Вечерва започнува шестото издание на „Култиватор“, мултимедијален фестивал во организација на Кино Карпош и BKW (оваа година без Минус Еден) каде ќе бидат изложени и промовирани делата на низа македонски артисти од областа на музиката, филмот, дизајн и сл. Зашто се наши соборци, истомисленици кои даваат шанса на локалните вредности и квалитети, ние поразговаравме со организаторот на фестивалот Илија Аргировски- Шале.
Шеста година по ред сте организатори на концептуалниот фестивал „Култиватор“ кој е од голема важност за локалните изведувачи и артисти. Колку сте задоволни од развојот на фестивалската понуда и програма низ годините?
„Култиватор“ расте и созрева низ годините со повеќе учесници подобра програма и поквалитетен избор, се опфаќаат сè повеке различни уметници квалитетот расте, а со тоа и посетеноста, се разбира. Ова е шесто издание на „Култиватор“ и се одржува во едни чудни времиња па затоа и фестивалот е малку поинаку конципиран, оваа година за жал Минус Еден е изоставен како локација, како и странските артисти и концерти а сè друго е според препораките за дистанца.
Каква ќе биде програмата оваа година, може нешто повеќе да ни кажете за учесниците?
Програмата на „Култиватор 6 2020“ е 100 проценти посветена на македонските уметници и тоа: 3 видео и лајт артисти, 13 режисери со проекции на филмови, 15 селектори на музика, 13 креатори со своите модни брендови, уметнички поставки и инсталации. Значи Кино Карпош и БКВ ги трансформираме во изложбени простори, кино сала под отворено небо, збогатени со соодветна музичка атмосфера музика, филм, мода, видео, фотографија, улична уметност, скулптура итн.
Сметате ли дека македонските изведувачи и артисти немаат доволно медиумски простор и поддршка?
Да, мислам дека немаат доволно подршка од медиумите но и од публиката нема сериозна поддршка. Од друга страна и институциите ретко се тука да помогнат како државни така и приватни.
Глобалната пандемија нанесе огромна штета на целиот угостителски сектор и сосема го смени начинот на забавување во локалите. Како вие се справувате со здравствената криза и колку е поинакво вашето секојдневие?
Како што споменав ова се чудни времиња и функционираме, работиме во една поинаква реалност и ние и гостите, се трудиме да бидеме одговорни да ги запазуваме сите протоколи и во оваа нова ситуација создадеме нови навики и нов начин на забава и социјализација, се надевам дека брзо ќе помине, ќе успееме да поминеме низ ова, ќе ги заборавиме лошите моменти, а ќе ги задржиме добрите навики.
Кино Карпош и BKW со години нудат уникатна понуда, која изобилува со низа настани и безрезервна поддршка на локалната култура, уметност и музика. Која е предноста на локали од овој вид, постои ли интерес на младите генерации за негување на стрит културата и урбаниот начин на живот?
Во Скопје, па и во Македонија работат неколку локали кој константно даваат поддршка и организираат настани каде уметниците имаат свој простор за настап и работа но и се места каде се дружат. Интересот е евидентен со голема посетеност на ваквите настни во локалите, и да, има секогаш нови супер млади луѓе и генерации кој си ги одбираат нашите локали како нивни места и уметничките настани ги следат со внимание и голема посетеност.
Познати сте како големи љубители на светската и македонска кинематографија. Може ли да ни наброите неколку моменти од филмската индустрија што според вас се култни?
Ги има премногу но ајде неколку: Тетовирање на Столе Попов омилен на Кино Карпош екипа, Прашина на Милчо Манчевски, Reservoir Dogs – Quentin Tarantino, Brazil -Terry Gilliam, Coffe and Cigarettes – Jim Jarmusch, Baraka – Ron Fricke, Soul Kitchen – Fatih Akin, Amelie – Jean Pierre Jeunet, The Shining – Stanley Kubrick.
Што сметате дека е најважно да поседува еден бренд за да стане успешна приказна во стрит културата?
Најважно да биде дел од приказната, кога некој е дел од тој дел на урбаното живеење живее, работи, создава се дружи, забавува со тој профил на луѓе природно доаѓа да ги разбира потребите, желбите, вкусот, сензибилитетот на популацијата која е поврзана со оваа супкултура. И се разбира многу чувства, талент, труд, знаење и зезање и ете ти успех.
Албум што можете да го слушате засекогаш…
Во зависност од период и расположение во моментов ми текнува на овие Sound of Silver – LCD Sound System / Air – Moon Safari / Crazy P – Walk Dance Talk Sing