Зад Инстаграм профилот за храна и одлични рецепти, @kokarche, е Добрица Насевиќ, по професија архитект и ентузијаст за создавање на естетика со минимални средства.
@kokarche ѝ припаѓа на една необична пролет и е бележник на успешните обиди во кујната на едно семејство. Подготовката на храна и нејзиното фотографирање се производ на акумулираната креативна енергија во пандемиски услови, а задоволството од процесот е насочено кон сите сетила. Прочистениот контекст во визуелната претстава на хранaта се обидува да игра со човековата способност да конзумира со око, а крајната цел е пренесените искуства да станат и нечии други.
Клафути (Clafoutis) е традиционален француски десерт кој потекнува од областа Лимузен. Според оригиналниот рецепт, клафути се прави со цели цреши сосе семки. Семките содржат бензалдехид, супстанца која е присутна и во екстракт од бадем, па затоа при печење му даваат комплементарна нота на колачот. Но, од практични причини, а особено доколку се служи и на деца, најдобро е семките да се отстранат, а аромата да се компензира со додавање на вистински бадеми како завршен слој. Овој пролетно-летен десерт е многу лесен за подготовка, не бара некаква посебна опрема или апарати и секој може да го направи. Состојкие не чинат многу, потребните намирници се секојдневни и сезонски и најважно од сѐ, освежителен е и вкусен. Освен со цреши, клафути може да се направи и со друго овошје, со прилагодување на количината на шеќер во зависност од киселоста на овошјето: вишни, малини, капини, рибизли, кајсии, праски, круши, сливи, …
Потребно време за подготовка:
45 минути (15 минути + 30 минути за печење)
Потребни состојки за 8 порции:
- 600 г цреши (се добиваат околу 480гр без семки);
- 30 г путер;
- 4 јајца;
- 200 мл млеко;
- 100 г брашно;
- 60 г шеќер (кристал или во прав);
- 1 лажичка екстракт од ванила;
- Прстофат сол;
- Шеќер во прав (по желба);
- Путер за премачкување; и
- 30 г сурови бадеми.
Потребна опрема:
- Огноотпорен стаклен или керамички сад или тавче за печење со дијаметар 26см;
- Алат за вадење семки;
- Мало тенџере со дебело дно за топење на путерот;
- Длабок сад;
- Жица за матење;
- Цедалка (или мало сито).
Подготовка:
- Рерната се загрева на 210°C;
- Црешите се мијат и се чистат од семки (наместо алат за вадење семки може да се користи цевче за пиење сок);
- Бадемите се сецкаат во вид на листови;
- Опционално: Пред да се исецкаат, бадемите може да се бланшираат за подобар вкус. Се потопуваат во вода што врие и се оставаат 60 секунди. После тоа веднаш се измиваат со ладна вода и се лупат. Краткиот третман со жешка вода овозможува лушпата лесно да се издвои;
- Се растопува путерот;
- Во длабок сад се мешаат брашното, шеќерот и солта. Постепено со мешање се додаваат прво јајцата (претходно разматени), а потоа екстрактот од ванила и млекото. На крај се додава и растопениот путер;
- Тавчето за печење се обложува убаво со путер, а потоа дното се наросува со шеќер во прав со помош на цедалка или мало сито. Со потчукнување на тавчето шеќерот се распоредува рамномерно по целата површина;
- Исчистените цреши се редат во еден слој и врз нив се истура смесата од јајца, брашно, млеко и шеќер. Најгоре се редат бадемите;
- Се става да се пече, 10 минути на 210°C, а потоа уште 20 – 25 на 180°C (додека не се зарумени);
- Испечениот колач се наросува со шеќер во прав. Може да се послужи топол или изладен, како десерт со крем или сладолед, но и како лесен доручек.
Bon appétit! 🙂