Дизајните на Игор Делов се неконвенционални со креативен пристап и минималистички стил. Преку своите постери за разни фестивали и културни настани пренесува силни пораки и го привлекува вниманието на публиката. За него, визуелните комуникации се совршен спој на ликовната уметност и теоријата што ја изучувал на Економскиот факултет.
Визуелниот елемент е присутен насекаде, дизајнот е тој што во денешно време игра голема улога во секојдневната комуникација. Како сметате дека најдобро може да се искористи моќта на дизајнот да пренесе одредена важна порака, да предизвика одредена емоција, а со тоа и да поттикне на дејствување?
При читањето на ова прашање, веднаш се сетив на графичките решенија на еден од моите омилени графички дизајнери Хавиер Хаен, на тема што, за жал, е многу актуелна во изминатите два месеца, односно палестинското прашање и израелската окупација. Користејќи комбинација од различни графички елементи, како текст, илустрација и фотографија, графичкиот дизајнер има можност да прикаже одредена појава, состојба или порака од сосема поинаква, честопати претходно незамислива, надреална перспектива. Графичкото дело може да предизвика нови ставови, односно да ги зацврсти или, пак, да ги заниша претходните гледишта кај публиката, на начин што е различен од другите медиуми, на пример пишаниот збор или, пак, видеоматеријалите. Сепак, моќта на графичкото дело да пренесе важна порака на крајот зависи од досетливоста на графичкиот дизајнер, односно изведбата и квалитетот на делото. Затоа, дизајнерите кои се занимаваат со визуелни комуникации неопходно е да читаат, гледаат, истражуваат и црпат инспирација надвор од теоријата за графички дизајн.
Во вашите дизајни често се осврнувате на многу важни теми од социјално-општествениот живот, без разлика дали е правото на абортус, родово-базираното насилство, прашањата од ЛГБТИ-заедницата, но и многу други каде што се провлекува уметничкиот активизам. Дали би можеле да издвоите неколку дизајни што играат особена улога во вашата кариера, ги паметите по нешто особено или ви претставувале голем предизвик?
Без разлика од каква заднина е проектот, дали од бизнис или, пак, културниот сектор, интересот и желбата за исполнување на предизвикот кај мене се на еднакво исто ниво. Истото важи и за географското потекло, без разлика дали проектот е од локалниот или, пак, од странскиот пазар. Дизајнерската сцена и работа ја замислувам како градска чаршија, каде што луѓето се обраќаат кај некој занаетчија за одредена потреба. Плакатот како медиум за изразување и како средство за комуникација отсекогаш кај мене будеше посебен интерес и возбуда. Изработката на постер за мене претставува исклучителен предизвик на кој посветувам многу внимание и труд. Би рекол дека проектот што предизвика најголема реакција и паметење кај публиката за филмскиот фестивал за сексуалноста во поранешна Југославија, со наслов „Иднината е меѓу твоите нозе“, во 2016 година, кој луѓето честопати го споменуваат како „постерот со капата“. Понатаму, многу ми е драг постерот за фестивалот на планински филм „Ехо“, во 2018 година, за чија намена направив цела планина од пуканки. Еден од моите омилени културни настани во градот е фестивалот на документарен филм „Македокс“, за којшто имав можност да придонесам со свое решение за плакат на изданието во 2023 година. Од кориците за книги би го издвоил решението за постхумно издадената збирка на текстови од Лилјана Дирјан, со наслов „Вагон-ресторан“, во 2020 година. Меѓу симболите, особена гордост ми претставуваше решението за 50-годишнината од МКЦ, како и победничкото решение на конкурсот за симбол за животната награда „Мето Јовановски“ во областа на заштитата на човековите права, во 2021 година. Официјалниот симбол за Парадата на гордоста во Скопје во 2019 година беше прикажан во повеќе земји низ светот, преку големите медиумски куќи. За крај, би го додал и симболот за кафе и филм „Котур“ од 2018 година, место каде што се одржуваат голем број на културни настани. Драго ми е дека како што поминуваат годините, сè уште се радувам на поголем дел од проектите.
