За фотографирање се заинтересирав… пред околу една декада. Сега кога ќе си го кажам тоа на глас, звучи и изгледа подолго од што мислев. Како и да е, ми се чини дека на 16 годишна возраст започнав со фотографирање, најпрво доста аматерски, а сигурен сум од сегашна перспектива дека било и доста грешно. Потоа на 17 години започнав да фотографирам по ноќните клубови низ Прилеп, за портал кој мислам и дека повеќе не постои. Мислам дека уште од тогаш ми започна таа специфична работа со луѓе.
Во неколку зборови би се опишал себе како… трпелив, смирен и интровертен креативец.
Инспирација за фотки добивам од… живиот физички свет и брзиот живот низ Скопје. Најголемиот дел од времето сум стациониран низ Скопје, па тоа ми помага постојано и постојано да барам нови места за урбано истражување.
Фотографијата има моќ да... изрази емоција. И тоа не само човечка емоција, туку и емоцијата на самата природа, на самата архитектура, на нејзината состојба, на нејзината ситуација. Поттикнува за поинакви видици, поинакви места за посета, поинаква перспектива на самиот објект. Им дозволува на оние кои ја гледаат фотографијата, да погледнат низ око или можеби низ мислите на креаторот.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Петар Аврамоски (https://www.instagram.com/ernesto_petar/) како мој колега бандит во Tone Bandits (https://www.instagram.com/tonebandits_/), нешто што заедно го градиме веќе трета година и се обидуваме да воведиме различен стил во фотографијата.
Стефан Рајхл (https://www.instagram.com/stefan.rajhl/) како ветеран во концертната и фестивалската фотографија. Најверојатно личноста поради која правилно се моделирав при однос со клиенти и пристапување на проблемот.
Христина Трајкоска (https://www.instagram.com/htrajkoska/ ) како колешка фотограф која ми е репер кога станува збор за портрети.
Елена Фиданска (https://www.instagram.com/fidanska/ ) како првата учителка на која се огледував и посакував да бидам како неа, за на крај да соработуваме на неколку прилики.
Mike Meyers (https://www.instagram.com/mmeyers76/ ) е можеби мастерот на урбаната фотографија во Chicago кој ми претставува наредно скалило што сакам да го достигнам.
Daniel Bronshteyn (https://www.instagram.com/guywithacamera415/) како инспиративен лик поради двете мои пасии: фотографијата и автомобилизмот. Мислам дека е очигледно зошто го почитувам него.
Неостварена желба ми е… да го посетам Токио, да ги фотографирам сите неонски знаци, сите огромни пешачки премини, масивната архитектура и динамичниот урбан живот. Со оглед на ситуацијата е огромен знак прашалник дали некогаш ќе се случи тоа, но желбата си останува.
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на фотографите (да/не)… Со оглед на начинот на функционирање на социјалните мрежи (поконкретно Инстаграм) и воведувањето на новите алгоритми за прикажување на новиот контент, многу е тешко да се одговори прашањето. Соодветно место е, да, доколку се почитуваат полисите, доколку се одржува некаква активност, дури и до степен да се промовираат самите постови. Стандардите ни се така поместени, што се случува и некоја фотографија што е навистина квалитетна и ни нуди некаква битна информација / порака / приказна да ја пропуштиме.
Проект/фотограф со кој би сакал да работам е… Фотограф: Александар Мијатович од Белград е еден од фотографите со кој сакам да работам (https://www.instagram.com/mijatovich_photography/). Иако свадбената фотографија е дијаметрално спротивно од мојот стил, начинот на доловување на емоциите, нивото на спонтаност во крајниот резултат како да не постои фотограф и начинот на постпродукција на фотографиите е она што ме тера да соработувам со него. И тоа се совпаѓа со описот за себе што го кажав уште во второто прашање Проект: EXIT Festival или фестивал од сличен калибар. Не мора да биде ни ангажман од некој клиент специјално за самиот настан. Радо би го направил тоа и за своја душа. Фотограф: Жарко Чулиќ 🙂
Искуството низ годините ме научи… дека е потребно да се цениш првично себеси кога станува збор за своите креативни дела. Дека треба да продолжиш да се обидуваш, да продолжиш да грешиш, да се издигнеш од таа грешка, да си изградиш свој стил, да се градиш и можеби најбитното – да не се форсираш.
Најмногу сакам да фотографирам… улична фотографија дефинитивно. По можност кога е облачно 🙂 Има нешто во тие згаснати, скоро десатурирани тонови, кои прават целосно да можам да се изразам. Зградата е централно поставена и времето е облачно? Одлично, тоа има страшен потенцијал низ моето око. Имам пробано и пејзажи, посебно на директна сончева светлина, но имам забележано дека не можам баш да се снајдам и не ми прилега стилот. Тоа што го работиме заедно со Петар под Tone Bandits е сосема друг стил и спаѓа под ноќен живот, концертна фотографија.
Омилен дел од Скопје/Македонија ми е… од Скопје можам слободно да го издвојам Градски ѕид. Мислам дека секоја направена фотка со кулите или ниските блокови на Градски ѕид била добитна со оглед на неговата поставеност и естетика. Но дефинитивно и секој останат бруталистички објект се вклопува во стилот. А од Македонија, некако во моментов ми е омилена пештера Пешна. Секој пат кога ќе ја посетам ја имам истата најзачудена реакција.
Најчесто на Инстаграм пребарувам… ноќна фотографија и потемни тонови, птичја перспектива на градови, поставеност на булевари, long exposure, а се разбира и по некој автомобил 🙂
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно… да има идеја. Идејата е непробојна едноставно, и треба да се стои зад таа идеа. После тоа следуваат поспоредните работи како соодветна опрема и соодветен софтвер за пост продукција на делото. Постоеле и постојат мал милион случаеви каде што сум сретнал ултра скапа опрема, но без замисла и композиција, како и другата страна на спектарот каде се среќавам со почетници креативци со свежи и неконвенционални мисли и идеи.