Дарко Алексовски e визуелен уметник. Неговата уметничка практика се формира на пресекот помеѓу текстуални, сликарски и архитектонски референци. Неговиот креативен процес е секогаш насочен кон дела во кои тој овозможува ситуации што физички и ментално ја вклучуваат публиката. Во оваа смисла делата директно кореспондираат со околината и условите во кои се изложени и честопати тргнуваат од неговите секојдневните искуства како уметник. Меѓу другото, неговите уметнички интереси ги вклучуваат и институционалната критика и долгорочните соработки со други уметници.
Artists’ Archive (2017) PrivatePrint Студио, Скопје.
Фотографија: PrivatePrint
Мојата уметност би ја претставил како… склоп од многу елементи и делови кои некогаш успешно, а некогаш помалку успешно пробувам да функционираат. Мислам дека суштински за она што јас го работам е дека се занимавам со визуелни наративи и раскажување во слики. Голем дел од проектите ги развивам и изложувам со намера да бидат партиципативни, односно на некаков начин да ја вклучат публиката во обликување или дополнување на делата.
Инспирација наоѓам во… убаво раскажани приказни, без разлика дали се преку слика, напишани во книга, отсвирени преку музика или снимени со камера. Всушност, многу ретко работам чисто од инспирација, и најчесто тоа се дела што не излегуваат надвор од атељето. Основни работни принципи ми се континуитет и дисциплина, така што секој ден имам одредена временска рамка во која работам на или со уметност, па делата и идеите произлегуваат од самата практика, некогаш рационално, а некогаш и случајно.
Never Not in Love (2019) PrivatePrint Студио, Скопје.
Фотографија: Зоран Шекеров и PrivatePrint
Техниката што ја користам најчесто… e најверојатно цртеж на хартија. Најчесто работам на дела и проекти кои вклучуваат различни уметнички медиуми, некогаш работам и интердисциплинарно и истражувачки, така што не можам да издвојам еден медиум или техника. Но, кога почнувам со размислување или конкретна работа за некое дело вообичаено цртам и го користам цртањето како метод за размислување и развивање идеи, така што од сите техники можам да го издвојам цртањето на хартија. Иако цртежите што ги правам на овој начин се во голем квантитет, сепак се дела што засега немам намера да ги изложам во некаква структурирана форма.
Преку моите дела се обидувам да пренесам… субјективни видувања за нештата и состојбите околу мене, колективни емоции кои ги делам заедно со целата моја генерација, носталгија за непознати места и луѓе, невозвратени чувства, приказни од историјата на мојата фамилија, приказни од моето детство и приказни од мојата сегашност. Исто така, колку што сакам да пренесам во моите дела, толку се обидувам и да скријам, така што и оставам простор на публиката да ја состави целата слика преку информации свесно распоредени низ цела серија дела или во неколку проекти посебно. Избегнувам дизајнерски да работам дела кои се формалистички, во кои сѐ е јасно уште при првото гледање и кои не содржат прашања во својата структура.
Nocturne (2007) Архива на PrivatePrint, Скопје.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добил… беше цел куп разговори и пораки во врска со мојата серија дела „Љубовни писма на осаменоста“ за тоа како луѓе што ги прочитале за време на изложбата посакувале или да ги добијат упатени до нив или како би сакале некому да ги испратат. Најголемо задоволство ми е кога луѓе на субјективно ниво ќе се поврзат со некое мое дело.
Мојата улога како уметник во општеството… ја замислувам низ перспектива на одговорноста како визуелен уметник во моите дела да оставам простор да се слушне гласот на луѓето што можеби немаат простор за тоа. Од една страна секогаш работам на тоа моите изложби да се инклузивни и безбедни места за отворање дијалози кои се општествено ангажирани и дискурзивни. А, од друга страна, се обидувам уште при конципирање на делата и изложбите да вклучам идеи и прашања што експлицитно или суптилно ќе ги предизвикаат општествените норми, односно ќе отворат простор за поинакво толкување и промислување на одредени етаблирани појави. Мислам дека уметноста денес треба да биде многу повеќе од исклучиво комерцијален производ или да се сведе на „убави дела“, така што преку мојата практика континуирано се обидувам да ги преиспитувам овие неколку суштински аспекти за релацијата помеѓу уметноста и општественоста.
Твојот проект од соништата… e да изложувам заедно со Трејси Емин [Tracey Emin].
Growing (2016) PrivatePrint Студио, Скопје. Фотографија:
Петар Тасевски