Како се сеќавате на почетоците во дизајнерските води, што ве поттикна или инспирираше да почнете да работите со креативни решенија?
Би можел да кажам дека интересот кон графичкиот дизајн кај мене се појави уште додека бев дете. Привлечен од различните форми, бои и фонтови, во ќошот од детската соба собирав празни картонски пакувања од различни производи, кои верувам дека за другите беа само ѓубре. Исто така, покрај спортот, цртањето беше една од моите омилени детски активности, дома и на училиште. За време на основното образование, успешно настапив на неколку натпревари со свои цртежи, благодарејќи на наставникот по ликовно образование – Спасе, кој ми посветуваше внимание за време на часовите. Интересот за ликовната уметност се појавуваше и се губеше низ текот на годините, при што понекогаш посетував часови за сликање и цртање. Сепак, сосема неочекувано, мојата прва официјална средба со мојот иден занает се случи во првата година од моите студии, помеѓу бескрајните часови поминати во читалната на Економскиот факултет во Скопје. Покрај огромниот обем на економска теорија, имав неоспорна жед за креативно изразување и творење, односно, како што често велеше наставникот – да зборува четката. За потребите на студентската организација АИЕСЕК, на која бев и самиот член, беше потребно да се изработи плакат и симбол. Без двоумење се пријавив. Студирајќи, истовремено продолжив со своето самообразување и сè почестите работни ангажмани во полето на графичкиот дизајн. Предметите како маркетинг-комуникации и веб-дизајн дополнително ми влијаеја во разбирањето на функцијата и целта на графичкиот дизајн. На некој начин, визуелните комуникации за мене претставуваа совршен спој на ликовната уметност и теоријата што ја изучував на Економскиот факултет.
Како би ги опишале вашите дизајни, вашиот дизајнерски правец, боите или типографијата што ги употребувате? На што најмногу се фокусирате во вашите дизајни?
Мојата работа како графички дизајнер би ја опишал како преведувач на зборовите и идеите од поставената задача во визуелна композиција. Со цел полесно да го опишам мојот работен процес, односно да го направам помалку апстрактен, задачите често ги замислувам како математичка равенка, во која треба да дојдам до одредено решение. Во графичкиот дизајн најчесто постојат повеќе решенија за одреден предизвик. Во текот на мојата работа, секогаш се трудам да исполнам одредени критериуми, односно да ги пронајдам непознатите во равенката. Првиот критериум е функционалноста, односно способноста на делото да пренесе одредена порака, приказна или идеја, на досетлив и симболичен начин што е визуелно, естетски и технички издржлив. Вториот аспект е видот на емоција што се појавува кај гледачот, односно генералната атмосфера во која делото ќе коегзистира заедно со корисникот. За исполнување на горенаведените цели, за различни проекти најчесто користам различен избор на фонтови, палета на бои, стил на илустрација и фотографија. Според тоа, не би можел да истакнам одреден избор, туку би можел да кажам дека се трудам изборот да биде најсоодветен за дадената задача. Процесот се состои од неколку фази, односно истражување, скицирање, изведување и финализирање на делото. Фазите честопати знаат да бидат временски испреплетени. Секогаш оставам можност неколкупати да го ревидирам „крајното“ решение во рамките на договорениот временски рок. Процесот би го опишал како пирамида, односно нагорна линија на додавање елементи, како и надолна линија на одземање на непотребните, вишок елементи. Поради вториот дел на одземање, би рекол дека крајното решение е особено сублимирано, едноставно и лесно за паметење и опишување, а сепак со силна, досетлива, итра и јасна порака. Сепак, и покрај различната природа на задачите, многупати гледачите доживуваат одредена доза на препознатлив стил и сензибилитет, за што всушност ми е драго. Како и за ова интервју, во процесот вложувам многу време и енергија и многу често тоа може да биде мошне напорно. Можеби тоа е добро оправдување зашто мојата интернет-страница е секогаш во изработка.
