулата Мис Македонија влијаеше врз вашето разбирање на убавината — дали ја прошири, ја редефинира или ја направи подлабока и поинтимна?
Каде поинаку да се види убавина ако не на изборот за убавина Miss World, (Хахаха) Таму има убави девојки, високи квалитети и прекрасни места. Но она што најмногу го продлабочи моето разбирање за убавината беше автентичноста што ја видов кај сите девојки. Тоа беше нештото што направи да ја доживеам убавината на еден подлабок и поинтимен начин. Фокусот беше на чиста и природна убавина, што за мене беше многу инспиративно. Најголем впечаток ми остави тоа што секоја девојка се истакнуваше и беше своја и природна на свој начин, што за мене е токму вистинската убавина.
Во средина која често промовира стандарди, како ја одржувате вашата автентичност и личен идентитет без да подлегнете на очекувањата?
Верувам дека секој треба да го прави тоа што го сака и што го прави среќен. Мојата автентичност ја градам така што се фокусирам на себе, го правам она што јас го сакам и она што ме прави да се чувствувам најдобро. Се водам според тоа што мене ми прилега, а не според очекувањата.
Чистата козметика не е само избор на производи, туку и начин на грижа за себе. Како оваа филозофија се одразува во вашето секојдневие и животен стил?
По долги денови со фотосесии, светла, шминка и фризура, има моменти кога едноставно не сакам да носам ништо, туку само да ѝ дадам одмор на кожата. Затоа внимавам какви производи користам — вистинскиот избор за мене се производите на Nomi & You од INIKA Organic, кои се 100% природни и ми овозможуваат не само да изгледам убаво, туку и да се грижам за кожата додека ги користам. Со тек на време научив дека не е доволно да ги гледаме само нутритивните вредности на храната — подеднакво е важно што ставаме и на нашата кожа. За мене, чистата убавина значи баланс помеѓу грижата за себе, за своето здравје и за состојките кои ги избирам секој ден.
Каква порака сакате да им пренесете на младите девојки кои денес растат опкружени со идеализирани претстави за убавина?
Би им порачала да не си создаваат притисок и да не се споредуваат со идеализирани стандарди. Секој треба да го прави она што го прави среќен. Без разлика дали тоа е шминка, природен изглед или нешто сосема трето, најважно е да се чувствуваат удобно во своја кожа. Внатрешната среќа е најважна, затоа што таа се гледа и однадвор. Мислењата на другите секогаш ќе постојат, но најважно е како вие сте задоволни со себе. Бидете свои, следете го тоа што ве исполнува и не заборавајте дека вистинската убавина доаѓа од самодовербата и мирот со себе



