Креативноста никогаш не останува незабележана, секогаш привлекува внимание и инспирира. Гулевска Григорија илустраторка и графичка дизајнерка е доказ дека ако имаш желба за да научиш нови работи и напорно работиш на себе успехот е загарантиран.
Студиравте политички науки но љубовта кон дизајнот ве предомисли. Што беше пресудно да сфатите дека сакате да ја смените професијата?
Се сметам себе си за креативна личност која што едноставно не може да функционира без да создава нешто креативно, секогаш на ваков или онаков начин ќе најдам како да се искажам креативно. Пресуден момент за да променам професија ми беше кога сфатив дека во мојата понатамошна професија нема да имам простор да се искажувам креативно. Љубовта спрема дипломатијата ќе ми остане, но љубовта спрема креативното секогаш ќе биде посилна.
Моментално работите на дигитални илустрации во кои се забележува дека имате сопствен печат на изразување. Како изгледа креативниот процес на изработка на една илустрација?
Да создавам нешто креативно со свој печат ми била една од најголемите желби, можеби и откако знам за себе. Во процесот на креаирање вложувам многу трпение, љубов, време и огромно внимание посветувам на деталите, бидејќи секоја илустрација сама по себе е различна и носи некаква емоција.
Омилени светски илустратори и графички дизајнери?
Уффф… ги има многу…Но, како „eternal inspiration“ и дизајнери/илустратори на кои секојдневно им се восхитувам, би ги издвоила Paula Scher, Christop Niemann, Malika Favre, Alja Horvat и секако мојот професор по илустрација Зоран Кардула од кој што црпиме инспирација постојано.
Секој дизајнер се труди да е автентичен и препознатлив. Колку е тешко да се балансира својот начин на работа со барањата на клиентот?
Мислам дека ова е едно од потешките прашања. Ќе се потрудам да го одговорам од моја преспектива на работите. Се трудам да ја задржам автентичноста на мојот стил на работа во поголемиот број од случаите. Има клиенти на кои што тоа им се допаѓа, а има и такви кои имаат веќе прецизирано што сакаат, па најчесто тука се прават отсапки за да се дојде до посакуваниот резултат, иако се трудам и во такви ситуации да оставам нешто свое.
На што работите моментално и колку е тешко да сте креативни во услови на пандемија?
Моментално работам на неколку интересни проекти, кои се од големо значење за мојата понатамошна кариера како графички дизајнер. За мене искрено пандемијата беше само еден вид на „просветлување“ за да ги согледам работите и да се посветам сама на себе и на она што сакам да го работам. Она што ми е пасија. Инспирација добивам од сè околу мене, природа, луѓе и сл. Дизајнот е нешто со кое што треба да си опседнат 24/7 саати во денот, секој ден, да бараш нови начини како да ја искажеш својата креативност. Едноставно не престанувам да мислам на дизајн. Со цврста воља, љубов и упорност, сметам дека ништо не може да застане на патот до успехот.