Патувањето на Флета Селмани во светот на уметноста започнало од силната желба да ја изрази нејзината креативност.
„Како мало дете со часови цртав или боев. Подоцна, растејќи, сфатив дека илустрацијата, и воопшто уметноста, едноставно не е само хоби за мене. Затоа, решив да продолжам со студии во областа на уметноста и дизајнот со цел понатамошно развивање на моите вештини. Во текот на студирањето постојано барав можности да ја покажам мојата работа и истовремено да стекнам практично искуство. Учествував на повеќе изложби за студенти и млади уметници, на неколку работилници и следив онлајн курсеви. Овие искуства ми помогнаа да ги развијам моите вештини во областа на уметноста, а во меѓувреме да почнам да го создавам свој стил на илустрација“, ни објаснува таа.
Илустрацијата за неа служи како начин да ги изрази своите мисли, чувства и погледи на различни теми.
„Идеи и инспирација црпам од различни извори. Од секојдневниот живот, набљудување на луѓето, природата и светот околу мене. Особено сакам да создавам различни карактери и да си играм со нивната форма и пропорции, издолжувајќи, деформирајќи, зголемувајќи итн. Уживам во целиот процес на создавање, почнувајќи од скици до финална илустрација. Честопати, наоѓам инспирација и од литературата, филмовите и музиката. Истражувањето на различни дела и уметнички форми ми овозможува да откријам нови идеи и перспективи. Честопати се наоѓам себеси како визуелизирам сцени од книги или филмови, а тоа ја поттикнува мојата имагинација да создавам. Секојдневниот живот е постојан извор на материјал и инспирација за мојата работа. Многу важен аспект на илустрацијата е набљудувањето на нештата околу вас. Во мојата секојдневна рутина, обрнувам внимание на светот околу мене. Ги набљудувам луѓето и настаните околу мене, кои потоа често се наоѓаат во ликовите и наративите на моите илустрации. Уште повеќе, наоѓам инспирација во средини со кои се среќавам секој ден. Архитектурата на зградите, играта на светлината и сенката, боите на урбаните пејзажи или природните пејзажи – сите овие елементи влијаат на моите уметнички избори. Се обидувам да земам малку од сите овие средини и да ги вградам во моите илустрации“, вели Селмани
Покрај илустрацијата, се занимава и со разни други форми на креативна работа, графички дизајн, ,постери, експериментирање со композиции, бои и форми, а особено со типографија. Според неа
креативните блокади се природен дел од креативниот процес и тие можат да му се случат на секој уметник, вклучувајќи ги и илустраторите.
„Кога ќе наидам на креативна блокада, користам неколку стратегии за да помогнам да го надминам. Барам инспирација од различни извори, како што се уметнички книги, галерии или музеи, прелистувам онлајн уметнички платформи, па дури и гледам филмови и читам. Изложувањето на нови идеи и визуелни стимули е најдобриот начин за надминување на креативните блокади за мене. Исто така и експериментирањето со различни техники помага при соочување со креативни блокади. Испробувањето на различни техники, традиционални или дигитални, може да ја разбие монотонијата и да доведе до создавање на нови концепти. Друг начин е да водам дневник или книга со скици, во кои можам да правам скици, да запишувам идеи, мисли и да создавам концепти. Тоа е безбеден простор за експериментирање и може да послужи како инспирација кога се соочам со креативна блокада“, вели илустраторката.
Таа верува дека дека изложувањето на различни уметнички стилови и перспективи помага да ги прошири нејзините творечки хоризонти.
„Каприциозните и често мрачно хумористични илустрации на Дејвид Шригли ме воодушевуваат. Неговиот едноставен, но моќен визуелен јазик и неговата способност да пренесува сложени идеи со минималистички цртежи, ме инспирираат да ја прифатам едноставноста и да пронајдам начини да испратам пораки преку моите илустрации. Ме инспирира и Стефан Сагмајстер, познат графички дизајнер кој постојано ги предизвикува традиционалните норми. Неговиот експериментален и провокативен пристап ме охрабрува да истражувам неконвенционални техники. М. Ц. Ешер, познат по своите импресивни и сложено детални дела, ме фасцинира со неговото истражување на математичките концепти и оптичките илузии. Неговата способност ме инспирира да размислувам надвор од вообичаените граници и да експериментирам со визуелната перцепција. Покрај овие специфични уметници, следам и многу други илустратори, дигитални уметници и традиционални сликари. Ја следам нивната работа на платформите на социјалните мрежи, посетувам галерии и ги следам онлајн уметничките заедници“, завршува илустраторката.