Петар Аврамоски е фотограф кој веќе неколку години активно се бави со фотографија. Дипломиран инжинер по индустриски дизајн со повеќегодишно искуство како графички дизајнер во полето на дигиталните медиуми и модната индустрија, а неговата љубов кон фотографијата ја започнува аматерски за подоцна да биде дел од дуото Tone Bandits, кои се појавуваат како пионери во андерграунд клубската фотографија. Портрети, пејзажи, архитектура, концерти е тоа што најмногу сака да фотографира. Во последно време преку своите фотографии ни ги пренесува убавините од помалку достапните предели низ Македонија, од една поинаква перспектива. Фотоапаратот го замени со дрон и вели дека тоа е негова нова пасија. Себе си се опишува како вечен ученик на уметноста, gadget geek и човек кој е секогаш желен за нови знаења.
За фотографирање се заинтересирав… сосема спонтано и аматерски, кога го добив мојот прв дигитален апарат, познатите т.н. „идиотчиња“ за средношколската екскурзија во Италија. Се сеќавам дека фотографирав што стигнам не знаејќи апсолутно ништо за фотографија, но сосем вивидно се сеќавам на многу моменти од тогаш како природно, окото ми бараше симетрија и композиција во кадрите. Тогаш тоа го гледав како еден канал за изразување на креативноста, а дел од тие фотографии и денес тврдам дека изгледаат супер за еден апсолутен аматер. Подоцна сфатив дека фотографијата е уметност сама по себе, ако правилно се твори.
Инспирација за фотки добивам од… од моето расположение, од магичната природата која што сè повеќе ме воодушевува, од спонтаните моменти, збунетоста на луѓето, од случајно изнудена насмевка и духот на улиците.
Фотографијата има моќ да… да те натера да се заљубиш, онака сосема наивно да се фатиш во вртлогот од емоции и да заборавиш на светот околу тебе. Има моќ да ги вивне сите оние од светот заборавени приказни и да ја прикаже кршливоста на човечкото битие. Има моќ да избрише илјадници километри и да те однесе на места што речиси и да не веруваш дека постојат, да те зближи до луѓе што не ги познаваш, да си во првите борбени редови на нечија револуција, да ги слушнеш гласовите на публиката кои во еден глас пеат со музичарите, да навлезеш во нечија приватност бар за момент, да ја порекне теоријата дека патување низ времето не е возможно и да те наврати на моменти заборавени од твојот живот или моменти од историјата и минатото.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… кога зборуваме за колеги фотографи, морам најпрво да го спомнам братот бандит, Филип Ѓорѓиоски (линк) кој што спонтано ме повлече во морето на фотографијата и ми ги покажа сите техникалии.Сеуште е моја голема инспирација за тоа што го креираме заедно, како Tone Bandits. Тука се и многу други наши и странски фотографи како: Александра Костадиновска, Стефан Рајхл, George Steinmetz, Steve McCurry, Mirko Tabasevic, Theo Skudra, Nadia Lee, Alessio Albi…
Со дрон почнав да фотографирам… пред неколку месеци, за прв пат, кога го купив мојот дрон DJI Mavic Mini, барајќи нишка инспирација од двомесечниот карантин и можам да кажам дека беше една од најдобрите одлуки воопшто направени.
Љубовта кон планинарењето ми донесе… видици кои никогаш не би ги видел од подножјето, можност да појдам на места во нашата држава на кои претходно не би помислил дека постојат, душевен зен кога сум во допир со природата, гради полни со чист воздух, излегување од комфорт зоната на градската џунгла и впуштање во нови авантури, нови видици и реосмислување на јас, како фотограф.
Најомилено место за планинарење во Македонија… Шар Планина, затоа што неколку пати таму планинарев, а тоа е речиси помалку од 1% од тоа што има да се види таму, а верувајте дека е прекрасно. На момент целосно можеш да изгубиш перспектива и да помислиш дека се Алпите, а не Македонија.
А за фотографирање… Мокра Планина со Солунска Глава (планинскиот масив од Јакупица, Караџица, Даутица и Китка) затоа што се гледа ама баш секој крај на Македонија, Трескавец во близина на Прилеп – има нешто во тоа место што не го остава никој рамнодушен, Крушево – еден од моите омилени градови, улиците низ Скопје зошто секоја улица, секое маало си има своја уникатна приказна.
Неостварена желба ми е… да фотографирам за National Geographic обработувајќи теми од социјален карактер низ места во Африка, фармерите во Колумбија, сиромаштијата во Куба. Иако тоа можеби е некој long shot, ми е сон што сакам да го остварам. И да пренесам уникатни приказни преку фотографија од Македонија, зошто ако го тргнеме тепихот, ќе видеме дека и кај нас има заборавени приказни игнорирани од државата чиј глас никогаш не ги допрел насловните страни на весниците.
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на фотографите… мислам дека се одлична платформа која што фотографите може да ја искористат за нивните дела да допрат до пошироката публика и платформа на која организациите би дале поттик на фотографите за творење и взаемни соработки.
Проект/фотограф со кој би сакал да работам е… би сакал да работам со Тео Скудра како ”behind the scenes” фотограф на некој од неговите музички спотови или како ”tour photographer” на Pearl Jam. Проект на кој би сакал да работам би го нарекол ”Ordinary people – extraordinary worlds.” Верувам дека постојат приказни што заслужуваат да се пренесат и лица што треба со светлина да се нацртаат.
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно… да ја пронајде својата „азбука“ преку која ќе креира „зборови и приказни“ – читај фотографии. Неговиот јазик да е лично негов, а сепак изграден по принципите на фотографијата. Да знае да го пронајде каналот преку кој идејата, инспирацијата и окото комуницираат за да креираат една фотографија и да биде желен без его, да учи од поискусните.