Од што најмногу се инспирирате кога креирате еден дизајн и како сметате дека правилната употреба на визуелните елементи може да придонесе до соодветна креатива и исполнување на целта на дизајнот?
Како самоук графички дизајнер, уште од почетокот на мојот професионален пат имав цел да почитувам одредени стандарди и правила во графичкиот дизајн за кои дознавав преку читањето книги и за кои сметав и замислував дека се изучуваат низ добрите образовни институции. На тој начин, сакав да се движам во безбедната зона на графичкиот дизајн, за да не погрешам. Поради тоа, на голем дел од крајните решенија може да се забележи строго почитување рамки, како и хиерархија во композицијата и типографските елементи. Сепак, и по мојата лична природа би кажал дека ми годат едноставни, структурирани, чисти, топли идеи и предмети. Честопати, во делото може да се забележи празен простор со којшто дозволувам вниманието да биде насочено кон главните елементи, односно тие да имаат можност „да дишат“ во просторот. Дури и во времето надвор од графичкиот дизајн, како голем љубител на планината и морето, наоѓам мир во празните хоризонти и простор, спортувајќи или пешачејќи. Со текот на годините, си дозволувам на себеси да скршнам од правилата, истовремено почитувајќи ги. Секојдневно читам и истражувам користејќи интернет. Како графички дизајнер кој доаѓа од Скопје, несомнено влијание имаше југословенското дизајнерско наследство и сцената. Би рекол дека уште од почетокот се инспирирав од културата на полскиот постер по Втората светска војна, како и модернизмот и корпоративниот графички дизајн од Западот, односно земји како САД, Холандија, Швајцарија и Канада во 20 век. Исто така, сè уште сум голем љубител на ретро и инди графичкиот дизајн од САД, чиј доследен примерок се плакатите за концертите на групата „Вилко“. Несомнено, студирајќи на Економскиот факултет и работејќи во маркетинг-агенција, голема улога врз начинот на размислување и создавање на концептите имаа паметните и досетливи адвертајзинг-решенија во печатениот медиум.
Какви се можностите кај нас за дизајнерите, во што можат да се подобрат и колку сметате дека се вложува во обука и давање шанси на младите дизајнери?
Времето на дигиталните комуникации е најдоброто досега во поглед на достапноста на ресурси за образување, како и можноста за излегување на домашната и на светската сцена и пазар. Благодарение на интернетот, огромен број алатки, материјали во различни форми и медиуми преку коишто всушност учат и создаваат професионалните дизајнери низ целиот свет, ни се на дофат на рака. Поголем дел од успешните локални дизајнери кои ги познавам се всушност самоуки дизајнери, како и самиот јас. Според тоа, на индивидуално ниво, дисциплината, работната навика, желбата за постојано истражување и подигнување на личниот стандард за квалитет се најважните и клучните особини, односно фактори за развивање на младите дизајнери. Еден начин на кој младиот дизајнер би можел да излезе од сопствениот и локален медиокритет, како и да ги подобри своите дела, е преку присуството на мала доза конструктивно незадоволство од моменталниот краен резултат, односно љубопитност и трпение да се отиде чекор понапред во процесот. Од друга страна, на локално ниво, постојат сè поголем број можности и иницијативи за образование преку државните и приватните образовни институции и културни здруженија, при што би додал дека има простор за подобрување на квалитетот, наспроти квантитетот. Слично како кај спортот, за создавањето на таканаречена база, односно плодна почна за развивање на потенцијалот и талентот кај младите луѓе што несомнено е присутен, потребна е одредена традиција, оформени институции, како и човечки капитал, кој ќе го пренесува занаетот од генерација на генерација.