Горјан го знаеме дека постојано вложува и се труди да го направи Скопје позелено и почисто и преку разни идеи, кампањи, проекти, иницијативи го подобрува животот на Скопјани. Дел е и од кампањата на Халкбанк „Иднината е светла“ и најважно од сè надева и работи на тоа за едно десет години од сега во Скопје да се дише чист воздух.
Ќе се навратиме на почетоците со Air Care, какво искуство собравте од создавањето на првата апликација како иноватор и низ годините како еко-активист и гласен поборник за решавање на проблемите на Скопје?
Искуството што го добив е незаменливио, од техничко, до социјално, до политичко. AirCare ме однесе на едно такво патешествие за кое не верував дека е можно на овие простори, но еве сме пример дека е. Научив како се програмираат мобилни апликации, како се прават системи што скалираат за голем број на корисници. Научив како се лобира со локални и национални институции. Научив како можеме заедно сите, од граѓаните, до организациите, до институциите заедно да се сплоитиме ако сакаме да почеме да решаваме некој проблем.
Според вашите идеи и заложби како наједноставно може Скопје да стане зелен град? Се соочуваме со уште една зима и загаден воздух. Каде го гледате решението на овој долгогодишен проблем?
Идеи има многу, имплементација фали. Од градски компостари за био отпад, до многу солидна вело-инфраструктура, до хипер мрежа на сензори за детекција на извори на аерозагадување, до зелени инвестиции во фотоволтации, до активирање на Зелениот катастар што го следи и регистрира зеленилото во градот, до сериозни и масовини казни за секој загадувач… можам да продолжам. Сите овие работи помагаат во драстично намалување на аерозагадувањето, и веќе еднаш засекогаш да го решиме тој проблем. Не сме единствени во светот, затоа наместо да се чудиме што да правиме, потребно е да ги следиме праксите, а еве веќе и ги имаме проектите што ќе помогнат за тоа.
Бевте дел од кампањата „Иднината е светла“ на Халбанк, како гледате на иднината од сегашна точка? Како го гледате градот за десет години од сега?
Како едно зелено, чисто, и сплотено Скопје. Каде што сите сакаме да живееме заедно, се грижиме за другите, се грижиме за околината, и навистина го гледаме нашиот дом и надвор од прагот на нашиот стан. Скопје е мојот дом, и ќе се грижам за него, како што се грижам и мојата дневна соба да е чиста, зелена и пријатна за престој. И секако, најважно од сè, ќе дишам чист воздух!
Живеевте во Холандија, но се вративте да ја продолжите својата работа тука. Што најмногу ве влече кон Скопје, каде се чувствувате најсвој?
Холандија и Амстердам беа супер искуство, и на сите им препорачувам да излезат надвор од Балканот барем на кратко, да видат што се случува надвор од нашиот балон на живот. Со тоа добиваш инспирации, идеи и начини како може тие добри пракси што ги гледаме во странство, да ги примениме кај нас. Искрено Скопје е мој дом, и секогаш ќе сакам да го подобрувам. Замислете ако на неколку години се вратиме сите од странство, и ги примениме добрите пракси тука, колку нагло ќе може Скопје да се претвори во еден прекрасен европски град! Епа тоа беше мојата цел со моето враќање тука, и тоа го правам секој ден 🙂