Поради светската пандемија на Ковид 19 огромен број на луѓе се приморани да се постојано во своите домови, да се борат со своите стравови и лоши мисли. Од целата ситуација со вирусот кој нè затвори дома, ни ја ограничи слободата и директно влијаеше на нашите животи, согледавме неколку работи. Светот е полн со прекрасни, креативни луѓе, кои во новонастаната ситуација наоѓаат начин својата креативност, да ја претворат во движечка сила и инспирација за сите останати. Па така, многу поединци преку социјалните мрежи почнаа различни предизвици, приспособени за домашни услови, во кои најчесто се задава некоја задача која треба да ја исполнат учесниците. Овие предизвици колку и да изгледаат на прв поглед наивно и безначајно, играат една многу важна улога, го јакнат колективниот дух во овие тешки моменти. Кон предизвиците многу брзо се приклучија различни институции, медиуми, организации и др.
Од сите последниов месец, најмногу ми се допадна предизвикот на познатиот музеј „J.Paul Getty“ од Лос Анџелес кој ги повика сите љубители на уметноста да се приклучат и да ги репродуцираат своите омилени уметнички дела, користејќи сѐ што ќе пронајдат дома. За многу кратко време огромен број на луѓе одговорија на нивниот предизвик и социјалните мрежи беа преплавени од светски познати уметнички дела, репродуцирани со секојдневни предмети. Некои од нив беа навистина пресмешни, а сите заедно сѐ преубав доказ дека уметноста секогаш ги буди најубавите чувства кај човекот и ги разубавува нашите животи.
Насловна фотографија : Yulia Timoshkova